Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 26 декември 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 157 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005), членот 14 од Законот за јавното правобранителство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/1997) и членот 17 од Законот за Држа-вното правобранителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2007).
2. Тони Петровски од Гостивар , на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата во иницијативата и појаснувањето на иницијативата наведува дека оспорените одредби биле во спротивност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 9 став 2 од Уставот.
Имено, во Законот за јавното правобранителство била предвидена награда исклучиво само за јавниот правобранител, но не и за неговите заменици и стручни соработници кога застапувале во постапките пред судовите. Сепак судовите досудувале награда за застапување од страна на заменици и стручни соработници.
Од друга страна актуелниот Закон за парничната постапка предвидувал одредбите за трошоци во постапката да се однесуваат и на странките застапувани од јавното правобранителство што значело дека Законот за јавното правобранителство како специјален закон не ги покривал таквите трошоци за разлика од Законот за парничната постапка од каде произлегувала несогласност на двата закони во поглед на ова прашање за трошоците.
Понатаму во иницијативата се укажува дека адвокатите не примале плата, хранарина, регрес и придонеси за пензиско и инвалидско осигурување и нив ги остварувале од наплатените трошоци. За разлика од тоа Јавниот правобранител и останатите примале плата од средствата што граѓаните ги плаќале. Оттаму, граѓаните се доведувале во состојба да платат два пати за иста работа, еднаш преку оданочувањето, а вториот пат преку задолжувањето за плаќање на трошоци во постапката, што значело дека не се почитува правилото no bis in idem.
Исто така, според подносителот на иницијативата, во случаите кога јавниот правобранител барал трошоци во постапката требало да не им се исплатува целата дневница, затоа што трошоците ги плаќале странките како награда за нивната работа и учество во парницата.
Бидејќи на досудените трошоци на име награда Јавниот правобранител не плаќал никакви даноци и давачки, што не било случај со адвокатите, подносителот на иницијативата смета дека со законските одредби не смееле споредбено да се утврдуваат трошоците во постапката, односно според Тарифникот на адвокатите. Ова затоа што адвокатите обавувале приватна практика што немала допирни точки со организацијата и начинот на работа на Јавното правобранителство.
Потоа требало да се има предвид дека адвокатаурата е независна јавна служба, а Јавното правобранителство е државен орган кој не работи комерцијално, од каде и не можел да остварува економски профит на штета на граѓаните кои преку даноците ја финансирале и таа служба.
Како последна причина за оспорување на законските одредби во иници јативата се наведува дека во практиката истите се користеле како средство за принуда на странките во правец да не започнуваат водење на парнична постапка или пак да се откажат од започната постапка, а Јавното правобранителство ги одолговлекувало парниците со цел да ги зголеми трошоците.
3. Судот на седницата утврди дека, според членот 157 од Законот за парничната постапка, одредбите за трошоците се применуваат и на странките кои ги застапува јавното правобранителство. Во тој случај трошоците на постапката го опфаќаат и износот што на странката би и се признал на име награда на адвокат.
Според членот 14 од Законот за јавното правобранителство, кој престанал да важи по поднесувањето на иницијативата и според членот 17 од Законот за државното правобранителство, кој сега е во сила, трошоците за застапување од страна на државниот правобранител се определуваат според Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите (став 1). Средствата наплатени на име трошоци за застапување се приход на Буџетот на Република Македонија (став 2).
Законот за државното правобранителство е донесен на 12 јули 2007 година, а влезе во сила на 20 јули 2007 година.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во конкретниот случај, со иницијативата и дополнувањето на иницијативата се покренуваат прашања кои според својот карактер не спаѓаат во доменот на уставно-судски прашања туку во доменот на примената или се фактички по својата природа (примена на одредбите, трошење на прибраните средства, исплата на наградата на државните правобранители и друго, за која намена се трошат вака прибраните средства), како и прашањето за несогласност на одредби од два различни закона за каков вид на прашања Уставниот суд, согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот не е надлежен да одлучува.
Оттаму, по однос на оспорениот член 157 од Законот за парничната постапка и членот 17 од Законот за Државното правобранителство се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд.
Имајќи предвид дека со влегување во сила на Законот за државното правобранителство, престанал да важи оспорениот член 14 од Законот за јавното правобранителство, Судот утврди дека постојат процесни пречк и за одлучување по однос на оваа одредба од иницијативата, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата во тој дел.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.153/2007
26 декември 2007 година
С к о п ј е
мл
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски