Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 јули и 19 декември 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 32 став 1, член 51 став 4 точка 1 во делот „или за лице кое може да даде известување за сторени кривични дела или прекршоци или за сторителите на такви дела“ и член 97 став 2 во делот „за работни места со посебни должности и овластувања утврдени со актот за систематизација на работните места во полицијата“ од Законот за полицијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.114/2006).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3 во делот „преземање на мерки за гонење на сторителите на тие дела“, член 5 алинеја 3 во делот „и превземање на други со закон определени мерки за гонење на сторителите на тие дела“, член 8, член 14 став 1, член 16 став 3, член 21 точка 9 во делот „друг пропис“, член 26 став 4 во делот „во согласност со подзаконски акти на министерот“, член 28 став 1 точка 5, член 34 во деловите „и задржување“ и „или задржувањето“, член 39 став 4 во делот „освен кога се исполнети условите од членот 50 на овој закон“, Поднасловот 5 „Задржување“ и член 50, член 95 став 2, член 108 став 1 и член 128 став 1 алинеите 1 и 7 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на наведените членови од Законот за полицијата. Иницијатива за оценување на уставноста на член 97 став 2 од Законот за полицијата поднесе и Петре Илиевски од Скопје.
Според наводите на подносителот на иницијативата со одредбата од член 3 во делот „преземање мерки за гонење на сторителите на тие дела“, член 5 алинеја 3 во делот „и преземање на други со закон определени мерки за гонење на сторителите на тие дела“ и член 14 став 1 од Законот се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 106 став 1 од Уставот на Република Македонија, затоа што Јавното обвинителство бил единствен и самостоен државен орган кој ги гонел сторителите на кривични дела и вршел други работи утврдени со закон.
Оспорената одредба од член 8 од Законот не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 24 став 1, член 51 и член 54 став 1 од Уставот, затоа што со неа се ограничувало правото на незадоволните граѓани да поднесуваат претставки до другите државни органи и другите јавни служби во државата.
Со оспорената одредба од член 16 став 3 од Законот се повредувал член 8 алинеја 3, член 9 и член 51 од Уставот затоа што нормата не била задолжителна, туку било дадена можност и зависела од барањето на директорот тој да одлучи дали ќе поднесе барање за престанок на функцијата и во случаите кога бил осуден за казниви дела на казна затвор од најмалку шест месеци.
Со оспорената одредба од член 21 точка 9 во делот „друг пропис“ од Законот се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот, затоа што согласно член 51 од Уставот секој бил должен да го почитува Уставот, законите, а не и другите прописи.
Со оспорената одредба од член 26 став 4 во делот „во согласност со подзаконските акти на министерот“ од Законот се повредувал член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 91 алинеите 1 и 5, член 95 став 3 и член 96 од Уставот, затоа што министерот кој ги донесува подзаконските акти по истите постапувал и вршел избор.
Со оспорените одредби од член 28 точка 5, член 34 во деловите „и задржување“ и „или задржувањето“, член 39 став 4 во делот „освен кога се исполнети условите од член 50 на овој Закон“ поднасловот „5. Задржување“ и член 50 од Законот се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 11 став 1, член 12, член 51, член 54 став 1 и член 112 став 3 од Уставот.
Оспорената одредба од член 32 став 1 од Законот не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11, член 11 став 1, член 12 ставовите 1 и 2, член 54 ставовите 1 и 2 од Уставот, затоа што основната функција на полицијата била заштита и почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори, а не да ги ограничува тие слободи и права како што е предвидено во оспорената одредба.
Со оспорената одредба од член 54 ставот 1 точка 4 од Законот во делот „или за лице кое може да даде известување за сторени кривични дела или прекршок или за сторителите на такви дела“ се повредувал член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11, член 11 став 1, член 12 ставовите 1 и 3, член 51 и член 54 од Уставот затоа што распис можело да се распише само за лице за кое постојат основи на сомневање дека е сторител на кривично дело или прекршок а не и за потенцијалните сведоци.
Со оспорената одредба од член 95 став 2 од Законот се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 32 ставовите 1, 2 и 5, член 51 и член 96 од Уставот, затоа што условите за засновање на работен однос во полицијата можат да се утврдат само со закон и колективен договор а не и со акт за систематизација.
Со оспорената одредба од член 97 став 2 во делот „по исклучок работен однос без јавен оглас се заснова за работни места со посебни должности-овластувања“ од Законот, се повредувал член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 и член 54 од Уставот затоа што со предвидениот начин на вработување граѓаните биле доведени во нееднаква положба во поглед на достапноста на секое работно место односно некои граѓани биле ставени во привилегирана положба.
Со оспорената одредба од член 108 став 1 од Законот се повредувал член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11, член 38 и член 54 ставовите 1 и 2 од Уставот, затоа што со закон може да се ограничат само условите за остварување на правото на штрајк но не и да се забранува гарантираното со Устав право на штрајк.
Со одредбата од член 128 став 1 алинеите 1 и 7 од Законот се повредувал член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 1, член 91 алинеите 1 и 5 и член 96 од Уставот, затоа што законот не содржел никакви критериуми и рамка за донесување на подзаконски прописи од страна на министерот со кои ќе се утврди начинот на вршење на полициските работи и ќе ги утврди работите и дејностите што се во судир со полициските работи во случаите кога полицискиот службеник може да врши дополнителна стопанска или професионална дејност.
4. Судот на седницата утврди дека според член 3 од Законот за полицијата основна функција на Полицијата е заштита и почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори, заштита на правниот поредок, спречување и откривање на казниви дела, преземање мерки за гонење на сторителите на тие дела (оспорен дел) како и одржување на јавниот ред и мир во општеството.
Според член 5 алинеја 3 од наведениот закон како полициски работи во смисла на овој закон се и дејствијата што полициските службеници ги прземаат за спречување на вршење на кривични дела и прекршоци, откривање и фаќање на нивните сторители и преземање на други со закон определени мерки за гонење на сторителите на тие дела (оспорен дел).
Во оспорениот член 14 став 1 од Законот е предвидено дека полицискиот службеник презема мерки што се однесуваат на гонење на сторителите на казниво дело, само кога постојат основи за сомневање дека лицето е сторител на такво дело.
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 106 од Уставот, Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши други работи утврдени со закон. Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Според член 2 од Законот за јавно обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2004) јавното обвинителство е единствен и самостоен орган кој ги гони сторителите на кривични и други со закон утврдени кривични дела и врши други работи утврдени со закон.
Според став 3 од наведената одредба јавното обвинителство своите функции ги врши врз основа и во рамките на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија.
Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека јавното обвинителство е самостоен државен орган кој ги гони сторителите на казниви дела. Меѓутоа неговата уставно утврдена самостојност не подразбира дека тој е изолиран орган со неограничени и неопределени функции што би биле цел сами за себе туку како самостоен државен орган во содејство со други органи има определени права и должности да ги гони сторителите на казниви дела што не значи дека на тој начин се исклучува уставниот механизам за вршење на неговите функции.
Имено, јавниот обвинител за да може да го презема кривичното гонење мора да дојде до сознанија дека постојат основи на сомневање дека определено лице сторило одредено дело што значи дека мора да постои повод за поведување на постапка.
До такви сознанија јавниот обвинител доаѓа по сопствени забележувања или на начин што до него допрел глас дека е сторено кривично дело, а најчесто од поднесена пријава од други субјекти кои се должни да пријават дека е сторено кривично дело (член 140 од Законот за кривичната постапка) меѓу кои се и органите за внатрешни работи.
Имено во Законот за кривичната постапка е предвидена обврска за органите за внатрешни работи да преземаат дејствија насочени кон откривање на кривично дело и пронаоѓање на сторителот и во таа функција се должни да собираат известувања и докази, односно да преземаат криминалистичко-технички и оперативни тактики за фактите заради составување и поднесување на кривична пријава до јавното обвинителство. Притоа органите за внатрешни работи и по поднесување на кривичната пријава односно и по донесување на решение за спроведување на истрага од страна на истражниот судија, со што е започната кривичната постапка, а по барање на органите кои ја водат постапката, а тоа се истражниот судија, јавниот обвинител и судот, преземаат низа активности што ќе му ги доверат овие органи. Тоа значи дека органите за внатрешни работи, односно полициските службеници од моментот на сознание дека е сторено кривично дело па се до моментот на донесување на конечна одлука од страна на судот, а често пати и понатаму активно се вклучени во преземање на низа мерки и активности кои се од битно значење сторителите на кривични дела да бидат откриени, фатени и предадени на судот.
Оттука, имајќи ги предвид наведените уставни одредби, одредбите од Законот за кривичната постапка во кои се утврдени мерките и активностите што ги преземаат органите за внатрешни работи во кривичната постапка наспрема содржината на оспорените членови 3, 5 алинеја 3 и 14 став 1 од Законот за полицијата, Судот оцени дека со предвидените активности на полицијата во однос на преземањето на мерките за гонење и откривање на сторителите на кривични дела не се доведува во прашање функцијата на јавното обвинителство, поради што не може да се постави прашањето за нивната согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.
5. Судот утврди дека во член 8 од Законот е предвидено дека кога лицето кон кое се применети полициски овластувања согласно со овој закон, смета дека полицискиот службеник ги повредил неговите слободи и права, има право на претставка до полицијата.
Полицијата е должна да изврши проверка на наводите на претставката од став 1 на овој член и во рок од 30 дена од денот на приемот на претставката и во писмена форма да го извести подносителот за преземените мерки.
Според член 24 став 1 од Уставот, секој граѓанин има право да поднесува претставки до државните органи и другите јавни служби и на нив да добие одговор.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се огграничат само во случаи утврдени со Уставот.
Од наведените уставни одредби произлегува дека граѓаните имаат право да поднесуваат претставки до државните органи и други јавни служби во врска со извршувањето односно неизвршувањето на државните функции и јавни овластувања и по повод на поднесените претставки да добијат одговор, при што ова право не може да им биде ограничено освен во случаи утврдени со Уставот.
Според тоа, а имајќи го предвид наведеното наспрема содржината на оспорената одредба од член 8 од Законот, Судот оцени дека не се основани наводите во иницијативата дека со неа се повредува правото на граѓанинот да поднесува претставки. Ова затоа што од содржината на самата одредба според која лицето кое смета дека со преземените овластувања од страна на полицискиот службеник му е повредено некое право или слобода или право да поднесе претставка до полицијата не значи дека незадоволниот граѓанин спрема кој се преземени одредени мерки и активности не може да се обрати до другите државни органи.
Фактот што во правниот поредок на Република Македонија егзистира Закон за постапување по претставките и предлозите на граѓаните и дека со Законот за полицијата уште еднаш се уредува правото на граѓаните да можат да поднесат претставка до полицијата кога се работи за извршување на активности на полициските службеници што не може да претставува основ да се изрази сомнение за неуставноста на оспорената одредба.
Имено, според Судот дали одредено прашање ќе биде уредено со еден или повеќе закони е прашање на целисходност, а не прашање на уставност.
Со оглед на наведеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 8 од Законот со наведените уставни одредби.
6. Судот исто така утврди дека во членовите 15 и 16 од Законот за полицијата е предвидено дека полициските работи во Министерството ги врши Бирото за јавна безбедност, со кое раководи директор кој на предлог на министерот го именува и разрешува Владата на Република Македонија за време од четири години.
Во оспорениот став 3 на член 16 е предвидено дека „Директорот може да биде разрешен по негово барање, кога е осуден за сторено казниво дело на казна затвор од најмалку шест месеца или заради несовесност и нестручно вршење на работата“.
Имајќи ги предвид одредбите од членовите 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 51 од Уставот и наводите во иницијативата наспрема содржината на оспорената одредба, според мислењето на Судот подносителот на иницијативата погрешно ја толкува одредбата во смисла на тоа дека директорот може да биде разрешен по негово барање и во случај кога е осуден за кривично дело, односно право е на директорот тој да одлучи дали ќе поднесе барање за престанок на функцијата и кога е осуден за казниви дела на казна затвор од шест месеци.
Имено, одредбата од член 16, а вклучително и оспорениот став 3 на член 16 треба да се толкува на начин што директорот за јавна безбедност Владата го разрешува по престанок на мандатот за кој е избран (4 години) по негово барање, а како посебен основ за разрешување е кога е осуден за сторено казниво дело од најмалку шест месеци и кога работата ја врши нестручно и несовесно.
Разрешувањето на директорот за јавна безбедност зависи од неговата волја само во случаи кога тој тоа го бара, а не и во другите случаи утврдени во Законот. Оттука, во конкретниов случај не станува збор за дискреционо право директорот да одлучува дали ќе поднесе барање за разрешување кога е осуден за казниво дело над шест месеца како што се тврди во иницијативата, туку се работи за посебен законски основ за престанок на функцијата кој не зависи од волјата на директорот ниту пак е потребно негово барање.
Со оглед на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 16 став 3 од Законот со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 51 од Уставот.
7. Судот понатаму утврди дека во член 21 од Законот за полиција се утврдени полициските работи што ги врши секторот за внатрешни работи при што во точката 9 на овој член е предвидено дека секторот за внатрешни работи врши други работи утврдени со закон, друг пропис или согласно со обврските што произлегуваат од членство во меѓународни полициски организации и институции.
Имајќи ја предвид содржината на одредбите од член 21 од Законот во кој се утврдени полициските работи кои ги врши Секторот за внатрешни работи оспорениот дел на член 21 точка 9 од Законот според кој Секторот за внатрешни работи врши и други полициски работи утврдени и со „друг пропис“ како и наводите на подносителот на иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани.
Ова затоа што оспорениот дел од одредбата во суштина значи вршење на полициски работи кои произлегуваат од подзаконските акти донесени врз основа на Законот за полиција и други закони, како и работи кои произлегуваат од меѓународните акти кои Република Македонија ги ратификувала и тие станале дел од внатрешниот правен поредок.
Со оглед на наведеното, Судот оцени дека оспорениот дел од одредбата на член 21 точка 9 од Законот не може да биде доведен под сомнение во однос на одредбата од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.
8. Судот, исто така, утврди дека според член 26 став 1 од Законот за полицијата, за вршење на полициските работи кои се однесуваат на државната граница и контрола на преминувањето на државната граница се формираат регионални центри за гранични работи.
Според став 2 на овој член, со регионалниот центар за гранични работи раководи началник.
Според ставот 4 на истиот член, кој се оспорува со иницијативата, началникот од ставот 2 на овој член го назначува и разрешува министерот од редот на вработените, во транспарентна постапка, во согласност со подзаконските акти на министерот .
Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законот.
Во член 91 алинеите 1 и 5 од Уставот е утврдено дека Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и другите прописи на Собранието и е одговорно за нивно извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според член 95,пак, организацијата и работата на органите на државната управа се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби како и целината на член 26 од Законот за полицијата во кој покрај другото е утврдено дека министерот го назначува и разрешува началникот на регионалниот центар за гранични работи согласно предвидените општи и посебни услови предвидени со Законот за полиција и тоа од редот на вработените во регионалниот центар во транспарентна постапка во согласност со подзаконските акти што тој ги донел, Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани. Ова од таму што министерот при изборот на началникот на регионалниот центар мора да се движи во рамки на законот односно изборот да го изврши од редот на вработените во транспарентна постапка и тоа само на лице кое ги исполнува предвидените законски услови, а во постапка предвидена со подзаконски акт што тој го носи. Имено, според Судот фактот што изборот на кандидат за началник на регионалниот центар го врши министерот кој истовремено ги носи и подзаконските акти врз основа на кои се спроведува постапка за избор на кандидат не остава простор од арбитрерно постапување и одлучување на министерот, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од одредбата на член 26 став 4 од Законот со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.
9. Судот понатаму утврди дека според член 28 став 1 точка 5 од Законот за полицијата, покрај другите полициски овластувања што ги вршат полициските службеници е задржувањето (оспорен дел).
Во членот 34 од Законот е предвидено дека при примена на полициските овластувања повикување, приведување и задржување (оспорен дел) полицискиот службеник мора веднаш да го извести лицето на јазик што го разбира за причините за повикување, приведување или задржувањето (оспорен дел) и на јасен начин да го поучи за правото да молчи, правото да се советува со бранител, право на бранител за време на полициската постапка, право на лекарска помош ако тоа лицето го бара, како и за правото да се извести член на неговото семејство или некое блиско лице.
Во оспорениот член 39 став 4 од Законот за полицијата, е предвидено дека ако лицето одбива или не е во можност да го докаже идентитетот, може да биде задржано за време потребно за утврдување на идентитетот, но не подолго од три часа, освен кога се исполнети условите од член 50 на овој закон.
Во точката 5 на дел IV „Полициски овластувања“ односно во член 50 од Законот е предвидено дека полицискиот службеник може да задржи лице за кое постојат основи за сомневање дека сторило кривично дело за кое се гони по службена должност, под услови и на начин утврдени со посебен закон, при што задржувањето може да трае најмногу 24 часа.
Полицискиот службеник може да задржи лице затечено при извршување на прекршок под услови и на начин утврдени со посебен закон, како и лице кое ги нарушува или загорзува јавниот ред и мир, а воспоставувањето на јавниот ред и мир или отстранување на загрозувањето не може да се постигне на друг начин.
Задржувањето од став 2 на овој член може да трае најмногу 12 часа.
Полицискиот службеник може да задржи лице под дејство на алкохол или други психоактивни материи под услови и на начин утврдени со посебен закон при што задржувањето може да трае најмногу 8 часа.
Лицето кое го испорачува странски орган на безбедност заради спроведување до надлежен орган може да се задржи најмногу 24 часа.
Задржувањето се прекинува веднаш по престанување на причините за задржување.
Според член 12 од Уставот на Република Македонија слободата на човекот е неприкосновена. Според став 2 на овој член никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на Судот и во случаи и во постапка утврдена со закон.
Според ставот 3 на овој член, лицето повикано, приведено или лишено од слобода мора веднаш да биде запознато со причините за неговото повикување, приведување или лишување од слобода и со неговите права утврдени со закон и од него не може да се бара изјава.
Според ставот 4 на овој член лицето лишено од слобода мора веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од моментот на лишувањето од слобода да биде изведено пред суд кој без одлагање ќе одлучи за законитоста на лишувањето од слобода.
Од наведената уставна одредба произлегува дека слободата на човекот е неприкосновена и како таква Уставот ги утврдил основите, условите и начинот на нејзиното ограничување.
Имено Уставот прокламирајќи ја неприкосновеноста на слободата која може да биде ограничена само со одлука на суд и во случаи утврдени со закон во ставот 4 на член 12 од Уставот утврдил исклучок од правилата, според кој лицето може да биде лишено од слобода и без одлука на суд, при што тоа мора веднаш а најдоцна во рок од 24 часа да биде изведено пред суд кој без одлагање ќе одлучи за законитоста на лишувањето од слобода.
Од наведеното произлегува дека кумулативното исполнување на условите предвидени во член 12 став 2 (со одлука на суд и во случаи и постапка утврдена со закон) не се однесува на приведувањето и задржувањето на лицето до моментот на предавањето на тоа лице на судот како мерка за привремено ограничување на слободата за остварување на определени процесни цели, односно превентивно ограничување на слободата за остварување на целите во кривичната постапка. Притоа и ова превентивно ограничување на слободата мора да биде сведено на најкусо време што е потребно задржаното лице да се спроведе до надлежен истражен суд.
Оттука, несомнено произлегува дека Уставот допушта под строго определени услови и време едно лице да биде лишено од слобода и без одлука на суд при што лицето лишено од слобода мора во определен рок да биде изведено пред суд кој ќе одлучи за законитоста на лишувањето.
Во поткрепа на ваквото становиште во Законот за кривичната постапка и Законот за прекршоците е утврдено кои дејствија службените лица се должни да ги преземаат во случај на задржување на одредени лица, а со цел да не дојде до повреда на слободата како основно човеково право.
Имено во членовите 143 и 188 од Законот за кривичната постапка точно е утврдено кога и под кои услови едно лице може да биде приведено и задржано и без одлука на суд, а за законитоста на тоа лишување од слобода ќе се одлучи дополнително.
Во Законот за прекршоците односно во членовите 89, 92 и 94 е предвидено дека како мерка што може да се презема спрема обвинетиот, а заради обезбедување на присуство и за водење на прекршочната постапка е предвидено и задржување на овие лица при што и во овие случаи се применуваат одредбите од Законот за кривичната постапка.
Оттука, според мислењето на Судот оспорените одредби од Законот за полицијата не може да се гледаат изолирано сами за себе туку во корелација со одредбите од наведените закони на што упатува и оспорениот член 50 во кој се утврдени случаите на можноста од задржување на одредено лице, под услови и на начин утврден со посебен закон.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, одредбите од Законот за кривичната постапка и Законот за прекршоците наспрема содржината на оспорените одредби на член 28 точка 5, член 34 во деловите „ и задржување“ и „или задржувањето“, член 39 став 4 во делот „освен кога се исполнети условите од член 50 на овој закон“, поднасловот „5. Задржување“ и член 50 од Законот за полицијата, Судот оцени дека не се основани наводите во иницијативата дека со нив се повредуваат уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата, поради што не може да се постави прашањето за нивната несогласност со Уставот.
10. Понатаму, Судот утврди дека според член 32 став 1 од Законот за полицијата, полицијата може да ги ограничи основните слободи и права на човекот и граѓанинот само под услови и во постапка утврдени со Уставот и со закон.
Во член 8 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија меѓу другите се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитување на општоприфатените норми на меѓународното право.
Според член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.
Според член 12 став 1 од Уставот, слободата на човекот е неприкосновена, а според став 2 на овој член никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на суд и во случаи и во постапка утврдена со закон.
Во член 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот може да се ограничат во случаи утврдени со Уставот, а според став 2 на овој член, слободата и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена и вонредна состојба според одредбите на Уставот.
Тргнувајќи од содржината на одредбата од член 11 ставовите 1 и 2 и член 12 од Уставот произлегува дека слободата и моралниот интегритет на човекот и граѓанинот се општоприфатени лични слободи и права гарантирани со Уставот, а механизмот за нивно обезбедување е содржан во забраната дека никому не може да му биде ограничена слободата освен со одлука на суд и во случаи и во постапка утврдена со закон, како и во забрана на секаков вид и облик на мачење, нечовечко и понижувачко однесување и казнување.
Од анализата на член 54 ставовите 1 и 2 од Уставот кој е поместен во делот на гаранции на основните слободи и права произлегува дека слободата и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени само во случаи утврдени со Уставот, при што како посебен услов за ограничување на одредено право, а не на сите е настапување на воена и вонредна состојба.
Оттука, имајќи ги предвид наведените уставни одредби со кои се гарантираат основните слободи и права на човекот и граѓанинот и предвидените механизми за нивна заштита, недвосмислено произлегува дека основните слободи и права се утврдени со Уставот и основот за нивното ограничување мора да се наоѓа во Уставот. Притоа со Уставот може да се предвиди обемот на ограничувањето на одредена слобода или право кој е обврзувачки за законодавецот или општо да се определи обемот до кој законодавецот може да ги ограничи основните слободи и права. Доколку, Уставот на тоа не упатува основните слободи и права не можат да се уредат и ограничат со закон, туку нивната содржина и ограничување ќе се определат преку севкупноста на уставните определби и норми на правниот поредок како претпоставка за реално остварување на слободите и правата загарантирани со Уставот.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај со оспорената одредба од член 32 став 1 од Законот се дава можност полицијата во вршењето на своите надлежности да ги ограничи основните слободи и права, пред Судот се постави прашањето дали таквата надлежност не води кон ограничување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот надвор од уставните рамки.
11. Судот, воедно утврди дека според член 51 став 4 точка 1 од Законот, распис се распишува за лице за кое постојат основи на сомневање дека е сторител на кривично дело или прекршок, или за лице кое може да даде известување за сторени кривични дела или прекршоци или за сторители на такви дела (оспорен дел).
Според член 8 алинеја 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, покрај другите, темелни вредности на Уставот на Република Македонија се: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото.
Во член 25 од Уставот е утврдено дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Според став 2 на овој член секој е должен да го почитува Уставот и законите.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Според член 8 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон, и ако претставува мерка која е во интерес на државата и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштита на здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.
Според член 17 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права никој не може да биде изложен на самоволно и незаконско мешање во неговиот приватен живот, семејство, стан или преписки, ниту на противзаконити напади на неговата чест и углед.
Секој има право на законска заштита против таквото мешање или напад.
Според член 1 од Универзалната декларација за правата на човекот сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви во достоинството и правата.
Во членот 12 од наведената декларација, пак, е предвидено дека никој нема да биде изложен на произволно вмешување во приватниот живот, семејството, домот и преписката, ниту пак на напади врз неговата чест и углед.
Секој има право на правна заштита од таквото вмешување или напади.
Од наведените уставни одредби, а посебно член 25 од Уставот на Република Македонија, како и наведените меѓународни конвенции, произлегува дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста.
Почитувањето на личниот живот на граѓанинот е основа за забрана кој и да е да се меша во личното однесување на човекот и во неговото определување, односно личниот живот е приватна работа на човекот во која никој не може да се меша, освен во случаи кога изразувањето на личноста и однесувањето на личноста ги доведува во прашање општоприфатените норми во општеството. Слични карактеристики има и приватноста на семејниот живот, а тоа значи дека никој нема право да се меша во односите во семејството, меѓу брачните другари меѓу родителите и децата, начинот на живеење, семејниот ред и друго.
Почитувањето на достоинството и угледот на граѓанинот во себе не ја содржи само обврската луѓето во меѓусебните односи да се почитуваат, туку ја инкорпорира и улогата на државата која треба да гарантира заштита на приватноста поаѓајќи од фактот што со самото тоа што се работи за човечко суштество со него треба да се постапува со уважување на неговото достоинство и углед.
Со оглед на наведеното, Судот смета дека со предвидувањето да се објави распис за лице кое може да даде известување за сторени кривични дела или за прекршоци или за сторителите на таквите дела утврдено во член 51 став 4 точка 1 од Законот, се задира во приватноста на личноста и заштитата, односно правните средства за заштита на приватноста.
Со оглед на наведеното пред Судот основано се постави прашањето дали со наведената законска формулација не се доведуваат во прашање заштитата на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, поради што го постави прашањето за согласноста на член 51 став 4 точка 1 од Законот со наведените одредби од Уставот.
12. Судот исто така утврди дека според член 95 став 2 од Законот за полицијата со актот за систематизација на работните места во Министерството, можат да се утврдат и посебни услови за засновање на работен однос во Полицијата.
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и владеење на правото.
Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а според став 2 на овој член секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.
Според став 5 на член 32 од Уставот остварувањето на правото на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.
Според член 1 од Законот за полицијата, со овој закон, покрај другото, се уредуваат и правата и обврските што произлегуваат од работниот однос на полициските службеници во Министерството за внатрешни работи, што не се уредени со Законот за внатрешни работи.
Во членот 94 од наведениот закон во делот „Работни односи“ е предвидено дека правата и обврските од работен однос, полициските службеници ги остваруваат согласно прописите за работни односи, Колективниот договор на Министерството и овој закон.
Во членот 95 став 1 од Законот се утврдени општите услови што треба да ги исполнува лице кое заснова работен однос во полицијата.
Од наведените уставни одредби произлегува дека остварувањето на правата од работен однос на вработените, а врз основа на уставните овластувања се уредува со Законот за работните односи, соодветниот закон од одредени области како израз на специфичноста на дејноста што се обавува со колективен договор и тоа било да е општ, гранков или на ниво на работодавец.
Во насока на операционализација на наведените уставни одредби, а кои се однесуваат на правата и обврските од работен однос на полициските службеници со Законот за полицијата е утврдено дека правата од работен однос полициските службеници ги остваруваат согласно Законот за работни односи, Законот за полицијата, а што не е уредено со овој закон ќе се применува Законот за внатрешни работи и Колективниот договор на Министерството, а со актот за систематизација на Министерството можат да се утврдат и други посебни услови за засновање на работен однос.
Имајќи го предвид наведено Судот оцени дека со пропишувањето на можноста со актот за систематизација на Министерството да се пропишат и други посебни услови, а кои произлегуваат од специфичните работи кои ги обавуваат полициските службеници, освен условите утврдени во Законот и во Колективниот договор не се повредуват наведените уставни одредби, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 95 став 2 од Законот со Уставот.
13. Воедно, Судот утврди дека во член 97 став 2 од Законот, по исклучок работен однос без јавен оглас се заснова „за работни места со посебни должности и овластувања утврдени со актот за систематизација на работните места во полицијата“ и за стипендисти на Министерството – завршени студенти на Полициската академија.
Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото.
Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во делот на одредбите од Уставот кои се однесуваат на економските, социјалните и културните права, во членот 32 став 1 е утврдено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според ставот 5, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Уставната гаранција за достапноста на работното место секому под еднакви услови е едно од основните права на граѓанинот кое воедно претставува и гаранција за неговата економска и социјална сигурност и ја изразува определбата секој човек способен за работа тоа право да го оствари под определени услови и објективни можности и за секој вид работа.
Определбата содржана во оспорениот дел на член 97 став 2 од Законот за полицијата, според Судот, граѓаните ги доведува во нееднаква положба во поглед на достапноста на работното место. Имено, пополнувањето на одредено работно место без огласување значи дека некои граѓани се привилегирани и полесно засноваат работен однос без притоа да има транспарентност и меѓусебна конкуренција.
Врз основа на наведеното, пред Судот се постави прашањето за согласноста на член 97 став 2 во делот„за работни места со посебни должности и овластувања утврдени со актот за систематизација на работните места во полицијата“ со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.
14. Судот утврди дека според член 108 став 1 од Законот за полицијата се забранува штрајк во Полицијата во воена или вонредна состојба.
Според член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеење на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 38 од Уставот се гарантира правото на штрајк.
Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружени сили, полицијата и органите на управата.
Според член 54 став 1 од Уставаот, слободите и правата на човекот и граѓанинот може да се ограничат само во случаи утврдени со Устав.
Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредби на Уставот.
Од наведените уставни одредби произлегува дека остварувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот може да се ограничат во случаи утврдени со Уставот, односно тие може да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба, со исклучок на точно одредени слободи и права кои и во настанатите околности не можат да бидат ниту ограничени ниту суспендирани.
Оттука, имајќи го предвид наведеното како и фактот што правото на штрајк не може да се сфати како апсолутно право кое може да се остварува секогаш и во секакви услови, Судот смета дека одредбата од член 54 став 2 од Уставот допушта правото да биде суспендирано во случај на воена или вонредна состојба.
Имено, со самиот факт на настапување на воена или вонредна состојба во кои околности е доведена во прашање безбедноста на државата, животот или здравјето на граѓаните, нужно се наметнува потребата државата да биде насочена првенствено кон зачувување на нејзината безбедност.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не се основани наводите на подносителот на иницијативбата дека оспорената одредба од член 108 став 1 од Законот за полицијата не е во согласност со Уставот, поради што не може да се постави прашањето за нејзината согласност со одредби од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.
15. На крајот, Судот утврди дека според член 128 став 1 алинеја 1 и 7 од Законот за полицијата, министерот донесува подзаконски пропис за начинот на вршење на полициските работи и работите и дејностите што се во судир со полициските работи.
Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите.
Според член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите.
Според член 96 од Уставот органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Кои се работи од надлежност на полицијата која е во состав на Министерството за внатрешни работи е определено во член 5 од Законот за полицијата, при што покрај децидно наведените работи што се однесуваат на делувањето на полициските службеници, во алинеја 10 од наведениот член е утврдено дека полициските службеници вршат и други работи утврдени со закон.
Тргнувајќи од содржината на уставните одредби кои се однесуваат на надлежностите на органите на управата, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба од член 128 став 1 алинеја 1 според кој министерот е овластен да донесе подзаконски пропис за начинот на вршењето на полициските работи, според Судот, даденото законско овластување не е во несогласност со Уставот. Имено, органите на државната управа можат да бидат овластени да донесуваат прописи со кои се разработуват законски одредби заради нивно извршување, при што законот за чие извршување се донесуваат подзаконските прописи мора да содржи основи за уредување на односите и рамки на овластувањето на органот.
Со оглед на фактот што од Законот за полицијата може да се утврди дека тој содржи основи и правила за тоа кои се полициски работи ги извршуваат полициските службеници, а со подзаконскиот акт министерот е овластен да го определи начинот на нивното извршување, Судот оцени дека даденото овластување е во насока на операционализација на Законот за полиција, поради што не го постави прашањето за согласноста на член 128 став 1 алинеја 1 од Законот со наведените уставни одредби.
Според член 104 од Законот, полицискиот службеник по претходна согласност на министерот, а на предлог на посебна комисија во Министерството може да извршува определени работи, самостојно или дополнителна стопанска или професионална дејност што не е во судир со полициските работи.
Согласноста од став 1 на овој член, министерот ја дава на начин и под услови утврдени со прописите за работни односи.
Полицискиот службеник дејноста од ставот 1 на овој член е должен да ја врши надвор од работното време во Министерството и на начин, вршењето на таа дејност да не влијае врз законското и правилно извршување на полициските работи.
Со Законот за спречување на корупцијата се утврдуваат мерки и активности за спречување на корупцијата во вршење на власта, јавните овластувања, службената должност и мерките и активностите за спречување на судир на интереси, мерки и активности за спречување на корупцијата при вршењето на јавни овластувања како и мерки и активности за спречување на корупција во трговските друштва.
Во делот од одредбите на Глава III од наведениот Закон „Забрана за вршење на други дејности“ покрај другото е предвидено (член 22 став 2) дека службено лице не може да врши никаква друга дејност поврзана со остварување на профит и што е неспоиво со неговата службена должност.
Други работи и дејности службеното лице може да врши само по претходно одобрение од функционерот кој раководи со органот.
Од наведените одредби произлегува дека полицискиот службеник по претходна согласност на министерот односно по спроведена претходна постапка согласно прописите од работните односи може да врши дополнителна стопанска или професионална дејност, при што таа дејност или професија не смее да биде во судир со полициските работи. Притоа законодавецот утврдил дека вршењето на дополнителната активност на полицискиот службеник било тоа да е стопанска и професионална не може да се врши во текот на работното време во Министерството и вршењето на таа дејност да не влијае на законитото и правилно извршување на полициските работи.
Со оглед на тоа што Законот за полицијата и Законот за спречување на корупцијата содржат рамки во кои треба да се движи министерот при утврдување на работите и дејностите кои полицискиот работник може да ги врши како дополнителна активност, а кои не се во судир со полициските работи, Судот оцени дека овластувањето на министерот за внатрешни работи, утврдено во оспорениот член 128 став 1 алинеја 7 од Законот за полицијата, со подзаконски акт да ги утврди работите и дејностите што се во судир со полициските работи, е во насока на операционализација на законската одредба, поради што не го постави прашањето за согласноста на оваа одредба со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 68 став 1 алинеја 2, член 91 алинеја 1 и член 96 од Уставот.
16. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
17. На седницата одржана на 4 јули 2007 година, Судот со мнозинство гласови донесе решение во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Суелјманов во однос на член 8; член 14 став 1; член 16 став 3 и член 21 точка 9 во делот „друг пропис“; член 26 став 4 во делот „во согласност со подзаконски акти на министерот“; член 28 став 1 точка 5; член 32 став 1; член 34 во деловите „задружување и задржувањето“ или „задржувањето“; член 39 став 4 во делот „освен кога се исполнети условите од членот 50 на овој закон“; Поднасловот 5 „Задржување“; член 50; член 51 став 4 точка 1 во делот „или за лице кое може да даде известување за сторени кривични дела или прекршоци или за сторителите на такви дела“; член 95 став 2; член 97 став 2 во делот „за работни места со посебни должности и овластувања утврдени со актот за систематизација на работните места во полицијата“; член 108 став 1 и член 128 став 1 алинеите 1 и 7 од Законот за полицијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.114/2006).
18. На седницата одржана на 19 декември 2007 година Судот со мнозинство гласови донесе решение во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов во однос на член 3 во делот „преземање на мерки за гонење на сторителите на тие дела“; член 5 алинеја 3 во делот „и преземање на други со закон определени мерки за гонење на сторителите на тие дела“ од Законот за полицијата.
У.бр.211/2006
4 јули и 19 декември 2007 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски