187/2007-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 59 став 1 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/1997, 7/2000, 89/2004 и 54/2007).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Правилникот за утврдување на висината на цената за штети на шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/1998) донесен од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за оценување на уставноста и законитоста на одредби од Законот и Правилникот означени во точките 1 и 2 на ова решение.

Според подносителот на иницијати­вата, овластувањето на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство да донесува ценовник според кој ќе се плаќа надомест за штети во шума, значело дека министерот, со подзаконски акт, утврдувал права и обврски на граѓаните и правните лица, кои единствено можеле да се утврдуваат со закон. Освен тоа, во одредбите на Законот за шумите не биле определени критериуми и параметри за утврдување на висината на надоместокот за штети на шумите, поради што тоа противуставно било препуштено да се уредува со подзаконски акт, иако тоа било материја од законска надлежност. Според тоа, оспорената одредба од Законот била спротивна на член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот, како и член 55 став 1, член 56 став 1 и член 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Оспорениот правилник бил донесен врз основа на оспорениот член од Законот за шумите, поради што и со овој правилник се повредувале напред наведените уставни и законски одредби од напред наведените причини.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија, да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот за шумите и уставноста и законитоста на оспорениот правилник.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 59 став 1 од Закон за шумите, за штети причинети во шума се плаќа надомест според ценовник за штети во шума што го донесува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Судот, исто така утврди дека Правилникот за утврдување на висината на цената за штети на шумите е донесен од страна на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, врз основа на член 59 став 1 од Законот за шумите.

5. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што оспорениот член 59 став 1 од Законот за шумите бил предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија, при што со Решение У. бр. 230/2006 не била поведена постапка за оцена на неговата уставност, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на оваа иницијатива.

Имено, во наведеното решение, Судот изразил став дека овластувањето на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство да утврди ценовник за надомест на штети, не е во спротивност со уставните норми. Имено, имајќи го во вид фактот дека во Законот се содржани критериуми и мерки, по кои може министерот да го донесе определениот ценовник, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорената законска одредба се повредува темелниот принцип на поделба на власта на законодавна, извршна и судска. Ова од причина што од анализата на горецитираните законски одредби произлегува дека законодавецот дава рамка, односно општи критериуми врз основа на кои може да се определи надоместот за причинетите штети во шумите, а тоа се посебно видот на шумите, односно дали станува збор за шуми со стопанска или посебна намена, а притоа имајќи го во вид и општиот план за стопанисување со шумите во кој се утврдуваат условите за заштита на шумите, видот и начинот на пустошењето на шумите, односно нивно оштетување. Оттука, овластувањата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство дадени во определената законска одредба е во функција на операционализација на законот, а не навлегување на извршната во законодавната власт, како што се тврди во иницијативата. Имајќи ја предвид содржината на изнесените законски одредби, како и Законот во целина, според Судот, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека Законот не содржи критериуми за определување на условите и надоместокот на штети причинети во шума, од што произлегува дека оспорениот член 59 став 1 од Законот за шумите, е во согласност со Уставот.

Со сега поднесената иницијатива, оспорената одредба од Законот, истиот подносител на иницијативата, повторно ја оспорува од истите причини изнесени во Решението У. бр. 230/2006.

Со оглед на тоа што не постојат поинакви основи за одлучување од утврдените при донесување на цитираното решение, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

6. Правилникот за утврдување на висината на цената за штети на шумите е донесен од страна на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, врз основа на оспорениот член 59 став 1 од Законот за шумите.

Според член 1 на овој правилник, со правилникот се утврдува висината на цената за штети настанати со сеча или оштетување на стебла противправно присвојување на паднато, прекршено или навалено стебло, оштетување или уништување на природен подмладок или садници во шума, на шумски земјишта и голини и противправно присвојување на други шумски производи (шумско семе и плодови, лековити растенија или нивни делови, печурки, лишаи, мов, смола, камен и сл.).

Со иницијативата Правилникот се оспорува единствено поради тоа што членот 59 став 1 од Законот за шумите, кој е правен основ за донесување на овој правилник, според подносителот на иницијативата, не бил во согласност со Уставот, од каде произлегувало дека и оспорениот правилник не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот, како и член 55 став 1, член 56 став 1 и член 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Имајќи го предвид ставот на Судот по однос на уставноста на оспорениот член 59 став 1 од Законот за шумите, искажан во Решението У.бр. 230/2006, според кој оспорениот член е во согласност со Уставот, како и ставот искажан во точката 5 на ова решение, според кој не постојат поинакви основи за одлучување од утврдените при донесување на цитираното решение, Судот оцени дека наводите во иницијативата за изразување сомневање во однос на уставноста и законитоста на правилникот само поради правниот основ за неговото донесување, се неосновани.

Оттука, Судот утврди дека министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство имал законски основ за донесување на оспорениот правилник, поради што не го постави прашањето за согласноста на овој правилник со напред наведените одредби од Уставот и Законот за шумите.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.187/2007
19 декември 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски