135/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членот 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 јануари 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Заклучокот за исплата на остатокот на долгот спрема Градежниот факултет – Скопје и Градежниот институт „Македонија“ АД – Скопје, донесен од Советот на општина Штип, под број 0701-1551/1 од 15 септември 2005 година.

2. Димитри Ефремов од Штип и други, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата Собранието на општината Штип вовел самопридонес со Одлука број 0805-2203/1 од 30
септември 1992 година, за обезбедување на средства за изградба на објекти за водоснабдување и наводнување.

Меѓутоа, овие средства биле пренасочени за употреба за други намени со оспорениот заклучок на Советот на општината Штип, поради што Заклучокот бил во спротивност со принципот на владеењето на правото утврден во членот 8 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општината Штип го донел оспорениот заклучок во кој со точката 1 утврдил дека остатокот на долгот по договор број 0307-1017/1 од 14 јули 2003 година кон Градежниот факултет – Скопје во износ од 2.000.000,00 денари за изработка на главен проект за брана на река Отиња ќе се исплати во 6 еднакви рати од каматата на орочените средства од месниот самопридонес.

Долгот по договор број 0307-1018/1 од 14 јули 2003 година кон Градежниот институт „Македонија“ АД – Скопје во износ од 153.400,00 денари за техничка контрола на главниот проект ќе се исплати од каматата на орочените средства од месниот самопридонес.

Во точката 2 од Заклучокот е утврдено дека овој заклучок влегува во сила наредниот ден од објавувањето во „Службен гласник на општина Штип“.

4. Според членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и фактот дека со оспорениот заклучок Советот на општината Штип ги определува износите, ратите и начинот на конкретната исплата на парични средства за долг на општината настанат од два конкретни договори за извршени услуги во врска со изработка на главен проект за брана на река Отиња и контрола на главниот проект, Судот оцени дека оспорениот заклучок не претставува пропис во смисла на членот 110 од Уставот на Република Македонија, туку тој е интерен акт на Советот на општината, поради што не е подобен за уставносудска оцена и Судот не е надлежен по него да одлучување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.135/2007
16 јануари 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски