Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 декември 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 3 став 2 алинеја 6, поднасловот 6. “Употреба на физичка сила, гумена палка и огнено оружје”, членот 15 и членот 16 од Правилникот за правилата за вршење на работите на шумската полиција (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/1998 и 10/2002).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднес иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредби и делови од одредби од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорените одредби на Правилникот за правилата за вршење на работите на шумската полиција се повредувале член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот; член 61 став 3, член 63 и член 64 од Законот за шумите, како и членовите 55 став 1 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Ова затоа што со одредбите на Законот за шумите, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство не бил овластен со подзаконски акт да ја утврдува и разработува наведената материја, ниту пак, да се повикува и упатува на примена на Уредбата за употреба на средства на присилба и огнено оружје (“Службен весник на Република Македонија” бр.22/1998) бидејќи Уредбата се однесувала само за припадници на Министерството за внатрешни работи, а не и за шумската полиција. Тоа значи дека министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство со донесувањето на оспорените одредби ги пречекорил своите, со Устав и закон дадени овластувања.
3. Судот на седницата утврди дека, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во согласност со министерот за внатрешни работи врз основа на член 61 став 3 од Законот за шумите донел Правилник за правилата за вршење на работата на шумската полиција.
Со овој правилник се пропишуваат правилата за вршење на работите на шумската полиција при чувањето на шуми во државна и приватна сопственост.
Според член 3 од наведениот Правилник, шумската полиција врши контрола во шума, на шумски и јавни патишта во населени места, во дворовите, складовите и преработувачките капацитети заради откривање на бесправно исечено, односно присвоено дрво и присвојување на шумски производи.
Во ставот 2 од членот 3 од Правилникот е предвидено дека во вршењето на работите од својата надлежност припадниците на шумската полиција преземаат одредени дејствија како што се: предупредуваат и наредуваат; легитимираат и приведуваат лица кои извршиле бесправни дејствија по прописите од областа на шумарството, или постои основано сомневање дека извршиле бесправно дејство, или постои претпоставка дека ќе извршат такво дејство; влегуваат во туѓ двор и други простории каде дрвата се чуваат; привремено одземаат предмети употребени или наменети за извршување на прекршок или кривично дело, како и бесправно присвоените предмети кои настанале со извршување на прекршокот или кривичното дело; запирање и контролирање возила и други средства со кои се превезува односно пренесува дрво, други шумски производи, употребуваат физичка сила, гумена палка и огнено оружје (оспорен дел) преземаат и други дејствија во рамки на нивните надлежности и овластувања.
Во членовите 8 до 17 од Правилникот е утврден начинот на постапување на припадниците на шумската полиција при преземање на дејствијата утврдени во член 3 од Правилникот.
Така во оспорените членови 15 и 16 од Правилникот поместен во дел II и оспорената Точка 6. “Употреба на физичка сила, гумена палка и огнено оружје” е предвидено дека:
“При вршење на службената работа, припадниците на шумската полиција во определени случаи можат да употребат физичка сила, гумена палка и огнено оружје.“ (член 15)
Според оспорениот член 16 од Правилникот, По предупредувањето физичка сила и гумена палка се употребуваат во случаи кога лицето затечено при вршење на кривично дело или прекршок пружи отпор, се обиде да го напушти местото на прекршокот или кривичното дело, кога не ја почитува наредбата на шумската полиција доброволно да го предаде предметот односно средството со кое е направено делото (секира, рачна или моторна пила, превозно средство и сл.) односно одбие тоа да го стори, или одбие да го предаде оружјето ако такво оружје поседува, или ако одбие да биде приведено ако за тоа се јави потреба (став 1).
Според ставот 2 од истиот член од Правилникот, физичка сила, гумена палка и огнено оружје се употребуваат согласно Уредбата на Владата за употреба на средства на присилба и огнено оружје опишани во Глава II, IV и V (“Службен весник на Република Македонија” бр.22/1998).
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).
Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни пред Владата.
Според член 55 став 1 од Законот за организација на работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.98/2000 и 44/2002) министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за изршување на законски и други прописи кога за тоа е овластен со закон.
Со Законот за шумите (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1997, 7/2000 и 89/2004), со цел за чување и заштита на шумите од бесправна сеча, пустошење и други штетни дејствија е воспоставена шумската полиција.
Во член 61 став 1 од наведениот закон се утврдени овластувањата на шумската полиција, а во став 3 на овој член е предвидено дека министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, во согласност со министерот за внатрешни работи ќе ги пропише правилата за вршење на работите на шумската полиција.
Во ставот 1 на член 63 од Законот за шумите е предвидено дека при вршење на работите од член 61 на овој закон, припадниците на шумската полиција можат да употребат огнено оружје во следните случаи: 1) да спречат бегство на лице затечено во вршење на кривично дело со кое се нанесува штета на шумата, ако постојат основани сомненија дека ќе употреби огнено или друг вид оружје и 2) да одбијат од себе непосреден напад со кој се загрозува нивниот живот.
Ставот 2 на истиот член од овој закон предвидува дека во случаите од став 1 на овој член, припадниците на шумската полиција ќе употребат огнено оружје само ако со употребата на физичка сила, гумена палка или други средства на присилба не можат да ја обезбедат службената работа.
Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби произлегува дека министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, а во согласност со министерот за внатрешни работи е овластен да донесува акти за извршување на законите, што впрочем во конкретниов случај е направено со Правилникот за пропишување на правилата за вршење на работи на шумската полиција, поради што Судот оцени дека не се основани наводите од иницијативата дека министерот ги пречекорил уставните и законски овластувања.
Ова оттаму што имајќи ја предвид содржината на целината на Правилникот како и содржината на оспорените одредби произлегува дека со него се пропишува начинот на постапување на шумската полиција на со закон утврдените овластувања или поточно речено оспорените одредби по својот карактер се од оперативна природа и се во функција на извршување на Законот за шумите.
Тргнувајќи од наводите од иницијативата според кои министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство не бил овластен односно ги пречекорил своите уставни и законски овластувања затоа што се повикува и упатува на примена на Уредбата за употреба на средства на присилба и огнено оружје, а која се однесувала само за припадниците на Министерството за внатрешни работи, а не и на шумската полиција Судот се впушти во анализа на наведената Уредба.
Имено, Владата на Република Македонија врз основа на членовите 34 и 73 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/1995, 55/1997) и член 46 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.38/1990 и “Службен весник на Република Македонија” бр. 63/1994) донела Уредба за употреба на средства на присилба и огнено оружје.
Со оваа Уредба во општите одредби се определува што се смета како средство на присилба, начинот на нивната употреба, општите правила на постапување на овластените службени лица во Министерството за внатрешни рабоит во случај на употреба на средства на присилба, како и тоа дека средствата на присилба треба да се применат само ако поинаку не може да се постигне целта и можност од употреба на повеќе средства на присилба.
Во Главата II “Употреба на гумена палка и на физичка сила” од Уредбата односно во членовите од 11 до 16 се утврдени посебните случаи и начин на кои овластените службени лица можат да употребат гумена палка или физичка сила.
Во Главата IV “Употреба на огнено оружје” од Уредбата, односно во членовите од 22 до 26 е утврдено кога може да се употреби огнено оружје, спрема кои лица и на кој начин овластеното лице ќе пристапи кон примена на ова средство.
Во Главата V “Известување за употреба на средство на присилба и огнено оружје” односно во членовите од 27 до 29 е утврдена обврската на овластеното слжбено лице кое употребило средство на присилба или огнено оружје да поднесе писмен извештај до непосредно повисокиот одговорен работник кој ја оценува основаноста, оправданоста и правилноста на употребата на средството на присилба односно огнено оружје. Содржината на извештајот, како и тоа што се презема во случај кога со употребата на средство на присилба или огнено оружје е предизвикана тешка телесна повреда или е усмртено лице.
Имајќи ја предвид содржината на целината на Уредбата како и одредбите од Глава II, IV и V на чија примена упатува оспорениот член 16 од Правилникот, Судот оцени дека не се основани наводите од иницијативата дека на овој начин министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ги пречекорил своите уставни и законски овластувања. Ова затоа што според оцена на Судот, наведената одредба од Уредбата овластените лица без оглед дали се припадници на шумска полиција или пак на финансиска полиција ги обврзува да постапуваат на истоветен начин при употребата на средствата на присилба или огнено оружје кога ги извршуваат законските надлежности, со што се обезбедува принципот на владеење на правото.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.186/2007
26 декември 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски