194/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 26 декември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за потврдување на Одлуката за утврдување на надоместок за патни и дневни трошоци на членовите на Советот на општина Аеродром, број 07-5676/6 од 3 септември 2007 година, донесена од Советот на Општина Аеродром („Службен гласник на Општина Аеродром“ бр. 30/2007 од 4 септември 2007 година).

2. Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука била донесена на седница на Советот на Општина Аеродром на која била отстранета општинската администрација, што значело дека не постоеле технички услови за одржување на седницата. Освен тоа, оспорената одлука со која се потврдува претходно донесената Одлука за утврдување на надоместок на патни и дневни трошоци на членовите на Советот на Општина Аеродром, донесена на 13 август 2007 година, според која на членовите на советот на општина Аеродром ќе им се исплатуваат надоместоци за патни и дневни трошоци според прописите кои се однесуваат на државните службеници, не претставувала конкретизирање на правото на остварување на патни и дневни трошоци за членовите на Советот, што се подразбирало дека со оваа одлука, како со подзаконски акт, требало да се направи, поради што биле повредени одредбите на членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа и член 62 од Законот за државните службеници (пречистен текст). Покрај тоа, при донесувањето на оваа одлука, не биле испочитувани процедуралните услови за нејзино донесување, затоа што таа не била предложена како посебна точка на дневниот ред, туку била разгледана во состав на точката која била насловена како Одлука за утврдување на надоместок на членовите на Советот на Општина Аеродром за седници на Советот, од каде произлегле четири поединечни одлуки, со што не бил испочитуван член 81 став 2 од Деловникот за работа на Советот на Општина Аеродром.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија, по разгледување на иницијативата, да ја поништи оспорената одлука, а поради спречување на ненадоместлива штета која би настанала за Општината, како и поради оневозможување на определена група лица да се стекнат со одредени привилегии на штета на жителите на општина Аеродром, се предлага донесување на решение за запирање на извршувањето на оспорената одлу­ка, како времена мерка.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Аеродром, на седницата одржана на ден 29.08.2007 година, врз основа на член 45, член 51 став 3 и член 100 од Законот за локалната самоуправа, донел Одлука за потврдување на Одлуката за утврдување на надоместок за патни и дневни трошоци на членовите на Советот на Општина Аеродром, заведена под број 08-5676/6 од 3 септември 2007 година.

Според член 1 од оваа одлука, со оваа одлука се потврдува Одлуката за утврдување на надоместок за патни и дневни трошоци на членовите на Советот на Општина Аеродром, број 07-4759/9 од 16 август 2007 година, донесена на шеесет и седмата седница на Советот на Општина Аеродром.

Според член 2 од истата одлука, се утврдува надоместок на патни и дневни трошоци на членовите на Советот на Општина Аеродром.

Согласно член 3 од истата одлука, на членовите на Советот на Општина Аеродром ќе им се исплатуваат надоместоци на патни и дневни трошоци, според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Според член 4 од оваа одлука, Одлуката стапува на сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Аеродром“.

Одлуката е објавена во „Службен гласник на Општина Аеродром“, бр. 30/2007 од 4 септември 2007 година.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 45 од Законот за локалната самоуправа членовите на Советот имаат право на надоместок за присуство на седница и надоместоци на патни и дневни трошоци во рамки утврдени со закон.

Согласно член 100 од овој закон, кој е предвиден во Главата XV „Преодни и завршни одредби“, до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон, на членовите на советот надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Со оглед на тоа што со оспорената одлука наполно во согласност со цитираните одредби од Законот за локалната самоуправа е уредено прашањето за надоместоците за патните и дневните трошоци на членовите на Советот на општина Аеродром, односно Советот во оспорената одлука во целост ја прифатил законската норма за начинот и висината за остварување на овие надоместоци на начин што утврдил дека тие ќе се исплаќаат според прописите кои се однесуваат на државните службеници, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за законитоста на оспорената одлука.

Освен тоа, висината на надоместоците за патни и дневни трошоци на државните службеници, за секоја година, се утврдува со Законот за извршување на буџетот на Република Македонија, со одлуката за извршување на буџетот на општината и буџетот на Градот Скопје, на што упатува и Законот за државните службеници (член 52 став 3 од основниот, односно член 62 став 3 од пречистениот текст на Законот), од каде произлегува дека постои целосна законска регулатива за утврдување на висината на надоместоците за патни и дневни трошоци на државните службеници, односно и на советниците на општината кои ги остваруваат овие права. Тоа значи дека разработка, односно конкретизација на ова прашање со одлука на советот на општината, како подзаконски акт, што се бара со иницијативата, е неосновано.

Во однос на наводите во иницијативата кои се однесуваат на работењето на Советот на општината, Судот оцени дека не е надлежен да цени дали одржувањето на седницата на Советот било во согласност со актите на општината, како и дека ваквите наводи во иницијативата не можат да ја доведат во прашање законитоста на оспорената одлука.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.194/2007
26 декември 2007 година

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски