173/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 декември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на

– член 101 став 1 во делот „ односно на деловните простории“ од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001) и

– член 83 став 3 алинеја 2 во делот „ односно на деловните простории“ од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005)

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:

– член 101 став 1 во деловите „по претходна согласност на мнозинството сопственици на становите“ и „ во зградата, односно на влезот во зградата“ од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001) и

– член 83 став 3 алинеја 2 во деловите „согласност на мнозинството сопственици на становите“ и „во објектот, односно дел од објектот што претставува функционална и градежна целина“ од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005)

3. Марија Мирчевска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за оценување на уставноста на одредбите од Законите означени во точките 1 и 2 на ова решение.

Според подносителот на иницијати­вата, условувањето на одобрението за пренамена на стан, дел од стан, помошна станбена и заедничка просторија во просторија за вршење на деловна дејност, со претходна согласност на мнозинството сопственици на становите, односно на деловните простории, не било во согласност со Уставот – член 8 став 1 алинеите 3 и 6 со кои се гарантира владеењето на правото и правната заштита на сопственоста, како и со член 30 став 2 од Уставот според кој сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и заедницата.

Тоа значело дека ако мнозинството сопственици на становите во зградата не дадат согласност за пренамена, сопственикот на објектот кој бара пренамена не ќе можел да го употребува објектот за негово добро и за добро на заедницата, а граѓанинот не можел правно да ја заштити намерата за пренамена на својата сопственост.

Според оспорените одредби, произлегувало дека одобрението за пренамена не го донесувал надлежниот орган и кога биле исполнети сите услови за пренамена на објектот, туку одобрението зависело од индивидуалната волја на другите сопственици на станови во зградата. Притоа, се нагласува дека правото на мирно и непречено користење на објектите – становите од повеќе сопственици на станови што живеат во ист објект требало да се обезбеди од страна на надлежен државен орган на чие првостепено решение, на граѓанинот, со член 15 од Уставот, му се гарантирало правото на жалба. Ако мнозинството станари не се согласеле за пренамена, граѓанинот не можел да бара пренамена на објектот, со што сите одредби за употреба на градежен објект и за пренамена, од Законот за сопственост и други стварни права и од Законот за градење, ја губеле важноста пред индивидуалната волја на сопствениците на станови.

Врз основа на наведеното, а со цел да се обезбеди граѓаните својата сопственост да ја користат и да располагаат со неа по своја волја, доколку тоа не е спротивно на закон или на некое право на друго лице, односно да се обезбеди правна заштита на сопственоста од страна на надлежни државни органи и да се оневозможи субјективно мешање на другите сопственици во сопственоста на поединецот, под изговор на мирно и непречено користење на објектите, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да ги укине оспорените одредби.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 101 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права, стан, дел од стан, помошна станбена и заедничка просторија врз основа на проектна документација може да се пренамени за вршење на деловна дејност по барање на сопственикот на тој дел од зградата, ако со тоа не се загрозува безбедноста на граѓаните во зградата, ако не и се нанесува штета на зградата и ако не се оневозможуваат другите корисници во мирното користење на становите, по претходна согласност на мнозинството сопственици на становите, односно на деловните простории во зградата, односно на влезот во зградата.

Судот, исто така, утврди дека согласно член 83 став 3 алинеја 2 од Законот за градење, до надлежниот орган од членот 51 на овој закон градителот со барањето за издавање одобрение за издавање на одобрение за адаптација со пренамена од ставот 2 на овој член поднесува и согласност на мнозинството сопственици на становите, односно на деловните простории во објектот, односно дел од објектот што претставува функционална и градежна целина.

5. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 6 од Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост, а според ставот 2 од овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и заедницата. Според ставот 3 од овој член на Уставот, никому не може да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Со Законот за сопственост и други стварни права се уредува правото на сопственост и другите стварни права во согласност со Уставот.

Според член 2 од овој закон, правото на сопственост се стекнува под услови и на начин предвидени со овој и друг закон, а според член 5 од Законот, правото на сопственост и другите стварни права се остваруваат врз основа на слободна диспозиција со нужни ограничувања предвидени со Уставот и законите.

Во член 8 став 1 од наведениот закон утврдено е дека сопственикот има право својата ствар да ја држи, целосно да ја користи или да располага со неа по своја волја, доколку тоа не е спротивно на закон или на некое право на друго лице.

Според член 9 од истиот закон, сопственикот го остварува своето право на сопственост во согласност со природата и намената на стварта, како и со општиот интерес утврден со закон. Забрането е вршење на правото на сопственост спротивно на целта заради која е со закон признато и установено, или спротивно на моралот на општеството. Правото на сопственост не смее да се врши со цел на друг да му се причини штета или тој да се спречи во остварувањето на неговото право.

Согласно член 10 од овој закон, правото на сопственост може да се ограничи или да се одземе кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Етажната сопственост претставува еден од подоблиците на правото на сопственост, кое Законот го разработува во Главата III – Подоблици на правото на сопственост, во посебен оддел 3 – Етажна сопственост. Така, во член 95 став 1 од Законот се утврдува дека станови, деловни простории, визби, гаражи и други посебни делови од станбени и деловни згради што имаат два или повеќе станови, односно деловни простории и други посебни делови можат да бидат во сопственост на различни физички или правни лица (етажна сопственост).

Понатаму, во Законот се уредуваат правата и должностите на сопствениците на посебните делови во однос на тие делови, при што, согласно оспорениот член 101 став 1, се утврдува дека стан, дел од стан, помошна станбена и заедничка просторија врз основа на проектна документација може да се пренамени за вршење на деловна дејност по барање на сопственикот на тој дел од зградата, ако со тоа не се загрозува безбедноста на граѓаните во зградата, ако не и се нанесува штета на зградата и ако не се оневозможуваат другите корисници во мирното користење на становите, по претходна согласност на мнозинството сопственици на становите, односно на деловните простории во зградата, односно на влезот во зградата. Согласно ставот 2 на истиот член, одобрението за пренамена, го издава надлежниот орган.

Со Законот за градење, со кој се уредуваат градењето, основните барања на градбата, правата и обврските на учесниците во изградбата, проектната документација и други прашања од значење за градењето, се утврдува дека надлежен орган за издавање одобрение за градење на градбите од трета, четврта и петта категорија ( согласно членот 50 на овој закон, деловните, станбено-деловните и станбените градби со висина над три нивоа спаѓаат во градби од трета категорија, а станбени и деловни градби до три нивоа висина спаѓаат во градби од четврта категорија) е градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините на градот Скопје (член 51 став 2).

Според член 52 став 1 од овој закон, постапката за издавање одобрение за градење се врши согласно со одредбите од Законот за општата управна постапка, доколку со овој закон поинаку не е уредено.

Согласно член 55 став 2 од истиот закон, против одобрението за градење, односно против решението со кое се одбива барањето за издавање на одобрение за градење издадено од градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините во градот Скопје, градителот може да изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.

Во член 83 од овој закон, со кој се уредува употребата на градежен објект и пренамена, се утврдува дека објектот се употребува, согласно со неговата намена (став 1). По исклучок од ставот 1 на овој член, дел од објект што претставува стан, дел од стан или повеќе станови, помошна станбена или заедничка просторија, во зависност од дејноста, може да се адаптира со пренамена во деловен простор или обратно, ако ги исполнува условите утврдени со овој и друг закон (став 2). Согласно ставот 3 на овој член, до надлежниот орган од членот 51 на овој закон градителот со барањето за издавање одобрение за издавање на одобрение за адаптација со пренамена од ставот 2 на овој член поднесува и доказ за право на сопственост на стан што се пренаменува; согласност на мнозинството сопственици на становите, односно на деловните простории во објектот, односно дел од објектот што претставува функционална и градежна целина, што се оспорува со оваа иницијатива и основен проект за предвидената намена на дел од објектот во четири примероци.
Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека сопственоста е право кое се гарантира со Уставот, а условите и начините под кои може да се стекнува правото на сопственост се уредуваат со закон.
Ако се има предвид членот 30 став 2 од Уставот според кој сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, произлегува дека сопственоста не може да се сфати во апсолутна смисла. Имено, правото на сопственост во принцип е неприкосновено. Меѓутоа, утврдувајќи ја сопственоста како категорија која создава и права и обврски, Уставот определува дека таа треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата.

Во оваа смисла, со Законот за сопственост и други стварни права, меѓу другото, се уредува и содржината и правното дејство на сопственоста. Содржината на правото на сопственост согласно овој закон ја сочинува правото на сопственикот да ја држи, да ја користи и да располага со својата ствар, односно предмет, првенствено по сопствена волја. Меѓутоа, законодавецот определувајќи ја содржината на правото на сопственост, во овој закон истовремено го определил и начинот на остварувањето на ова право и во таа смисла како општо правило утврдил дека сопственикот своето право на сопственост го остварува во согласност со природата и намената на стварта.

Остварувањето на правото на сопственост во согласност со природата и намената на стварта е прифатено и утврдено и во Законот за градење. Така, според член 83 од Законот правило е градежниот објект да се употребува согласно со неговата намена, додека само по исклучок, утврден со оваа одредба, сопственикот може дел од објектот да го адаптира за друга намена.

Имајќи го предвид наведеното и особено фактот што законодавецот, поради нејзината специфика, посебно ја уредил етажната сопственост како посебен вид на право на сопственост, според Судот, во конкретниот случај пренамената на дел од објектот што претставува стан, дел од стан или повеќе станови, помошна станбена или заедничка просторија во деловен простор и обратно, всушност значи промена на основната намена на дел од објектот, за што е нужно да се исполнат одредени услови утврдени со закон. Во оваа смисла, законодавецот ги утврдил условите под кои е можна наведената пренамена – да не се загрозува безбедноста на граѓаните во зградата, да не и се нанесува штета на зградата, да не се оневозможуваат другите корисници во мирното користење на становите и мнозинството сопственици на становите, односно на деловните простории во зградата, односно на влезот во зградата, да дадат претходна согласност за пренамената. Оттука, Судот оцени дека пренамена на објектот под определени услови утврдени во закон, само по себе не може да се смета како ограничување на правото на сопственикот да го поседува, да го користи согласно неговата намена или да располага со дел од објектот што е негова сопственост, поради што не станува збор за одземање на сопственоста или за ограничување на правата што произлегуваат од сопственоста во смисла на член 30 став 3 од Уставот.

Меѓутоа, тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорените законски одредби и причините поради кои се оспорува нивната уставност, пред Судот се постави прашањето дали согласностa на сопствениците на деловните простории во зградата, пропишана со оспорените одредби, може основано да се прифати и оправда како услов за пренамена на стан, дел од стан, помошна и заедничка просторија во зградата за вршење деловна дејност.
Ова од причини што во овој случај, објект на заштитата не е домувањето, како во случајот кога за пренамената се бара согласност од мнозинството сопственици на становите во зградата која за основна намена го има домувањето, туку заштитата добива економска димензија, затоа што согласноста за пренамената зависи од економски причини и интереси на сопствениците на деловните простории во зградата. Тоа значи дека сопствениците на деловни простории во зградата имаат инструмент за заштита на својата дејност од конкуренција, кој не зависи од пазарни услови, туку е резултат на околноста дека тие први стекнале деловни простории во зградата, што им дава привилегирано право да одлучуваат за вршење на деловна дејност на сопствениците на станбените простории во зградата. Поради тоа, бараната согласност од мнозинството сопственици на деловните простории во зградата значи создавање услови за нелојална конкуренција, што Уставот не го дозволува.
Оттука, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на законското решение со кое им се овозможува на сопствениците на деловните простории во зградата, да одлучуваат за пренамена на станбен во деловен простор во зградата, утврдено во член 101 став 1 во делот „односно на деловните простории“ од Законот за сопственост и други стварни права и во член 83 став 3 алинеја 2 во делот „односно на деловните простории“ од Законот за градење, со член 8 став 1 алинеите 3 и 6 и член 30 став 2 од Уставот на Република Македонија.

6. Во однос на прашањето за пропишувањето на согласноста на мнозинството сопственици на становите во зградата, односно на влезот во зградата како услов за одобрување пренамена на стан, дел од стан, помошна и заедничка просторија за вршење деловна дејност, Судот оцени дека тоа не претставува повреда на принципите на владеењето на правото и правната заштита на сопственоста, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според Судот, претходната согласност на мнозинството сопственици на станови на зградата односно на влезот на зградата, утврдена како еден од условите кои треба да се исполнат при пренамена на објектите за вршење на деловна дејност, е условена токму со промената на основната намена на деловите на објектите. Ова особено поради тоа што при пренамената не би требало да се тргнува само од интересот на поединецот, туку и од интересот на другите станари и на заедницата во целина. Имено, во моментот на стекнување на правото на сопственост, објектот бил со една намена и стекнувачот знаел и очекувал дека станот го зема како станбен простор за живеење во објект кој е предвиден како станбена зграда, па подоцнежната пренамена на делови од зградата од станови, помошни станбени простории или заеднички простории во деловен простор, може да доведе до повредување на неговото право на несметано користење на станот, поради што законодавецот основано оценил дека, покрај исполнувањето на другите услови, за пренамената е потребна и јасно искажана согласност на мнозинството сопственици на становите.
Во оваа смисла, Судот имаше предвид и дека согласноста на мнозинството сопственици на станови на зградата законодавецот ја предвидел како услов и при уредување на други односи во услови на етажна сопственост, односно при поправки и преправки на делови од зградата што се во функција на зградата како целина, како и во случај на склучување и важење на договор за заемните односи на станарите кои живеат во зградата.

Оттука, Судот оцени дека претходната согласност на мнозинството сопственици на становите во зградата, односно на влезот на зградата, како еден од условите кои треба да се исполнат при пренамена на објектите, утврдени во член 101 став 1 во деловите „по претходна согласност на мнозинството сопственици на становите“ и „во зградата, односно на влезот во зградата“ од Законот за сопственост и други стварни права и на член 83 став 3 алинеја 2 во деловите „согласност на мнозинството сопственици на становите“ и „во објектот, односно дел од објектот што претставува функционална и градежна целина“ од Законот за градење, не го доведува во прашање уставно гарантираното право на сопственост, како што се наведува во иницијативата.

Наводите во иницијативата дека граѓанинот не може правно да ја заштити својата сопственост во случај ако мнозинството сопственици не дадат согласност за пренамената, што било спротивно на член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот според кој правната заштита на сопственоста претставува темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, Судот ги оцени како неосновани.

Имено, Законот за сопственост и други стварни права не содржи одредби според кој барателот на пренамената на објектот би можел во управна или судска постапка, да ја докажува и обезбеди согласноста на мнозинството сопственици за пренамената, доколку таква согласност не е обезбедена. Меѓутоа, ваква постапка не е пропишана ни за обезбедување на другите услови неопходни за одобрување на пренамената, доколку тие не се исполнети. Оттука, произлегува дека законодавецот оценил дека пренамената на објектот е можна единствено и само доколку се исполнат сите пропишани услови и дека не е дозволено било кој од овие услови да биде заменет со управен или судски акт, што според Судот, е во функција на заштита на сопственоста.

Од друга страна, согласно Законот за градење, одобрение за градење, односно за адаптирање со пренамена на станбен во деловен простор, издава градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините на градот Скопје, во постапка која се води согласно со одредбите од Законот за општата управна постапка, доколку со овој закон поинаку не е уредено. Против одобрението за градење, односно против решението со кое се одбива барањето за издавање на одобрение за градење, градителот може да изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот. Тоа значи дека законодавецот пропишал постапка за заштита на сопствениците доколку нивните права во постапката за пренамена на објектот бидат неосновано загрозени.

Со оглед дека претходната согласност на мнозинството сопственици на становите во зградата односно на влезот на зградата, претставува еден од условите кои законодавецот ги утврдил како потребни за одобрување на пренамената на објектот, според Судот, сосема основано, во оспорениот член 83 став 3 алинеја 2 од Законот за градење, законодавецот предвидел кон барањето за издавање на одобрение за адаптација со пренамена на дел од објект што претставува стан, дел од стан или повеќе станови, помошна станбена или заедничка просторија во деловен простор или обратно, да се приложи и бараната согласност од мнозинството сопственици. Таквата одредба според Судот, е во функција на обезбедување на владеењето на правото и обезбедување на правна заштита на сопственоста.
Поради наведеното, пред Судот не се постави прашањето за тоа дека со деловите на оспорените одредби од Законите се повредува правната заштита на сопственоста, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдена со член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.173/2007
19 декември 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски