У.бр.138/2007

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 декември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 353 став 5 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“, бр. 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006 и 73/2006).

2. Драган Малиновски, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијати­вата, оспорената одредба промовирала нееднаквост во поглед на заштитата на приватната сопственост, наспроти државната сопственост, олицетворена во средствата на Буџетот на Република Македонија, јавните фондови и други средства на државата. Имено, согласно ставот 1 на членот 353 од Кривичниот законик, службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години. Согласно оспорениот став 5 на истиот член, ако делото од став 1 е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор најмалку четири години. Тоа подразбирало дека, кога во ставот 1 од членот 353 од Законикот се говорело за нанесување штета, под терминот „друг“ се мислело на сите физички и правни лица, здруженија на граѓани и други субјекти кои можат да бидат носители на правото на сопственост, освен на државните средства и дека службеното лице кое ќе стори кривично дело од членот 353 став 5 ќе добие значително потешка кривична санкција единствено затоа што како оштетен се јавува Република Македонија. На тој начин државната сопственост се издвојувала од останатите форми и уживала привилегирана заштита, со значително построго казнување на сторителот кој ги повредил имотните права на државата.

Поради наведеното, оспорената одредба била во спротивност со член 8 од Уставот на Република Македонија, кој како темелни вредности ги гаранатирал владеењето на правото, еднаквоста на субјектите на пазарот и еднаквоста во правната заштита на сопственоста, како и членот 30 од Уставот, кој приватната сопственост ја идентификувал како неприкосновена вредност.

Врз основа на наведеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и да ја укине истата.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 353 став 1 од Кривичниот законик, службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.

Согласно став 5 од овој член, ако делото од став 1 е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор најмалку четири години.

4. Според член 8 став 1 алинеите 3, 6 и 7 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите.

Од наведените уставни одредби произлегува дека начелото на законитост во Република Македонија, подигнато на ранг на уставно начело, во казненото право се искажува преку принципот за законска определеност на казнивите дела и на казните и служи како гарант за правата и слободите на граѓаните од една страна и како гарант за остварувањето на казнената политика на земјата, вградена во нејзините казнени закони, од друга страна.

Начелото на законитост во казненото право ги содржи следните елементи: државата да ги прогласи како казниви дела поведенијата на човекот со кои се повредуваат или загрозуваат индивидуалните слободи и права, државата да ги определи на крајно прецизен начин битијата на казнивите дела, за секое казниво дело да пропише соодветна казна што е нужна и праведна и прецизно да ги одреди границите на казната и на другите санкции, државата стриктно да ги определи овластувањата на Судот и на другите органи во примената на казнено-правните норми, никој да не може да биде казнет за дело што пред да е сторено не било со закон пропишано како казниво дело, односно кон никој да не може да биде изречена казна што не е предвидена со закон.

Притоа, видовите на казни и нивната висина со Уставот не се определени туку е препуштено тие да се определат со закон, водејќи притоа сметка за член 54 став 4 од Уставот според кој ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правната одреденост на казнивите дела и казните.

Во оваа смисла, со Кривичниот законик се утврдуваат основните начела и општи институти од материјално правен карактер, со кои се определува општиот поим на кривичното дело, се дефинираат претпоставките и условите на кривичната одговорност и се утврдуваат основите за нивното исклучување, се утврдува систем на санкции и поблиску се одредуваат условите за примена на санкциите, како и се пропишуваат конкретните кривичните дела и санкциите кои можат да се изречат за секое кривично дело.

Со член 1 од Кривичниот законик, се утврдува дека на никого не може да му биде изречена казна или друга кривична санкција за дело, кое, пред да биде сторено, не било со закон определено како кривично дело и за кое не била пропишана казна со закон.

Според член 4 од истиот законик, кривични санкции се: казни, алтернативни мерки, мерки на безбедност и воспитни мерки.

Според членот 32 од Кривичниот законик, покрај остварување на правдата, цели на казнувањето се: спречување на сторителот да врши кривични дела и негово превоспитување и воспитно да се влијае врз другите да не вршат кривични дела.

Членот 353 од Кривичниот законик, чиј став 5 се оспорува со иницијативата, е систематизиран во Посебниот дел од Законикот, во кој се пропишуваат конкретните кривичните дела и санкциите кои можат да се изречат за секое кривично дело, во главата триесетта, во која се пропишуваат кривичните дела против службената должност. Со овој член се пропишува кривичното дело – злоупотреба на службената положба и овластување. Така, во ставот 1 на овој член, се пропишува дека службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години. Во ставовите 2 и 3 се пропишани квалифицирани облици на ова кривично дело, па во зависност од висината на остварената корист или предизвиканата штета, се пропишани повисоки казни затвор. Во ставот 5 од овој член, исто така се пропишува квалифициран облик на ова кривично дело, на начин што се пропишува дека ако делото од став 1 е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор најмалку четири години.
Наводите во иницијативата дека значително построгото казнување на сторителот кој ги повредил имотните права на државата, пропишано во ставот 5 на овој член, значело издвојување на државната сопственост од другите форми на сопственост и нејзина привилегирана заштита, со што се повредувале начелата на владеење на правото, еднаквоста на субјектите на пазарот и еднаквоста во правната заштита на сопственоста, гарантирани со член 8 и член 30 од Уставот, Судот ги оцени како неосновани.
Ова од причина што според законската дефиниција на ова кривично дело, злоупотребата на службената положба во својот основен облик се состои во тоа што службеното лице за да прибави некаква корист за себе или за друг или на друг да му нанесе штета, ја искористува својата службена положба или овластување, ги пречекорува границите на службеното овластување или не ја извршува службената должност.

Согласно член 122 став 4 на овој законик, како службено лице означено како сторител на кривично дело, се смета:

а) претседателот на Република Македонија, поставените амбасадори и пратеници на Република Македонија во странство и именувани лица од претседателот на Република Македонија, избран или именуван функционер во Собранието на Република Македонија, во Владата на Република Македонија, во органите на државната управа, во судовите и други органи и организации што вршат определени стручни, управни и други работи во рамките на правата и должностите на Републиката, во локалната самоуправа, како и лица кои постојано или повремено вршат службена должност во овие органи и организации,
б) државен службеник кој врши стручни, нормативно-правни, извршни, управно-надзорни работи и управни работи во согласност со Уставот и со закон,
в) овластено лице во правно лице на кое со закон или со друг пропис донесен врз основа на закон му е доверено вршење на јавни овластувања, кога должноста ја врши во рамките на тие овластувања,
г) лице кое врши определени службени должности врз основа на овластување дадено со закон или со други прописи донесени врз основа на закон,
д) воено лице кога се во прашање кривични дела кај кои како извршител е означено службено лице и
ѓ) претставник на странска држава или на меѓународна организација во Република Македонија.

При вака широка определба на поимот службено лице, законодавецот оценил дека службените лица кои работат со средства од Буџетот или други фондови или средства на државата или кои спроведуваат постапка за јавни набавки, имаат посебна одговорност кон доверените средства и незаконитото постапување со овие средства ги тангира сите граѓани во Републиката, односно претставува повреда на постапката за јавни набавки која заради посебната специфика е уредена со посебен закон, поради што оценил дека, имајќи ги предвид целите на казнувањето утврдени со член 32 од овој законик, потребна е посебна заштита од ваков вид кривични дела, која се изразува преку утврдување по вид и висина на потешки санкции за сторителите на ова кривично дело. Значи, заострените санкции во ставот 5 на членот 353 од Законикот, не се поради формата на сопственоста, како што се наведува во иницијативата, туку се одраз на посебната одговорност на службеното лице за законито постапување со доверените буџетски средства или други средства на државата. Притоа, треба да се има предвид дека станува збор за средства што се обезбедени од граѓаните, преку уплата на даноци и други јавни давачки, од кои се остваруваат бројни со Устав и со закон гарантирани права на граѓаните (социјални, здравствени, образовни и др.), поради што незаконитото постапување со овие средства повлекува последици по остварувањето на овие права на граѓаните.

Оттука, произлегува дека утврдувањето на злоупотребата на службената положба и овластување за службените лица кои работат со средства од Буџетот или други фондови или средства на државата или кои спроведуваат постапка за јавни набавки, како потежок облик на кривичното дело – злоупотребата на службената положба и овластување и соодветно на тоа, пропишувањето на повисока казна затвор за сторителот на ваквото кривично дело во однос на казната за сторителот на основниот облик на ова кривично дело, утврдени во оспорениот став 5 од членот 353 од Законикот, е во рамките на уставното овластување на законодавецот да ги определи кривичните дела, видовите на казни и нивната висина, водејќи сметка за начелото на законитост во казненото право, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за тоа дека со оспорената одредба се повредувале владеењето на правото и правната заштита на сопственоста, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, гарантирани со член 8 став 1 алинеите 3 и 6 од Уставот.

Од истите причини, Судот оцени дека се неосновани и наводите во иницијативата за тоа дека со оспорената одредба се повредувала приватната сопственост идентификувана како неприкосновена вредност согласно член 30 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.138/2007
19 декември 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски