Вовед
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за измена на Одлуката за измена на режимот на сообраќајот на улица „Благој Ѓорев“ и улица „Алексо Демниевски“ во Велес, број 0701-2636/3 од 12 јуни 2007 година, донесена од Советот на општина Велес („Службен гласник на општина Велес“ бр.11 од 29 јуни 2007 година).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата на Аце Коцевски, градоначалник на општина Велес, со Решение У.бр.157/2007 од 28 ноември 2007 година поведе постапка за оценување на законитоста на одлуката означена во точка 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2007).
4. Согласно член 31 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) органи на општината се: советот и градоначалникот.
Членот 36 од истиот Закон ја утврдува надлежноста на советот, така што меѓу другите надлежности, во точката 15 од овој член се наведува дека советот врши и други работи утврдени со закон.
Според член 6 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2007) Советот на општината и на градот Скопје го уредуваат сообраќајот на локалните патишта на своето подрачје, согласно со одредбите на овој закон.
Според ставот 2 на овој член од Законот, за уредување на сообраќајот од ставот 1 на овој член, советот на општината и на градот Скопје, задолжително прибавуваат претходна согласност од Министерството за внатрешни работи.
Според став 3 алинеја 2 на членот 6 од овој закон, уредувањето на сообраќајот од ставот 1 на овој член меѓу другото опфаќа и определување на двонасочен, односно еднонасочен сообраќај.
Според член 392 став 1 од овој закон, режимот на сообраќајот на автопатиштата, магистрални и регионални патишта, врз основа на сообраќаен проект, со решение го утврдува министерот за транспорт и врски, во согласност со министерот за внатрешни работи, а за локални патишта и улици – општината, односно градот Скопје, во согласност со министерот за внатрешни работи.
Според член 392 став 3 од истиот закон, измената на режимот на сообраќајот се врши со решение на надлежен орган, на начин и постапка утврдени во ставот 1 на овој член.
Меѓутоа, од утврдената фактичка состојба во текот на претходната постапка, како и од приложената документација, не може да се утврди дека со оспорената Одлука за измени на режимот во сообраќајот на наведените улици, била запазена законската постапка, односно дека биле испочитувани предвидените овластувања во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Имено, од увидот во приложената документација, произлегува дека оспорената Одлука не е донесена во согласност со членовите 6 став 2 и 392 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, од причина што во списите недостасува сообраќаен проект за локални патишта и улици (кој што е задолжителен за промена на режимот на сообраќај, кој го утврдува општината), ниту пак има претходна согласност за настанатата промена на режимот во сообраќајот од министерот за внатрешни работи, како што предвидува законската одредба од членот 6 став 2 и 392 став 1 од наведениот закон.
Поради наведените причини, Судот оцени дека оспорената Одлука не е во согласност со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.157/2007
9 јануари 2008 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски