188/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Репуб­лика Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 јануари 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на делот
нија“ бр.76/2004, 5/2007 и 8/2007).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делот од членот 2 став 1 од Законот за политичките партии означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот член 2 став 1 од Законот не правел јасна разлика помеѓу политичките партии од една страна и здруженијата на граѓани од друга страна, бидејќи политичките партии постоеле за остварување и заштита на политички и други права и уверувања и заради учество во процесот на донесу-вањето на политичките одлуки во учеството во власта. Здруженијата на граѓани постоеле заради остварувањето и заштитата на економските, социјалните, културните и други права и интереси на што укажувал и членот 2 став 1 и членот 3 од Законот за здруженијата на граѓаните и фондациите. Исто така, ако политичките партии се непрофитни органи-зации, како што било предвидено во членот 9 став 1 од Законот за политичките партии, тогаш подносителот на иницијативата смета дека партиите не можеле да се борат за остварување и заштита на еконо-мските права и интереси.

Според тоа, оспорениот дел од одредбата не бил во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 20 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека, според членот 2 став 1 од Законот за политичките партии, политичката партија е доброволна организација на граѓани, формирана за остварување и заштита на политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања и заради учество во процесот на донесување на политички одлуки при учество во власта. Одредбата се оспорува во делот: „економски, социјални, културни“.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 5 од Уставот на Репу-блика Мекедонија, владеењето на правото и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 20 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања (став 1). Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат (став 2). Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и на политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повик на воена агресија или разгорување на национална, верска или расна омраза или нетрпеливост (став 3). Забранети се воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија (став 4).

Според членот 9 став 1 од Законот за политичките партии, политичките партии се непрофитни организации.

Според членот 2 од Законот за здруженија на граѓани и фондациите, („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/1998 и 29/2007), граѓаните слободно можат да се здружуваат во здруженија на граѓани и да основаат фондации заради остварување и заштита на економски, социјални, културни, научни, стручни, технички, хумани-тарни, образовни, спортски и други права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и законот (став 1). Здруженијата на граѓани и фондациите се непрофитни организации (став 2). Ако во работењето на здруженијата на граѓани и фондациите се оствари добивка, таа мора да биде употребена исклучително за поддржување и остварување на нивните цели и активности утврдени со статутот (став 3).

Според членот 3 од истиот закон, здруженијата на граѓани и фондациите не можат да вршат политички активности или да го користат својот имот и средства за остварување на цели на полити-чките партии (став 1). Како политичка активност во смисла на ставот 1 на овој член се подразбира директно учество во изборната кампања или собирање на средства за изборната кампања и финансирање на политичките партии (став 2).

Тргнувајќи од анализата на членот 20 став 1 од Уставот произлегува дека во оваа одредба е определено дека граѓаните можат да се здружуваат за остварување на политичките, економските, социјалните, културните и другите права и уверувања и за нивна заштита, што всушност се можни цели на здружувањето. Притоа, ниту во оваа ниту во која било друга одредба од Уставот не е определено дека некоја од наведените цели ќе се остварува преку делувањето во политички партии, здруженија на граѓани, фондации или други облици на здружување. Исто така, слободата на здружување не е условена со дејствување исклучиво само во областите набројани во членот 20 став 1 од Уставот, бидејќи истата се остварува низ однапред недефиниран број на потреби и интереси кои меѓу себе се испреплетуваат и дополнуваат.

Понатаму, политичките партии и здруженијата на граѓани се двата организациони облици на здружување на граѓаните кои се дадени во ставот 2 на членот 20 од Уставот.

Врз основа на наведеното, јасно произлегува дека и според Уставот и според законите постојат два организациони облици на здружување на граѓаните кои се разликуваат едни од други.

Имено, дејствувањето на политичките партии не може да се разбере само како активност насочена исклучиво кон политички цели или остварување на политички права, бидејќи ваквиот начин на гледање е тесен и необјективен, затоа што нивното дејствување е присутно во сите облици на јавниот живот што е всушност содржи-нската, материјалната страна на политиката и политичкото дејству-вање. Всушност политиката е вештина на владеење со луѓето, освоју-вање на власта и нејзино вршење која се остварува преку реализација на програмските принципи и темелни вредности на програмските цели на партиите. Во таа смисла политичките партии се препознатливи или се разликуваат во зависност од тоа кон што тежнеат нивните програ-мски цели, кон што го ставаат тежиштето на своето делување, со цел освојување и одржување на власт. Некогаш тие тежнеат кон оства-рување и заштита на индивидуалните слободи и права, социјалната рамноправност на граѓаните, економски развој и благостостојба и така натаму од каде слободата на здружување во политички партии не може да се ограничи само на остварување и заштита на политичките права и слободи, туку таа се движи и кон остварување на економски, социјални, културни и други права се со цел освојување и одржување на освое-ната власт.

Според тоа политичките партии се еден од демократските инструменти преку кои политичките, економските, социјалните, културните и други слободи и права се трансформираат од волја на граѓаните во државна волја, или партиите како доброволни форми на здружување на граѓаните-истомисленици имаат за цел да ја спроведат својата политичка волја во реалност.

Целта пак на здруженијата на граѓаните и фондациите е да извршат влијание врз носителите на власта заради остварување и заштита на економски, социјални, културни, научни, стручни, технички, хуманитарни, образовни, спортски и други права, интереси и уверувања.

Оттаму, политичките партии првенствено влијаат кон граѓаните, а здруженијата на граѓаните и фондациите кон носителите на власта заради остварување на своите цели. Овие два облика на здружување, утврдени во ставот 2 на членот 20 од Уставот се слични во многу области на нивните активности и можно е во текот на своето делување да се трансформираат од еден во друг организационен облик на делување. Заедничко, пак и за политичките партии и за здруженијата на граѓаните е што нивните програми не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката, кон поттикнување или повик на воена агресија или разгорување на национална, верска или расна омраза или нетрпеливост, или кон формирање на воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија што преставува единствено ограничување на слободата на здружување според членот 20 ставови 3 и 4 од Уставот.

По однос на наводот од иницијативата дека остарувањето на економските цели е резервирано само за здруженијата на граѓаните и фондациите, како непрофитни облици на здружување, Судот оцени дека е неоснован.

Имено, тргнувајќи од содржината на цитираните законски одредби произлегува дека политичките партии исто како и здруженијата на граѓани и фондациите се утврдени како непрофитни организации. Оттука, тие не можат да остваруваат профит како и да вршат негово оплодување или пак трошење. Меѓутоа, економски цели во смисла на оспорениот дел од одредбата преку нудење на програми за разновидни мерки насочени кон подобра економска состојба на граѓаните, а со тоа и кон поголема економска моќ на државата не се во спротивност со Уставот.

При ваква состојба не може да се постави и прашањето за согласност на оспорениот дел од законската одредба со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот.

Оттаму, според Судот, оспорениот дел на членот 2 став 1 од Законот за политичките партии е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 20 и член 51 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа­те­лот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.188/2007
30 јануари 2008 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски