Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 декември 2007 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 20 став 4 точка 4 и став 5 алинеја 3, член 21 точка 1, член 24 став 1 алинеја 4, член 25 став 1 алинеја 4 и член 30 став 1 точка 5 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2006 и 126/2006).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.63/2006 од 26 септември 2007 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 20 став 4 точка 4 и став 5 алинеја 3, член 21 точка 1, член 24 став 1 алинеја 4, член 25 став 1 алинеја 4 и член 30 став 1 точка 5 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2006 и 126/2006).
4. Судот на седницата утврди дека според член 20 став 4 точка 4 од Законот за стечај лиценца за вршење работа на стечаен управник може да добие физичко лице – трговец поединец, ако ги исполнува меѓу другото и условот:
– да не е осудуван за кривични дела што го прават неподобен за стечаен управник. Доколку физичкото лице – трговец поединец е осудено за кривично дело што го прави неподобно за стечаен управник, лиценца за вршење на стечаен управник може да добие по престанувањето на правните последици од осудата.
Според оспорениот член 20 став 5 алинеја 3 од Законот, лиценца за вршење работи на стечаен управник може да добие друштвото ако ги исполни меѓу другото и следниот услов:
– друштвото да не е осудувано за кривични дела што го прават неподобно за стечаен управник. Доколку друштвото е осудено за кривично дело што го прави неподобно за стечаен управник, лиценца за вршење на стечаен управник може да добие по престанувањето на правните последици од осудата.
Според оспорениот член 21 точка 1 од Законот, друштво, односно физичко лице не може да стекне лиценца за вршење на работи од стечаен управник ако е осудено за кривично дело кое го прави неподобно за стечаен управник додека трае забраната утврдена со одлука на судот.
Според оспорениот член 24 став 1 алинеја 4 од Законот, министерот за економија ќе му издаде лиценца за овластен стечаен управник на лицето кое ќе достави:
– доказ дека не е осудувано за кривични дела што го прават неподобно за стечаен управник. Доколку лицето е осудено за кривично дело што го прави неподобно за стечаен управник, министерот за економија ќе издаде лиценца за овластен стечаен управник кога лицето ќе достави докз дека престанале правните последици од осудата.
Според оспорениот член 25 став 1 алинеја 4 од Законот, министерот за економија ќе му издаде лиценца на друштвото стечаен управник кое ќе поднесе барање и ќе достави меѓу другото и:
– доказ дека друштвото не е осудено за кривични дела што го прават неподобно за стечаен управник. Доколку друштвото е осудено за кривично дело што го прави неподобно за стечаен управник, министерот за економија ќе издаде лиценца на друштвото, кога друштвото ќе достави доказ дека престанале правните последици од осудата.
Во членот 30 став 1 точка 5 од Законот е утврдено дека министерот за економија со решение ја одзема лиценцата за работа на друштовто стечаен управник, ако друштвото стечајниот управник е осудено за кривично дело што го прави неподобно за стечаен управник се додека траат правните последици од осудата.
5. Според член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 4 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдени со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Согласно член 23 од Уставот секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Согласно член 98 став 1 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, а според став 2 од овој член на Уставот, судовите се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
а) Уставниот суд на Република Македонија се произнел по однос на предметното прашање и со Одлука У.бр.235/2001 од 6 март 2002 година го укинал членот 20 став 2 точка 3 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/1997 и 53/2000).
Во образложението на одлуката меѓу другото стои: „Осудуваноста на граѓанинот за одделни кривични дела е ограничувачки фактор лицето да врши функција на стечаен управник, по сила на самиот закон, а не како последица од конкретна казна (забрана) што ја изрекол судот со правосилна судска одлука, според мислењето на Судот, со таквото ограничување се повредува уставниот принцип на претпоставена невиност и принципот на законитост во казнувањето и се ограничува правото на работа и учество во вршење на јавна функција“.
Новиот Закон за стечај е донесен на 14 март 2006 година, а влегол во сила на 28 март 2006 година. Со денот на влегување во сила на овој закон престанал да важи Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/1997, 53/2000, 37/2002 и 17/2004). Меѓутоа, истата содржина од укинатата одредба е пренесена и во новиот Закон за стечај во сега оспорените одредби од членот 20 став 4 точка 4 и став 5 алинеја 3 и член 21 точка 1, со тоа што членот 20 став 4 точка 4 содржи дополнителна содржина која гласи: „Доколку физичкото лице – трговец поединец е осудено за кривично дело што го прави неподобно за стечаен управник, лиценца за вршење на стечаен управник може да добие по престанувањето на правните последици од осудата, а членот 21 точка 1 дополнително содржи: „додека трае забраната утврдена со одлука на судот“.
Тргнувајќи од наведеното, а имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби на член 20 став 4 точка 4 и став 5 алинеја 3 и член 21 точка 1 од Законот, според кои осудуваноста на физичкото лице, односно правното лице за одделни кривични дела е ограничувачки фактор лицето да врши функција на стечаен управник, по сила на самиот закон, а не како последица од конкретна казна (забрана) што ја изрекол судот со правосилна судска одлука, според мислењето на Судот, со таквото ограничување се повредува уставниот принцип на претпоставена невиност и принципот на законитост во казнувањето и се ограничува правото на работа и учество во вршење на јавна функција. Имено, ограничувањето или губењето на правата не може да се пропишува како правна последица од осудата што настапува автоматски по сила на законот, туку дека тоа може да се прави само со правосилна судска одлука, односно дека казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата на казнивото дело и судски изречена казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изрично утврдено со Уставот. Покрај тоа, оспорените одредби се повикуваат на кривични дела што осудуваниот го правеле неподобен за стечаен управник, кои во постојниот Кривичен законик ги нема, односно попримиле друга содржина и форма, така што одредбите практично се неприменливи и по тој основ.
Со оглед на тоа што станува збор за нов закон, а имајќи го предвид фактот дека укинатата одредба од членот 20 став 2 точка 3 од Законот за стечај кој престанал да важи со донесувањето на новиот закон (28 март 2006 година), е вградена и во новиот закон кој е во важност, Судот утврди дека и во случајов членот 20 став 4 точка 4 и став 5 алинеја 3 и членот 21 точка 1 од Законот не се во согласност со Уставот.
б) Што се однесува до оспорените членови 24 став 1 алинеја 4 и 25 став 1 алинеја 4 од Законот дека министерот за економија ќе им издаде лиценца за овластен стечаен управник на лицето односно друштвото стечаен управник кои ќе достават, меѓу другите документи и доказ дека лицето/друштвото не е осудено за кривични дела што го прават неподобно за стечаен управник. Доколку лицето/друштвото е осудено за кривично дело што го прави неподобно за стечаен управник, министерот за економија ќе издаде лиценца за овластен стечаен управник, односно лиценца на друштвото, кога лицето/друштвото ќе достави доказ дека престанале правните последици од осудата, Судот утврди дека со одредбите од општиот дел од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004 и 81/2005), е уредено прашањето на казнената евиденција. Според членот 106 став 1 казнената евиденција ја води првостепениот суд надлежен според местото на раѓање на осудениот. Според ставот 2 на истиот член, за лицата родени во странство или за оние чие место на раѓање е непознато како и за правните лица казнената евиденција ја води судот определен со закон.
Со одредбите од ставовите 3 и 4 од овој член од Кривичниот законик е пропишан ограничен круг на овластени субјекти на кои можат да им се направат достапни податоците од казнената евиденција. Имено, овие податоци можат да му се дадат на судот и на јавното обвинителство во врска со кривичната постапка што се води против порано осудениот и на надлежните органи што учествуваат во постапката за давање амнестија и помилување. Податоците од казнената евиденција можат на образложено барање да им се дадат на државните органи, правни или физички лица ако уште траат определени правни последици од осудата или казни што се состојат во забрани или ако за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.
Согласно ставот 5 на овој член од Законот, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност, а според ставот 6 на граѓаните по нивно барање, може да им се дадат податоци за нивната осудуваност или неосудуваност само ако овие податоци им се потребни заради остварувањето на нивните права во странство.
Врз основа на изнесените законски одредби произлегува дека никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност.
Тргнувајќи од содржината на оспорените одредби од членовите 24 став 1 алинеја 4 и 25 став 1 алинеја 4 од Законот за стечај, произлегува дека со нив за да се добие лиценца за овластен стечаен управник како на физичко лице така и на правно лице, потребно е да се достави доказ како посебен услов за добивање на лиценца за стечаен управник. Овој посебен услов се однесува на доставување на доказ дека лицето, односно друштвото не е осудено за кривично дело што го прават неподобно за стечаен управник, а доколку лицето/друштвото се осудени за такво кривично дело, тогаш министерот за економија ќе издаде лиценца за овластен стечаен управник, лиценца на друштвото, кога лицето и друштвото ќе достават доказ дека престанале правните последици од осудата.
По однос на член 24 став 1 алинеја 4 Судот смета дека согласно член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.
Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.
Согласно член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Според член 33 став 1 точка 3 од Кривичниот законик, забраната за вршење професија, дејност или должност е предвидена како вид на казна.
Според член 106 став 5 од истиот законик, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за нивната осудуваност или неосудуваност.
Тргнувајќи од содржината на член 11 став 1 и член 25 од Уставот, Судот оцени дека истите ја истакнуваат вредноста и неприкосновеноста на човечката личност како основа и смисла на гарантирањето на човековите права. Човечкото достоинство, во таа смисла, не е само едно од субјективните човекови права што изречно се препознава во член 25 од Уставот, туку и темелна вредност на демократското општество што ужива универзална заштита.
Почитувањето на моралниот интегритет и достоинството на граѓанинот во себе ја инкорпорира и улогата на државата која треба да гарантира заштита на интегритетот и достоинството на начин со кој ќе обезбеди заштита во случај кога овие вредности се загрозени од друг, но и со избегнување на поединецот да му се наметнуваат обврски кои во конкретниот случај во постапка на регистрација можат службено да се проверат.
Во тој контекст одредбата од член 106 став 5 од Кривичниот законик со која се забранува од граѓаните да се бараат докази за нивната осудуваност или неосудуваност е јасен израз на овој втор аспект на заштита на човековото достоинство, како што тоа е општо прифатениот принцип на забрана за самообвинување на осомничениот во казненото право, кој што е изграден подеднакво врз презумпцијата на невиност и заштитата на достоинството на поединецот.
Во конкретниот случај барањето од физичкото лице (член 24 став 1 алинеја 4) да достави докз дека не е осудено за кривично дело што го прави неподобно за стечаен управник, иако овој доказ не се бара да се достави во кривичноправен контекст, односно нема самообвинувачки квалитет, обврската за неговото доставување има ефект врз однесувањето на поединецот, што е проблематично како од аспект на заштита на човековото достоинство, така и од аспект на презумцијата на невиност на која се надворзува забраната од лицето да се бара доказ за осудуваност, односно неосудуваност.
Исто така, и по однос на членот 25 став 1 алинеја 4 од Законот, Судот смета дека обврската на друштвата, да достават доказ дека друштвото не е осудено…, не е во согласност со наведените уставни принципи, што од друга страна пак значи дека обврската за доставување на таков доказ не треба да постои како услов за добивање лиценца за стечаен управник и за друштвото.
Поради наведените причини, Судот утврди дека оспорените одредби од член 24 став 1 алинеја 4 и член 25 став 1 алинеја 4 од Законот не се во согласност со Уставот.
По однос на членот 30 став 1 точка 5 од Законот, според кој министерот за економија со решение ја одзема лиценцата за работа на друштвото стечаен управник ако друштвото е осудено за кривично дело што го прави неподобно за стечаен управник се додека траат правните последици од осудата, исто така, Судот утврди дека поради горенаведените аргументи и оваа оспорена одредба од Законот не е во согласност со Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а во однос на член 24 став 1 алинеја 4 одлуката е донесена едногласно.
У.бр.63/2006
19 декември 2007 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски