193/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 декември 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за потврдување на Одлуката за утврдување на надоместок за патни и дневни трошоци за членовите кои учествуваат при склучување на бракови во матичната служба на град Скопје, бр.07-5676/8, донесена од Советот на Општината на 3 септември 2007 година и објавена во „Службен гласник на општина Аеродром“ бр.30/2007.

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром, со Решение У.бр.193/2007 од 24 октомври 2007 година поведе постапка за оценување на законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002). Истовремено, Судот го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука, до донесување на конечна одлука од Судот.

5. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Аеродром на 3 септември 2007 година донел Одлука за потврдување на Одлуката за утврдување на надоместок за патни и дневни трошоци за членовите кои учествуваат при склучување на бракови во матичната служба на град Скопје.

Во членот 1 од оспорената одлука е утврдено дека со оваа одлука се потврдува Одлуката за утврдување на надоместок за патни и дневни трошоци за членовите кои учествуваат при склучување на бракови во матичната служба на град Скопје, број 07-4759/8 од 16.08.2007 година, донесена на шеесет и седмата седница на Советот.

Според член 2 од оспорената одлука на членовите на Советот на Општина Аеродром кои учествуваат при склучување на бракови во матичната служба на град Скопје им се утврдува надоместок во износ од 8% месечно од просечна месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а според член 3 од Одлуката, оваа Одлука стапува на сила со денот на објавување во „Службен гласник на општина Аеродром“.

6. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 45 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) членовите на Советот имаат право на надоместок за присуство на седница и надоместоци на патни и дневни трошоци во рамки утврдени со закон.

Согласно членот 100 од Законот, кој е содржан во преодните и завршни одредби, до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Според Судот, имајќи ги предвид одредбите од членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, произлегува дека законодавецот за членовите на советот го утврдил правото на надоместок за присуство на седница и правото на надоместок на патни и дневни трошоци за членовите на советот.

Притоа, законодавецот правото на надоместок за присуство на седница на членовите на советот го утврдил и лимитирал и може да изнесува најмногу до 30% од просечната плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а во однос на висината на патните и дневни трошоци на членовите на советот упатува на примена на прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Овие одредби не предвидуваат право на други надоместоци на членовите на советот, како што е на пример за ангажираност на членовите на советот во деновите кога се склучуваат бракови.

Со оспорената одлука, Советот на општина Аеродром утврдил право на надоместок за патни и дневни трошоци за членовите кои учествуваат при склучување на бракови и ја утврдил висината на овој надоместок.

Оттаму, со оглед на тоа што Законот за локалната самоуправа не предвидува право на советниците на посебен надоместок за нивното учество при склучување на бракови, какво што право е определено во оспорената одлука, Судот утврди дека оспорената одлука не е во согласност со Законот за локалната самоуправа.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.193/2007
26 декември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски