141/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 декември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за критериумите за склучување на договори и за начин на плаќање на здравствените услуги на здравствените установи кои вршат специјалистичко-консултативна стоматолошка здравствена заштита бр.02-1486/10 донесен од Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија на 9 февруари 2007 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2007).

2. Проф.д-р Ана Миновска – претседател на Македонско стоматолошко друштво, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорениот Правилник бил спротивен на Уставот на Република Македонија и членовите 200-к и 200-ф од Законот за здравствената заштита, каде било утврдено дека приватизацијата во секундарната здравствена заштита може да се врши по претходна оценка на Владата, а по утврдени критериуми и постапка, како и периодот на адаптација, што во конкретниов случај, според подносителот на иницијативата, не било сторено.

Во иницијативата, исто така се наведува дека оспорениот Правилник бил во спротивност со членот 69 и 66-а од Законот за здравствената заштита каде било предвидено дека единствен купувач на здравствените услуги е Фондот за здравствено осигурување, а со означениот правилник, пак, докторите специјалисти биле должни да купуваат услуги од забните техничари кои Фондот не сакал да ги одвои од приватизацијата. Имено, Фондот, за стоматолози специјалисти одредувал враќање на партиципацијата, а за примарните стоматолози не, со што специјалистите стоматолози се доведувале повторно во нееднаква положба со примарните стоматолози, кое било спротивно на Уставот. Исто така, специјалистите стоматолози се ставале во нееднаква положба со специјалистите од медицинска дејност бидејќи вторите имале право да избираат дали ќе се приватизираат или ќе останат во сферата на јавното здравство, како и стоматолозите од примарната стоматолошка заштита. Начинот утврден во оспорениот правилник, според иницијативата, доведувал до нееднаква приватизација, со што се вршела повреда на еднакввоста пред Уставот и законите и се нарушувал уставниот принцип на еднаквост во областа на претприемништвото. Подносителот на иницијативата, исто така, наведува дека Министерството и Фондот спроведувале приватизација без било какво одвојување на примарната од секундарната, односно терцијалната здравствена заштита на што упатувал член 200-ф од Законот за здравствена заштита.

Во иницијативата, се предлага Судот да донесе решение за времено запирање од извршување на означениот Правилник и негово поништување.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот Правилник за критериумите за склучување договори и за начинот на плаќање на здравствените услуги на здравствените установи кои вршат специјалистичко-консултативна стоматолошка здравствена заштита во член 1 е утврдено дека со овој правилник се утврдуваат критериумите за склучување договори и за начинот на плаќање на здравствените услуги кои ги пружаат здравствените установи на осигурените лица во специјалистичко-консултативната стоматолошка здравствена заштита на товар на средствата за задолжително здравствено осигурување.

Според член 2 од овој правилник како здравствени услуги во специјалистичко-консултативната стоматолошка здравствена заштита, во смисла на овој правилник, се сметаат завршени здраствени услуги од протетика, ортодонција и орална хирургија во согласност со Правилникот за индикациите за остварување на право на ортопедски и други помагала.

Според член 3 од истиот Правилник за обезбедување на здравствени услуги на осигурените лица во специјалистичко-консултативната стоматолошка здравствена заштита Фондот за здравствено осигурување на Македонија склучува договори со здравствените установи.

Договорите од став 1 на овој член се склучуваат доколку здравствената установа ги сиполнува следните критериуми:

1. да укажува здравствени услуги што се во рамките на дејноста за која е регистрирана, согласно со Законот за здравствената заштита,
2. да постојат услови за вршење на соодветната дејност (простор, опрема и кадри),
3. да се вклопува со потребите на населението на подрачјето на здравствената установа,
4. да се платени придонесите за задолжително здравствено осигурување,
5. да негува добри деловни односи.

Договорите се склучуваат врз основа на доставена понуда со потребна документација со важност на договорот за тековната година.

Договорите Фондот ќе ги склучува во зависнот од планираните средства во Буџетот на Фондот за таа намена, потребите на населението за овој вид на здравствена заштита во Република Македонија како и врз основа на финансиски анализи.

Според член 4 од Правилникот специјалистичко-консултативните стоматолошки здравствени услуги се дефинирани како завршни услуги со групирање на сите процедури и постапки кои се потребни за целосно извршување на завршената стоматолошка услуга согласно со Ценовникот за здравствени услуги на Република Македонија.

Во завршните специјалистичко-консултативни стоматолошки услуги се пресметани здравствените услуги и материјалните трошоци.

Со Одлука на Управниот одбор на Фондот се усвојува Методологијата за утврдување на завршени стоматолошки услуги во специјалистичко-консултативна здравствена заштита, Методлогија за утврдување на цените на здравствените услуги и вредноста на поенот.

Според член 5 во цената на завршени специјалистичко-консултативните стоматолошки здравствени услуги, се пресметани трошоците за:

1. плати и надоместоци на вработените во здравствената установа кои учествувале во вршење на дејноста,
2. материјални трошоци потребни за пружање на здравствените услуги,
3. трошоци за стоки и услуги, режиски трошоци (за струја, вода и други комунални трошоци), закупнина, трошоци за комуникација и транспорт, осигурување, трошоци за тековно одржување на ординацијата и опремата, административни материјали),
4. трошоци за заботехничката лабораторија,
5. други вообичаени трошоци на здравствената установа.

Според член 6 од Правилникот здравствената установа која пружа специјалистичко-консултативни стоматолошки здравствени услуги за изработка на ортопедските помагала склучува договор со заботехничката лабораторија која има решение за вршење на дејност од Министерството за здравство.

Според член 7 од Правилникот надоместокот за вршење на здравствените услуги од член 2 на овој правилник за секоја деловна година се утврдува со договор помеѓу Фондот и здравствената установа како лимитиран износ на средства до кој може најмногу здравствената установа да пружа услуги на товар на Фондот, односно да фактурира, во текот на еден месец.

Износот на средства од став 1 на овој член се утврдува врз основа на:

1. планираните средства за специјалистичко-консултативната стоматолошка здравствена заштита утврдени во Буџетот на Фондот;
2. материјални трошоци на здравствената установа според видот и обемот на здравствените услуги;
3. утврдените цени на завршените стоматолошки услуги;
4. планираниот вид и обем на здравствени услуги на осигурените лица што ќе се вршат во здравствената установа во согласност со потребите на населението на подрачјето на здравствената установа;
5. потребите на населението од ваков вид здравствена заштита.

Според член 8 од Правилникот надоместокот за извршените специјалистичко-консултативни стоматолошки здравствени услуги на здравствената установа претставува пресметан износ на бројот и видот на извршените услуги на осигурените лица според цените за завршените стоматолошки услуги.

Според член 9 од Правилникот здравствената установа до Фондот доставува фактури за завршени специјалистичко-консултативни стоматолошки услуги по осигурено лице за изработени ортопедски помагала по цени на завршените стоматолошки услуги со потребна документација за остварување на право на заботехнички и забнопротетички средства според Правилникот за индикациите за остварување на право на ортопедски и други помагала.

Во член 10 од истиот Правилник се предвидува за здравствените установи на лекарите специјалисти – концесионери кои имаат склучено договори со Фондот пред влегувањето во сила на овој правилник да се применува постојниот начин на плаќање според Ценовникот за здравствените услуги на Република Македонија.

Според член 11 од истиот Правилник овој правилник влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се објави по добивањето на согласност од министерот за здравство.

4. Според член 39 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.

Граѓаните имаат право и должност да го чуваат и унапредуваат сопственото здравје и здравјето на другите.

Имајќи го предвид член 39 од Уставот, со кој на секој граѓанин му се гарантира право на здравствена заштита, сметаме дека право е на државата, односно законодавецот да ги определи условите, начинот и средствата за задоволување на здравствените потреби на граѓаните, односно да ја вреднува општествената целисходност на едно или друго решение и да создаде нормативна претпоставка за остварување на уставно загарантираните права на здравствена заштита.

Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Од наведените уставни одредби произлегува дека здравствената заштита на граѓаните се обезбедува преку систем на здравствено осигурување како дел од социјалното осигурување во поширока смисла и дека правата што произлегуваат од тоа се уредуваат со закон и со колективен договор.

Со Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 119/2005, 37/2006, 18/2007 и 36/2007) покрај другото е определен кругот на правата од здравствено осигурување, односно основните здравствени услуги кои осигуреното лице може да ги оствари на товар на средствата на здравствено осигурување. Имено, според член 9 од наведениот закон основните здравствени услуги осигуреното лице може да ги остварува во:

а) Во примарната здравствена заштита која опфаќа здравствени услуги заради утврдување, следење и проверување на здравствената состојба, преземена на стручно медицински мерки и постапки за унапредување на здравствената состојба во примарната здравствена заштита:

1) здравствени услуги заради утврдување, следење и проверување на здравствената состојба;
2) преземање на стручно медицински мерки и постапки за унапредување на здравствената состојба, спречување и сузбивање и рано откривање на болестите и други нарушувања на здравјето;
3) укажување на итна медицинска помош, вклучувајќи и превоз со санитетско возило кога е тоа неопходно;
4) лекување во ординација, односно во домот на корисникот;
5) здравствена заштита во врска со бременост и породување;
6) спроведување на превентивни, терапевтски и рехабилитациони мерки;
7) превенција, лекување и санирање на болестите на устата и забите и
8) лекови според листата на лекови што со општ акт ги утврдува Фондот на кој министерот за здравство дава согласност;

б) во специјалистичко – консултативната здравствена заштита:

1) испитување и утврдување на заболувањата, повредите и здравствената состојба;
2) спроведување на специјализирани дијагностички, терапевтски и рехабилитациони постапки и
3) протези, ортопедски и други помагала, помошни и санитетски справи и материјали и забнотехнички средства според индикации утврдени со општ акт на Фондот на кој министерот за здравство дава согласност;

в) во болничката (краткотрајна и долготрајна) здравствена заштита:

1) испитување и утврдување на на здравствената состојба, лекување, рехабилитација, нега, сместување и исхрана во болнички услови;
2) лекови според листата на лекови што со општ акт ја утврдува Фондот на кој министерот за здравство дава согласност, како и помошни материјали кои служат за примена на лековите и санитетските и друг материјал потребен за лекување и
3) сместување и исхрана на придружник при неопрходно придружување на дете до тригодишна возраст, додека е на болничко лекување, но најмногу до 30 дена и

г) обдукција на умрени по барање на здравствени установи.

Фондот со општ акт поблиску ги определува начинот на остварувањето на правата на здравствени услуги, како и спроведување на здравствената заштита, на кој министерот за здравство дава согласност.

Според член 10 од наведениот закон со задолжителното здравствено осигурување не се опфатени здравствените услуги:

1) естетски операции кои не се медицински индицирани;
2) користење на повисок стандард на здравствени услуги во болничката здравствена заштита над утврдените стандарди;
3) бањско климатско лекување;
4) медицинска рехабилитрација на дегенеративни заболувања според ошт акт утврдено од министерот за здравство, освен за деца до 18-годишна возраст;
5) лекови кои не се опфатени со листите на лекови од член 9 на овој закон;
6) протези, ортопедски и други помагала, помошни и санитетски справи и материјали и забнотехнички средства кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурувње или се изработени од надстандарден материјал;
7) општа нега, сместување и исхрана во геонтолошка установа;
8) специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги без упат од избраниот лекар;
9) прекинување на бременост, ако не е медицински индицирано;
10) лекување како последица на непридржување на упатствата од лекарот;
11) вештачко оплодување по трет неуспешен обид за оплодување;
12) издавање на сите видови лекарски уверенија;
13) набавка на нови протетски и ортопедски справи и други помагала пред утврдениот рок;
14) отрезнување и лекување од акутна алкохолизирана состојба, како и за намерни труења, кои не се предизвикани од душевни растројства;
15) лекување во странство, ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во земјата и ако лекувањето е извршено без одобрение од Фондот, за дел од трошоците кои се повисоки од трошоците на соодветните услуги од основните здравствени услуги во земјата;
16) лекување кое е последица на кривично дело или прекршок што го сторил самиот осигуреник;
17) прегледи, испитувања и упатувања до надлежниот орган за оценување на работната способност, според прописите за пензиското и инвалидското осигурување и според прописите за социјалната и детска заштита, кога тие се вршат по барање на осигуреникот, работодавецот или друг орган;
18) незадолжително вакцинирање;
19) лекување, односно рехабилиртација од болести на зависност над 30 дена;
20) прегледи на умрени и обдукција по барање на надлежни органи или граѓани;
21) здравствени прегледи на вработените кои се упатуваат на работа во странство од страна на работодавците, како и прегледите и превентивните мерки на здравствена заштита за патување во странство;
22) лекување од последици на третман од надрилекари или употреба на надрилекарства и
23) други здравствени услуги кои според овој закон не паѓаат на товар на средствата на Фондот.

Според член 200-к став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005) деловите од објектите и опремата на постојани јавни здравствени установи во кои се врши примарна здравствена заштита, стоматолошка здравствена заштита и фармацевтска дејност се трансформираат односно се приватизираат по пат на издавање под закуп на простор и опрема, под услов закупецот да основа приватна здравствена установа за вршење на соодветна дејност, во согласност со овој закон.

Според член 200-к став 4 од истиот Закон под закуп не можат да се издадат организациски единици во јавните здравствени установи што вршат итна медицинска помош и домашно лекување, итна стоматолошка помош, превентивна здравствена заштита на предучилишни и училишни декца до 18 години, превентивна стоматолошка заштита и организациски единици на Стоматолошкиот клинички центар според критериумите кои со општ акт ќе ги утврди министерот за здравство.

Според член 200-ф од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2004) постојните јавни здравствени организации (здравствени станици, здравствени домови и медицински центри) должни се во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон да извршат поделба на просторот, опремата и кадарот меѓу примарната здравствена заштита и фармацевтската, односно стоматолошката дејност од специјалистичко-консултативната и болничката здравствена заштита, како и на деловниот простор за вршење на работите од членот 200-њ на овој закон и да предложат кои организациони единици, односно деловен простор можат да се издаваат под закуп.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор, а според став 1 на член 35 Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Од наведеното произлегува дека Уставот ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 53 од Законот за здравствено осигурување за спроведување на правата и обврските од задолжително здравствено осигурување се основа фонд за здравствено осигурување. Фондот врши дејност од јавен интерес и врши јавни овластувања утврдени со наведениот закон.

Во членот 56 од наведениот закон е определен делокругот на работа на Управниот одбор (орган кој управува со Фондот) во кој, меѓу другото, е предвидено дека Управниот одбор на Фондот ги донесува општите акти предвидени со овој закон.

Во член 69, пак, е предвидено дека Фондот со општ акт утврдува критериуми за склучување на договори со здравствените установи, за начинот на плаќањето на здравствените услуги и тоа според бројот на осигурените лица во примарната здравствена заштита, утврдените цени на здравствените услуги, програмите за одделни видови здравствена заштита односно услуги и други критериуми.

Од анализата на цитираните законски одредби, според наше мислењето на Судот, произлегува дека со истите се дава можност за приватизација на целата стоматолошка дејност која е составен дел на јавното здравство како и деловите од јавните здравствени установи во кои се врши примарна здравствена заштита.

Имено, ставот 4 на членот 200-к од Законот за здравствена заштита, всушност јасно и децидно определува што точно не може да се издава под закуп, а тоа се: организационите единици во јавните здравствени установи што вршат итна медицинска помош и домашно лекување, итната стоматолошка помош, превентивната здравствена заштита на предучилишни и училишни деца до 18 години, поливалентна патронажа ….. Понатаму, од анализата на овие одредби од Законот за здравствената заштита јасно произлегува дека се трансофрмира целата примарна здравствена заштита од областа на медицината и стоматолошката здравствена заштита. Отттука, јасна е определбата на законодавецот дека по пат на закуп се трансформира целата стоматолошка здравствена заштита во која трансформација истовремено се вклучени општата и специјалистичката стоматологија, како и здравствената заштита од областа на медицината што значи дека нема нееднавкост меѓу овие две дејности, на што се укажува во иницијативата.

Според Судот, не може да се доведе во прашање начелото на нееднаквост, на што се укажува во иницијативата, од причини што членот 200-к од Законот за здравствената заштита, точно наведува, односно определува дека се приватизира, односно трансформира целата стоматологија (со исклучоци на ставот 4 од овој член од Законот) како и целокупната примарна здравствена заштита од областа на медицината во кои спаѓаат сите доктори по општа медицина, како и докторите специјалисти.

Оспорениот Правилник, според Судот, не е во несогласност со Уставот на Република Македонија ниту со одредбите од Законот за здравствената заштита и Законот за здравственото осигурување, од причина што истиот како подзаконски акт е донесен врз основа на членот 69 од Законот за здравственото осигурување и предвидува операционализација на законот, бидејќи според оваа законска одредба Фондот има овластување да донесе подзаконски акт со кој ќе ги утврдува критериумите за склучување на договори и за начинот на плаќање на здравствените услуги. Токму тоа, сега со оспорениот Правилник е сторено, односно се утврдени критериумите за склучување на договори кои децидно се дадени во членот 3 од овој правилник, а членот 5, пак, од Правилникот утврдува кои трошоци се пресметани во цената на завршени специјалистичко-консултативните стоматолошки здравствени услуги.

Имено, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека на странките во договорот (стоматолозите) не им биле познати условите под кои ќе работат од причина што докторите со овој начин на трансформација (под закуп) продолжуваат да работат во истите услови со иста опрема и истата дејност, која според наше мислење и понатаму останува дејност од јавен интерес која се врши во приватни здравствени установи основани по основ на закуп.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека со оспорениот Правилник се овозможува еднаква положба на сите стоматолози и можност да склучат договори со Фондот за вршење на здравствени услуги на осигурените лица на товар на Фондот, од причини што критериумите за склучување на договори се еднакви како во примарната така и во специјалистичко-консултативна здравствена заштита и истите се однесуваат за сите здравствени установи. Според оценка на Судот со овој правилник, не се нарушуваат темелните вредности на Уставот, ниту социјалната сигурност на граѓаните, туку напротив се обезбедува стоматолошка здравствена заштита и истовремено сигурност на лекарите специјалисти од приватните здравствени установи (концесионери) преку склучување на договорите со Фондот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.141/2007
26 декември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски