206/2007-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлука за зголемување на комунална такса за користење и одржување на јавно осветлување, донесена од Комисија за јавно осветлување при Советот на локалната самоуправа во Штип.

2. Панче Анчев, адвокат од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со одлука на општината била зголемена давачката за комунална такса која се однесувала за користење и одржување на јавното осветлување, и тоа за физичките лица зголемувањето било повеќе од 70%, а за правните лица повеќе од 340% од претходниот износ на комуналната такса, што се гледало од сметките за плаќање. Со оглед на тоа што зголемувањето било самоволно одлучено од Комисија за јавно осветлување на општината која немала надлежност да одлучува, а тоа не било сторено врз основа на закон, и поради тоа што со одлуката се правело разлика меѓу субјектите кои биле обврзници да ја плаќаат комуналната такса односно таа не била еднаква за физичките и правните лица, одлуката не била во согласност со Уставот, и тоа со членот 8 став 1 алинеја 3 кој се однесувал на владеењето на правото, со членот 33 според кој секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, и со членот 51 според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот а сите други прописи со Уставот и со закон.

3. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува одлука на Комисија за јавно осветлување при Советот на локалната самоуправа во Штип, за зголемување на комуналната такса за користење и одржување на јавно осветлување.

Имајќи ги предвид изнесените уставни и деловнички одредби и врз основа на иницијативата со која се оспорува акт кој не постои во правниот поредок според називот и органот кој се наведува во иницијативата, се настапени услови за отфрлање на барањето во иницијативата бидејќи за Судот не постојат процесни услови за мериторно одлучување.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.206/2007
23 јануари 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски