Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 декември 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 22 став 6 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/1997, 7/2000, 89/2004 и 54/2007).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 38 ставовите 6 и 7 и 57 ставовите 2 и 3 од наведениот закон.
3. Бранко Скендерски, претседател на Националната асоцијација на сопственици на приватни шуми – Берово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точките 1 и 2 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата оспорената одредба од член 22 став 6 од Законот била спротивна на Уставот од причина што недонесувањето на планот во законски пропшаниот рок, не можело автоматски да повлекува и забрана на вршење сеча на шумите.
Имено, поради нечија субјективна неактивност, неажурност не можело да не се извршуваат законските утврдени права и обврски – сеча на шумите. Дотолку повеќе, што оспорената законска одредба била во директна спротивност и со одредбата на членот 22 став 5 од истиот Закон, според кој во периодот од истекнувањето на важноста на претходниот посебен план, до донесување на нов посебен план, со шумите се стопанисувало според претходниот посебен план.
Заради тоа, подносителот на иницијативата смета дека со наведената оспорена законска одредба се повредувал член 8 став 1 алинеите 3, 6 и 7, член 30, член 51 и член 55 од Уставот на Република Македонија.
Оспорените ставови 6 и 7 од член 38 од Законот не биле јасни и прецизни, па, како такви во практиката биле и неприменливи, затоа што од нив не можело да се утврди со кој дел на средства за извршување на мерките од ставот 5 на овој член, учествува сопственикот на шумите, а со кој, друг дел од тие средства учествува и Републиката. Поради тоа, подносителот на иницијативата смета дека со оспорените законски ставови на членот 38 од Законот за шумите, се повредувале членовите 8 став 1 алинеите 3 и 6, 30 и 51 од Уставот на Република Македонија.
Со оспорената одредба од член 57 ставовите 2 и 3 од Законот противуставно им се ограничувало правото на сопственост на физичките лице, како сопственици од своите приватни шуми и со одобрение за сеча и издадената испратница, да можат да вршат продажба на дрво, без посебно одобрение за продажба. Имено, сопственикот имал право својата ствар да ја држи, целосно да ја користи и да располага со неа по своја волја, доколку тоа не е спротивно само на Уставот. Меѓутоа, со оспорените ставови од член 57 од Законот, тоа се оневозможувало, со што се повредувал член 8 став 1 алинеите 1, 3, 6, 7 и 11, член 30, член 51, член 54 став 1 и член 55 од Уставот на Република Македонија, како и членот 1 од Протоколот број 1 кон Европската конвенција за човековите права и основните слободи, и тоа, исклучиво на штета на сопствениците на шумите во приватна сопственост.
Врз основа на изнесеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на член 22 став 6, на член 38 ставовите 6 и 7 и член 57 ставовите 2 и 3 од Законот за шумите.
4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот став 6 на членот 22 од Законот, ако по истекот на рокот од ставот 4 на овој член не се донесе посебен план, не може да се врши сеча на шумите.
Според оспорениот член 38 ставови 6 и 7 од Законот, средства за извршување на мерките од став 5 на овој член обезбедува сопственикот на шумата.
Во обезбедувањето на средствата од став 6 на овој член учествува и Републиката.
Според оспорениот член 57 ставови 2 и 3 од Законот, физичко лице може со одобрение да врши продажба на дрво само ако потекнува од сопствена шума, односно од поединечни или група на шумски дрвја надвор од шума на сопствено земјиште, во количество според одобрението за сеча и издадената испратница.
Одобрението за продажба од став 2 на овој член го издава субјектот што го издал одобрението за сеча.
5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 6 од Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според став 2 на овој член сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Според ставовите 3 и 4 од овој член на Уставот никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, но и тогаш се гарантира правичен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Согласно членот 55 од Уставот на Република Македонија се гаранттира слободата на пазарот и претприемништвото.
Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Со Законот за шумите се уредува одглелдувањето, користењето и заштитата на шумите.
Според членот 2 од Законот, шумите како природно богатство се добро од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.
Во делот на „Планирањето во шумарството“ е поместен оспорениот член 22 според кој врз основа на општиот план, за стопанисување со шумите за стопанска намена јавното претпријатие донесува посебни планови за стопанисување со шуми, за период од десет години.
За одгледување и заштита на шумите за посебна немена, правното лице донесува посебни планови за одгледување и заштита на шуми, за период од десет години.
Шуми во приватна сопственост што се наоѓаат во комплекс на шуми за посебна намена во државна сопственост, имаат третман на шуми со посебна намена.
Посебните планови за стопанисување со шумите и посебните планови за одгледување и заштита на шуми за посебна намена се донесуваат за секоја шумско-стопанска единица, во рок од една година од истекнувањето на важноста на претходниот посебен план.
Во периодот од истекувањето на важноста на претходниот посебен план, до донесување на нов посебен план, со шумите се стопанисува според претходниот посебен план.
Ако по истекот на рокот од ставот 4 на овој член не се донесе посебен план, не може да се врши сеча на шумите. (оспорен со иницијативата)
Со посебните планови од ставовите 1 и 2 на овој член се опфаќаат и шумите во приватна сопственост.
Сопствениците на шуми во приватна сопственост чии шуми образуваат комплекс поголем од 100 ха, можат да стопанисуваат со шумата според посебен план за стопанисување, што заеднички ќе го донесат.
Јавното претпријатие, правните лица кои вршат одгледување и заштита на шуми и сопствениците на шуми се должни стопанисувањето, односно одгледувањето и заштитата на шумите да го вршат според посебните планови.
Посебните планови од ставовите 1 и 6 на овој член ги одобрува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство по претходно мислење на Министерството за одбрана.
Посебните планови од став 2 на овој член ги одобрува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство по претходно мислење на Министерството надлежно за заштита на животната средина и Министерството за одбрана.
Според член 56 од Уставот сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено историско и културно значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.
Поаѓајќи од означената уставна одредба, произлегува дека оспорените одредби што се однесуваат на планирањето во шумарството се израз на потребата од воспоставување посебен режим на заштита на шумите како природно богатство кој мора да важи за сите шуми, независно од нивниот сопственички режим. Уште повеќе и според член 30 став 2 од Уставот сопственоста не е апсолутно право на поединецот, туку создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, што во случајот на сопственост врз шумите како природно богатство посебно доаѓа до израз. Според тоа, обврските на сопствениците на шумите, како и на државата, да стопанисуваат со шумите врз основа на планови за таа цел, не претставуваат ограничување на правото на сопственост, туку начин на однесување насочен кон заштита на шумата како природно богатство.
Оттука, според мислењето на Судот не можат да се прифатат наводите во иницијативата дека недонесувањето на посебниот план за вршење сеча на шумите, не можело автоматски да повлекува и забрана за вршење сеча на шумите, од многу едноставна причина што посебниот план се донесува за сечење на шумите, и во никој случај не може да се прифати тврдењето дека недонесувањето на наведениот план подразбира и слобода за сечење на шуми.
Имено, во членот 25 од Законот е предвидено дека субјектите што стопанисуваат со шуми се должни извршените работи во шумите во текот на годината да ги евидентираат во посебните планови, најдоцна до 1 март наредната година.
Целта на оспорената одредба не треба да се сфати како околност дека посебниот план нема да се донесе, туку како околност дека без план не може да се врши сечење на шумите. Дотолку повеќе што во „Прекршочните одредби“ од Законот, во членот 74 став 1 е утврдено дека со глоба од 20.000 до 30.000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе се изрече на правното лице доколку не донесе посебен план или стопанисувањето со шумата односно одгледувањето и заштитата не ги врши според посебните планови (член 22).
Од законската одредба од член 74 став 1 од Законот произлегува дека субјектите кои се должни да вршат планирање на шумарството, ако тоа не го стоарат во законски определен рок ќе бидат санкционирани согласно прекршокот утврден во наведената законска одредба.
Оттука, имајќи го предвид изнесеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 22 став 6 од Законот со напред наведените одредби од Уставот.
6. Со иницијативата се оспорува и членот 38 став 6 и 7 од Законот за шумите. Законската одредба од целиот член 38 била предмет на оценување пред Уставниот суд на Република Македонија, кој со Решение У.бр.207/1997 од 2 декември 1998 година не повел постапка за оценување на уставноста.
Во наведеното решение Судот изразил став дека ознаката и издавањето на одобрение за сеча на шумите, регулирањето на изградбата и користењето на шумските патишта и користењето односно собирањето на шумските производи што се регулирани со означените членови несомнено имаат функција на сочувување на шумата и растителните видови во неа, независно од сопственичкиот режим. Исполнувањето и почитувањето на овие, пред се стручно засновани обврски, исто така, не доведуваат до ограничување на правото на сопственост поради што и не може да се постави прашањето за нивната согласност со член 30 и член 56 од Уставот.
Уставниот суд на Република Македонија, исто така, ја оценил оспорената одредба од член 57 од Законот и со Решение У.бр.190/1999 од 29 декември 1999 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 57 ставови 2, 3 и 4 од Законот.
Оценувајќи ја наведената оспорена одредба од Законот, Судот изразил став дека посебните планови за стопанисување со шумите се во насока на нивно планирање за период од десет години. Планирањето на шумите, кое ги опфаќа и оние во приватна сопственост, не претставува ограничување на правото на сопственост, туку начин на однесување насочен кон заштита на шумата како природно богатство.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основа за поинакво одлучување.
Со оглед на тоа што Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, ги оценил и оспорените одредби од членовите 38 ставови 6 и 7 и 57 ставови 2 и 3 од Законот за шумите и со наведените решенија не повел постапка за оценување на нивната уставност, согласно одредбата од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата во овој дел Судот ја отфрли.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.259/2007
26 декември 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски