170/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 јануари 2008 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 76 став 2 во делот

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од „Ремис“ Дооел-Охрид од Охрид, Градежно трговско услужно друштво увоз-извоз „Трим Струга“ ДОО од Струга; „Лоте компани“ од Охрид; „БЛ-БО Карадак“ Дооел од Охрид и „Три ортаци“ Дооел од Охрид, со Решение У.бр.170/2007 од 19 декември 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 76 став 2 во делот „и истиот не може да биде постаро од три месеца“ од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во делот V од Законот, кој се однесува на „Посебни одредби за овластувањата и работењето на нотарите“, под наслов „полномошно“ е предвиден членот 76 кој гласи:

(1) Во постапката пред нотар, за правни работи за кои тоа по закон е дозволено, учесникот може да преземе дејствија преку полномошник, доколку истиот приложи уредно полномошно.
(2) За правните работи од ставот (1) на овој член со кои се врши располагање или оптоварување на имот на властодателот, полномошното мора да биде специјално, изрично да бидат наведени дејствијата кои може да ги презема полномошникот и истото не може да биде постаро од три месеца.

5. Согласно членот 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7 од Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 30 ставовите 1 и 3 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување и никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Со членот 55 став 1 и членот 58 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.

Законот за нотаријатот во членот 1 го определил предметот на уредување на овој закон, во кој меѓу другото е и уредувањето на делокругот на работа и овластувањата на нотарите.

Според членот 2 став 1 од овој закон, нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања врз основа на закон, по барање на граѓаните, државните органи, правните лица и други заинтересирани институции.

Во V дел од Законот, кој се однесува на „Посебни одредби за овластувањата и работењето на нотарите“, во однос на одредбите за „нотарски акти за правни работи“, со членот 42 е определено дека нотарскиот акт е задолжителен за: а) договори за уредување на имотните односи меѓу брачните другари и меѓу лицата кои живеат во вонбрачна заедница; б) договори за подарок без предавање на предметот во владеење на даропримачот; в) секој акт за основање, организирање, престанок, статусни и промени на правни лица кои вршат стопанска дејност, институции, фондации и други органи, освен трговските друштва; г) сите правни работи кои ги преземаат слепи или глуви лица кои не знаат да читаат или неми лица кои не знаат да пишуваат, и д) договори за располагање со имот на малолетни лица и лица на кои им е одземена или ограничена деловната способност.

Со одредбите од ставот 1 на овој член од Законот, не се задира во одредбите на овој или друг закон според кои за важноста на правната работа е потребно исправата за нив да ја состави суд или нотар.

Според членот 43 став 1 од овој закон, нотарскиот акт е извршна исправа, а според ставот 2, ако нотарскиот акт од овој член е составен врз основа на полномошно, тоа мора да биде заверено и приложено во оригинал или заверен препис направен од нотар кој го изготвува актот.

Во ставот 8 од овој член од Законот е утврдено дека судот ќе го одложи извршувањето во случаите кога ќе утврди дека при составувањето или издавањето на нотарскиот акт не се почитувани условите кои мораат да бидат исполнети за тој акт да добие сила на јавна исрава или за да стане извршен.

Во постапките пред нотар, за правни работи за кои тоа по закон е дозволено, учесникот може да преземе дејствија преку полномошник, доколку истиот приложи уредно полномошно, во согласност ставот 1 од членот 76 од Законот.

Со оспорената одредба од ставот 2 на членот 76 од Законот е уредено дека за правните работи од ставот 1 на овој член со кои се врши располагање или оптоварување на имот на властодателот, полномошното покрај тоа што мора да биде специјално и изрично, истото не може да биде постаро од три месеца.

Од анализата на одредбите на Законот за нотаријатот Судот утврди дека законодавецот ги нормирал постапките пред нотар и нотарските акти кога тие претставуваат извршна исправа на странките.

Поврзаноста на нотарскиот акт, странката (како властодател на полномошно на друго лице) и другата страна во правното дело, и извршноста на нотарскиот акт, се елементи кои според Судот неодвоиво мораат да се разгледуваат во контекст на одредбите од Законот за облигационите односи, заради следење на принципот на владеењето на правото во правниот поредок на Република Македонија, од аспект дали временското лимитирање на важноста на полномошното по сила на закон го доведува во прашање наведениот уставен принцип и други норми од Уставот.

Според одредбите од Законот за облигационите односи, полномошното се дефинира како овластување за застапување што властодавецот со правна работа му го дава на полномошникот и формата пропишана со закон за некој договор или за некоја друга правна работа важи и за полномошното за склучување на тој договор. Потоа, полномошникот може да ги презема само оние правни работи за чие преземање е овластен, а властодавецот може по своја волја да го стесни или да го отповика полномошното. Исто така, полномошното престанува со престанокот на правното лице како полномошник или смртта на полномошникот, или со престанок на правното лице како властодавец или смрт на лицето кое го дало овластувањето, освен ако започнатата работа не може да се прекине без штета за правните следбеници или ако полномошното важи и во случај на смрт на давателот, по негова волја или со оглед на природата на работата.

Тргнувајќи од анализа на уставните и законските одредби Судот утврди дека со определбата во оспорениот член 76 став 2 од Законот за нотаријатот, важноста на полномошното да трае три месеци кога во постапките пред нотар странките вршат со правна работа располагање или оптоварување на имот, се повредуваат одредбите од членот 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7 од Уставот кои се однесуваат на владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слобдата на пазарот и претприемништвото, членот 30 ставовите 1 и 3 од Уставот со кои се гарантира правото на сопственост и правото на наследување и никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои призлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, како и членовите 55 став 1 и 58 став 1 од Уставот, со кои се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото и сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.

Ова поради тоа што овие уставни норми не даваат уставен основ законодавецот без постоење на јавен интерес, да регулира по сила на закон ограничување на правото на граѓанинот да располага со сопственоста односно да презема правни работи со кои ќе врши располагање или оптоварување на имотот во сопственост, сам или преку полномошник, во постапките пред нотар, во време и на начин кои тој ќе ги определи.

Според Судот, правната важност и извршноста на нотарскиот акт за имотните правни дела на кои се однесува членот 76 од Законот за нотаријатот, всушност се доведуваат суштински во прашање исклучиво од намерата на законодавецот да се меша во времетраењето на полномошното, како во ставот 2 од наведениот член на Законот, надвор од волјата на субјектите во правото.

Притоа, треба да се има предвид дека властодателот делувајќи во доменот на своите имотни права и интереси може да го стесни или отповика полномошното и да раководи со дејствијата поврзни со обемот и времетраењето на полномошното во договор со лицето кое е полномошник и во зависност од условите кои по закон се дозволени за преземање на дејствија преку полномошник.

Оттука, Судот утврди дека оспорената одредба од членот 76 став 2 во делот „и истото не може да биде постаро од три месеца“ од Законот за нотаријатот, не е во согласност со Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.170/2007
30 јануари 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски