252/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 јануари 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 2-б став 3 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за обрасците на патните исправи и визи на државјаните на Република Македонија, за начинот на фотографирање за патните исправи и за водење на евиденција („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2007).

2. Народниот правобранител на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 2-б став 3 од правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот став 3 на член 2-б од Правилникот во кој било предвидено дека „при фотографирање лицето не треба да носи покривка на главата (капа, шамија и слично) освен во одредени случаи, кои се однесуваат на посебните околности утврдени од страна на органот кој го издава пасошот (религиозни, медицински или културни), не бил во согласност со член 51, член 19 и член 48 од Уставот, со Законот за патни исправи на државјани на Република Македонија и Законот за личната карта.

Имено во наведените закони биле утврдени елементите кои ги содржат обрасците на патните исправи и личната карта на државјаните на Република Македонија, без притоа да се определи начинот на фотографирање за овие јавни исправи.

Со оспорената одредба од Правилникот се повредувале основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со Уставот на Република Македонија и со меѓународното право и се нарушувал принципот на владеење на правото со овозможување на самоволно и дискриминаторско однесување на органот кој го издава пасошот при утврдувањето на религиозните причини за фотографирањето со покривка на главата, што е карактеристично за припадниците на определени верски заедници во Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека министерот за внатрешни работи врз основа на член 48 од Законот за патните исправи донел Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за обрасците на патните исправи и визи на државјани во Република Македонија, за начинот на фотографирање и земање на потпис за патните исправи и за водење на евиденција („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2007).

Според став 3 на член 2-б од наведениот Правилник подносителот на барањето, согласно ICAO стандардите, се фотографира од лице (ан фас) со неутрален и јасен израз и без било каква покривка на лицето, на обична позадина во светла боја, без присуство на други лица или предмети.

Доколку лицето носи очила, истите не може да ги покриваат очите и да покажуваат одблесок на светлина. При фотографирањето, лицето не треба да носи покривка на главата (капа, шамија и слично) освен во одредени случаи, кои се однесуваат на посебни околности утврдени од страна на органот кој го издава пасошот (религиозни, медицински или културни). (оспорен дел)

Во натамошната постапка е утврдено дека министерот за внатрешни работи донел Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за обрасците на патните исправи и визи на државјани на Република Македонија за начинот на фотографирање и земање на потпис за патните исправи и за водењето евиденција („Службен весник на Република Македонија“ бр.161/2007).

Во член 1 од наведениот правилник е предвидено дека во Правилникот за обрасците на патните исправи и визи на државјани на Република Македонија за начинот на фотографирање и земање на потпис за патните исправи и за водење на евиденција („Службен весник на Република Македонија“ бр.2/1993, 54/1993, 73/2004 и 40/2007) во член 2-б став 3 во третата реченица зборовите „кои се однесуваат на посебни околности утврдени од страна на органот кој го издава пасошот (религиозни, медицински или кутлурни)“ се заменува со зборовите „поради религиозни, медицински или културни причини“.

Во член 2 од наведениот правилник е утврдено дека тој влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи предвид дека оспорената одредба од член 2-б став 3 трета реченица од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за обрасците на патните исправи и визи на државјани на Република Македонија, за начинот на фотографирање и земање на потпис за патните исправи и за водење на евиденција („Службен весник на Република Македонија“ бр. бр.2/1993, 54/1993, 73/2004 и 40/2007) престанала да важи со влегување во сила на Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за обрасците на патните исправи и визи на државјани на Република Македонија, за начинот на фотографирање и земање на потпис за патните исправи и за водење на евиденција („Службен весник на Република Македонија“ бр.161/2007) согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.252/2007
30 јануари 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски