71/2007-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 јануари 2008 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА насловот, во делот „заштита на авторските права и“, член 1 став 1, во делот „заштита на авторските права и“, член 2 став 1 точка 1, во делот „објавување“ и членовите 14 – 23 од Правилникот за заштита на авторските права и распределба на авторските надоместоци, бр.526-1-03, донесен од Собранието на Здружението за заштита на авторски музички права ЗАМП на 12 октомври 2005 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/2007).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Славе Димитров од Скопје, со Решение У.бр.71/2007 од 5 декември 2007 година поведе постапка за оценување на законитоста на одредбите од Правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со член 139 и член 147 став 1 од Законот за авторското право и сродните права.

4. Судот на седницата утврди дека Правилникот означен во точка 1 од оваа одлука е донесен врз основа на член 172 од Законот за авторското право и сродните права – пречистен текст („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2005).

Насловот на Правилникот е „Правилник за заштита на авторските права и распределба на авторските надоместоци“.

Во член 1 од Правилникот се определува дека „Правилникот за заштита на авторските права и распределбата на авторските надоместоци ги утврдува основните начела за заштита на авторите на музички несценски дела и другите носители на авторски права кои се членови на Здружението за заштита на авторски музички права, односно кои ЗАМП ги штити врз основа на добиените овластувања, согласно Законот за авторското право и сродните права на Република Македонија, како и постапката за распределба на авторските надоместоци“ (став 1). „Правилникот исто така ги содржи и начините на вреднување на авторските дела и постапките за правилна распределба на авторските надоместоци“ (став 2).

Во член 2 став 1 точка 1 од Правилникот се предвидува дека „Здружението за заштита на авторски музички права ја остварува колективната заштита на авторските музички права и тоа права од објавување, јавно соопштување и друго користење на објавени музички несценски дела (мали права)“.

Членовите 14-23 од Правилникот се систематизирани во посебно поглавје насловено како „Авторски музички права“ и се однесуваат на тоа дека „авторското право му припаѓа на авторот на делото или на неговите наследници односно на физичките или правните лица на кои според Законот им се пренесени авторските права“ (член 14), дека музичкото дело може да биде различно и создадено од повеќе лица, па доколку постои спор за авторство, тоа се решава по судски пат (членовите 15-17), дека „авторското право во целина е непреносливо“ (член 18), „авторот не може да ги пренесе моралните права на други лица“ (член 19), „авторското право трае за време на авторовиот живот и 70 години по неговата смрт…“ (член 20), „правото на авторски надоместок … е наследно…“ (член 21), дека авторски музички права се и права од јавно соопштување на несценски музички дела (симфониска, камерна, солистичка, хорска,… музика), како и фрагменти од музичко-сценски дела ( опери, балети,…),…(член 22), дека „коавторите од другите авторски гранки уживаат заштита на своите авторски права кога за тоа имаат одобрение од авторот…“ (член 23).

Според член 147 став 1 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија бр. 47/1996, 3/1998, 98/2002 и 4/2005), „Здружението донесува правилник за распределба на авторските надоместоци во рок од три месеци од издавањето на дозволата за колективно остварување, усогласен со статут и со овој закон“. Од изнесената законска одредба произлегува дека Здружението е овластено да донесе правилник и да ја уреди материјата за распределба на авторските надоместоци.

Со оглед на тоа што насловот,членот 1 став 1 и членовите 14-23 од Правилникот уредуваат, покрај другото, и заштита на авторските права што е законски регулирана материја, а не само распределба на авторските надоместоци како што определува означената одредба од Законот, Судот утврди дека насловот во делот „заштита на авторските права и“, член 1 став 1 во делот „заштита на авторските права и“и членовите 14-23 од Правилникот не се во согласност со член 147 став 1 од Законот за авторското право и сродните права.

5. Според член 139 од Законот за авторското право и сродните права, „колективно се остварува правото на јавно соопштување несценско музичко и несценско книжевно дело (мали права)“.

Со оглед на тоа што членот 2 став 1 точка 1 од Правилникот определува дека колективно се остварува правото на објавување, наместо правото на јавно соопштување на музичко несценско дело како што предвидува наведената законска одредба, Судот утврди дека означениот член од Правилникот, во делот „објавување“, не е во согласност со член 139 од Законот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а во однос на членовите 14-23 од Правилникот со мнозинство гласови.

У.бр.71/2007
30 јануари 2008 година
С к о п ј е
лк/Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски