171/2007-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на
– Одлуката за цена за собирање и депонирање на смет кај правни и физички лица бр.0202-38, донесена од Управниот одбор на ЈП „Исар“ Штип на 27 март 2007 година.

– Одлуката за промена на Одлуката за надомест на потрошена вода и одведување на отпадни води бр.0202-264/6, донесена од Управниот одбор на ЈП „Исар“ Штип на 20 октомври 2001 година.

2. Панче Анчев од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуките означени во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата со оспорените одлуки Јавното претпријатие „Исар“ од правните и од физичките лица наплатувал различен износ на пари, па така за вода и смет натплатувал во некои фактури по 30 денари, а во некои по 35 денари, што укажувало дека оваа јавна давачка што ја наплаќа јавното претпријатие била измислена без да има законска основа со што биле повредени одредбите од членовите 33, 51, 54 и 55 од Уставот.

Имено, со оспорените одлуки правните субјекти по однос на плаќањето на смет и вода биле поделени на категори и тие што оставале најмногу смет како што биле текстилните конфекции плаќале најповластена цена за собирање на смет во износ од 3 денари по м2, а интелектуалците и бутиците плаќале највисока цена од 8 односно 15 денари по м2.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека ако се вршело увид во фактурите кои подносителот ги приложил со иницијативата, ќе се видело дека ДДВ се плаќало на два пати и тоа еднаш во висина од 5%, па потоа во висина од 18%, наместо да се плаќа само еднаш ДДВ и тоа во висина од 18%.

Од увидот на фактурите за вода и смет исто така произлегувало дека субјектите биле должни да плаќаат и трета давачка без име, а подносителот на иницијативата претпоставува дека станува збор за манипулативен трошок, кој изнесувал 9 денари, кој не се засновал на закон и затоа бил спротивен на законот и Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената Одлука за цена за собирање и депонирање на смет кај правните и физичките лица бр.0202-38, била донесена од страна на Управниот одбор на Јавното претпријатие „Исар“ Штип на 27 март 2007 година.

Со член 1 од оваа одлука, се утврдени цените за собирање и депонирање на смет по категории на корисници по метар квадратен.

Според членот 2 од Одлуката оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се применува по добивањето на согласност од страна на Советот на општина Штип.

Судот на седницата, исто така, утврди дека Одлуката за промена на Одлуката за надомест на потрошена вода и одведување на отпадни води, е донесена од Јавното претпријатие „Исар“ Штип на 20 октомври 2001 година и таа е заведена под број 0202-264/6. Со оваа одлука, се врши промена на цената на 1 м3 потрошена вода и одведување на отпадните води од физички и правни лица по категорија на потрошувачи.

Во членот 6 од Одлуката е утврдени дека таа влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се применува од 1.12.2001 година.

4. Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, нациналното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Вршењето на комуналните дејности е уредено со Законот за комунални дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 45/1997, 23/1999, 45/2002 и 16/2004).
Според член 1 од овој закон, со овој закон се уредуваат основните услови и начинот на вршење на комуналните дејности, финансирањето на комуналните дејности и други прашања од значење за комуналните дејности.
Според членот 2 од Законот, вршењето на комуналните дејности е од јавен интерес.
Во членот 3 од Законот се утврдени комуналните дејности. Во таа смисла, во точката 3 како комунална дејност е утврдено и одведување и пречистување на отпадни води, под што се подразбира прифаќање на отпадни води од куќниот приклучок на дворната канализациона мрежа, одведување со уличната канализациона мрежа, пречистување и испитување во реципиент, како и чистење на септички јами, а во точката 6 како комунална дејност е утврдено и обработка и депонирање на комунален цврст отпад, под што се подразбира селектирање, собирање, транспортирање и обработка на комунален цврст отпад од населението и индустријата, негова рециклажа и преработка, депонирање на уредени депонии, како и одржување на депониите.
Според член 5 од Законот, комуналните дејности од членот 3 на овој закон можат да ги вршат домашни и странски физички и правни лица, кои се должни да обезбедат трајно и квалитетно вршење на комуналните дејности, како и одржување на објектите и опремата на комуналната инфраструктура во функционална состојба.
Според член 14 од Законот, комунална дејност може да се врши со основање на јавно претпријатие за комунална дејност (во натамошниот текст: јавно претпријатие), со давање концесија за вршење на комунална дејност на начин утврден со закон (во натамошниот текст: концесија) и со дозвола за вршење на комунална дејност (во натамошниот текст: дозвола).
Според член 26 став 1 од Законот, средства за вршење на комунални дејности се остваруваат од цената на комуналните услуги.
Според член 27 од Законот, висината на цената и начинот на плаќање на комуналните услуги, ја определува управниот одбор на јавното претпријатие, по претходна согласност на основачот.
Според член 29 од Законот, плаќањето на комунални услуги се врши во мерни единици, при што во алинеја 1 обработка и испорака на вода е утврдена цена – денар по м3, во алинеја 4 одведување и пречистување на отпадни води е утврдена цена по м3, во алинеја 8 за собирање и транспортирање на комунален цврст отпад како мерна единица за определување на цената е утврден денар по метар квадратен, во алинеја 9 како мерна единица за обработка и депонирање на комунален цврст отпад е определен денар по тон, односно во алинеја 10, како мерна единица за собирање, транспортирање, обработка и депонирање на отпадоци што се создаваат со изведување на градежни работи кои немаат својство на комунален цврст и технолошки отпад е определен денар од метар кубен.
Тргнувајќи од содржините на оспорените одлуки, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата Судот утврди дека оспорените одлуки се донесени согласно членовите 27 и 29 од Законот за комуналните дејности.
Имено, оспорената Одлука за цена за собирање и депонирање на смет кај правните и физичките лица, цените се пресметани по метар квадратен зависно од категоријата на корисниците.
Наводите во иницијативата кои се однесуваат на одредувањето на висината на цената по одредени категории корисници на комунални услуги дека не биле соодветно определени, според Судот не се основани од причина што тоа е работа на Јавното претпријатие, кое пак висината на цената по мерна единица ја определува согласно својата комунална политика, а за што добива согласност и од основачот на Јавното претпријатие, како што е во случајов со наведената оспорена одлука.
Оспорената Одлука за промена на Одлуката за надомест на потрошена вода и одведување на отпадни води во членот 1 утврдува дека промената на цената се врши на 1 м3 потрошена вода и одведување на отпадните води од физички и правни лица, што упатува на заклучок дека и таа е донесена во согласност со членот 29 од Законот, за која основачот на претпријатието, исто така, дал согласност.
По однос на наводите во иницијативата дека јавното претпријатие при пресметка на фактурите за смет и вода за некои наплаќало по 30 денари, а за некои други по 35 денари, Судот утврди дека за Уставниот суд е релевантен фактот дека начинот на пресметувањето на цените е согласно Законот за комуналните услуги, а разликите што се појавуваат при фактурирање на сметките не се прашања од уставно-правен карактер.
Со оглед на изнесеното, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одлуки со Уставот и Законот за комуналните дејности.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.171/2007
19 декември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски