122/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 декември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 21 од Законот за животна средина (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/2005, 81/2005 и 24/2007).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Наредбата за забрана на внатрешен промет, откуп и извоз на отпадоци и остатоци на производи од железо, челик, алуминиум, бакар, олово, цинк, калај, бронза и месинг бр.02-3261/1, донесена од министерот за животна средина и просторно планирање во согласност со министерот за здравство, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и министерот за економија на 29 мај 2007 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.65/2007).

3. Александар Талески и Георги Димитров од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 21 од Законот означен во точката 1 од ова решение, односно оценување на уставноста и законитоста на Наредбата означена во точката 2 од ова решение.

Со иницијативата поднесена од Александар Талески се наведува дека во оспорениот член 21 од Законот не било наведено под кои објективни и мерливи услови се донесувал акт за ограничување на прометот, односно времетраењето и опсегот на истото, со што се нарушувало владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Оспорениот член 21 од Законот, исто така, бил спротивен и на членот 55 ставови 1 и 3 од Уставот на Република Макекдонија.

Со оспорената Наредба се ограничувало правото на сопственост со оглед на тоа што претприемачите не можеле да ги оттуѓат, односно продадат, забранетите материјали и истата била во спротивност со членот 30 од Уставот.

Според иницијативата поднесена од Георги Димитров оспорениот дел на членот 21 од Законот, давал можност, министерствата, без притоа да постои рамка во законот да ги определуваат доказите кои според нив би биле доволни за да го забранат производството, прометот и употребата на одделни производи, полупроизводи, суровини, супстанци и вршење на одделни активности и услуги.

Oспорената законска одредба од член 21 во делот: и/или не се исполнуват пропишаните стандарди, исто така не била во согласност со членовите 8 став 2 и 55 од Уставот.

Оттука, според иницијативата произлегувало дека во оспорениот член 21 од Законот бил предвиден услов кој во Уставот не бил предвиден а тоа е: “исполнување на пропишани стандарди”.

Членот 21 од Законот се оспорува и во однос на членот 32 ставови 1 и 3 од Уставот, според кој секој има право на работа и право на соодветна заработувачка.

По однос на оспорената Наредба, во иницијативата се наведува дека таа била донесена согласно членот 21 од Законот кој бил противуставен а воедно Наредбата била и спротивна и на Законот за животна средина од прична шо истата требало да содржи доволно докази за загрозеноста на здравјето на луѓето и животната средина и да содржи детален опис на стандарди кои не биле постигнати, додека пак таа, не содржела ниту една анализа или бројка, а ниту еден принцип или стандард кој е нарушен не бил наведен.

Оспорената наредба била во спротивност и со членовите 8, 21, 32, 55 од Уставот на Република Македонија.

Согласно наведеното подносителот на иницијативата бара поништување на оспорениот член 21 од Законот и поништување на оспорената Наредба.

Со иницијативата на Георги Димитров, исто така, се дава и посебен предлог, Судот да донесе решение за запирање од извршувањето на поединечните акти или дејствија што би се презеле со оспорените акти.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 21 од Законот за животна средина е утврдена забраната на производството, прометот и употребата на одделни производи, полупроизводи, суровини, супстанции и вршењето на одделни активности и услуги заради заштита на животната средина

Министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, во согласност со министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на економијата, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на здравството и министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на земјоделството, шумарството и водостопанството ќе го забрани производството, прометот и употребата на одделни производи, полупроизводи, суровини, супстанции и вршењето на одделни активности и услуги, на определено или на неопределено време, доколку постојат доволно докази дека со нив се загрозува животот и здравјето на луѓето и животната средина и/или не се исполнуваат пропишаните стандарди.

Судот на седница, исто така, утврди дека оспорената Наредба за забрана на внатрешен промет, откуп и извоз на отпадоци и остатоци на производи од железо, челик, алуминиум, бакар, олово, цинк, калај, бронза и месинг, во членот 1 утврдува дека со цел да се запази јавниот интерес во управувањето со отпадот и заштита на животната средина, како и заради постигнување на стандардите поврзани со управување со отпадот што треба да ги исполнуваат правните и физички лица за собирање, складирање, преработка и транспортирање на отпад согласно Законот за управување со отпадот се забранува внатрешен промет, откуп и извоз на отпадоци и остатоци на производи од железо, челик, алуминиум, бакар, олово, цинк, калај, бронза и месинг.

5. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, е утврдена како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Во делот на економски, социјални и културни права е содржан и членот 43 од Уставот според кој секој човек има право на здрава животна средина (став 1). Во ставот 3 на овој член од Уставот е утврдено дека Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Согласно членот 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понзиок од пазарната вредност.

Според член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Во ставот 3 на овој член од Уставот е утврдено дека слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Од содржината на ова уставна одредба произлегува дека основна цел на Уставот е заштитата на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото. Меѓутоа, Уставот точно и прецизно ги наведува и случаите кога може со закон да се ограничи слободата на пазарот и претприемништвото, заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Оттука, согласно наведената уставна одредба законодавецот има уставен основ да го уреди прашањето за забраната на производството, прометот и употребата на одделни производи, полупроизводи, суровини, супстанции и вршењето на одделни активности и услуги заради заштита на животната средина.

По однос на наводите во иницијативата дека во Законот биле предвидени услови кои во Уставот не се предвидени како што се: “доколку постојат доволно докази дека со нив се загрозува животот и здравјето на луѓето и нивната средина и/или не се исполнуваат пропишаните стандарди”, Судот смета дека тие (наведените услови) не претставуваат нови услови кои законодавецот ги утврдил, туку се во функција на операционализација на уставната одредба од член 55 и се во насока на воспоставување на законски основи за преземање на мерки од страна на државата во насока на заштита на животната средина и заштита на безбедноста, животот и здравјето на луѓето.

Од друга страна, пак, наводите во иницијативата на Александар Талески, дека во Законот не е наведено под кои објективни и мерливи услови се донесува оспорената Наредба, Судот утврди дека не се основани од причина што Уставот во членот 55 ставот 3 доста прецизно ги наведува случаите кога може да се ограничи слободата на пазарот и претприемништвото, а Законот дава таква можност и уште поконкретно ги разработува тие случаеви, дотолку повеќе што забраната на произвдоството, прометот и употребата на одделни производи, полупроизводи, суровини, супстанции и вршењето на одделни активности и услуги заради заштитата на животната средина утврдено во оспорениот член 21 од Законот, се разработува согласно начелото на заштита на животната средина при управувањето со отпадот и другите начела предвидени во Законот за управување со отпад (“Службен весник на Република Македонија” бр.68/2004 и 71/2004).

Во функција на заштитата на животната средина, Република Македонија ги потпишала голем број на меѓународни конвенции кои во себе содржат одредби со кои се забранува или контролира прометот со одредена група опасни хемикалии и опасен отпад, како на пример: Стокхолмската Конвенција за неразградливи органски загадувачи – ПОПС (“Службен весник на Република Македонија бр. 17/04”), Виенската Конвенција за заштита на озонскиот слој (“Службен весник на Република Македонија бр.01/90”), Монтреалскиот протокол во врска со супстанциите кои го осиромашуваат озонскиот слој (“Службен весник на Република Македонија бр.16/90”) заедно со сите други амандмани на овој протокол, Базелската Конвенција во врска со контролата врз прекуграничните загадувања со опасен отпад и неговото депонирање (“Службен весник на Република Македонија бр. 49/97”). Согласно горенаведеното, а врз основа на ратификуваните документи, Владата на Република Македонија во рамките на своето работење и ви исклучителни случаи кога се бара итно и неодложно дејствување, а се со цел заштита на здравјето на луѓето и животната средина, има обврски да презема разни мерки со кои се овозможува заштитата на животната средина, а во насока на остварување на темелнитe вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Воедно, Република Македонија, како субјект во меѓународните односи и во меѓународното право има обврска да презема мерки да ја штити животната средина на локално и глобално ниво, што воедно произлегува од многубројните меѓународни конвенции и декларации.

Оспорениот член 21 од Законот, само му дава можност на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина во соработка, односно согласност со други министри зависно од тоа за каква проблематика, материја станува збор, да го забрани производството, прометот и употребата на одделни производи, полупроизводи, супстанци и вршењето на одделни активности и услуги, на определено и неопределено време, доколку постојат доволно докази за загорзување на животот и здравјето на луѓето и животната средина и не се исполнуваат пропишаните стандарди. Мерилата, критериумите и стандардите се во соодветните закони зависно од тоа за која материја се работи, а сето тоа заради заштита на животната средина и заштитата на животот и здравјето на луѓето.

Со оглед на изнесеното, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 21 од Законот за животната средина со Уставот.

6. Оспорената Наредба за забрана на внатрешен промет, откуп и извоз на отпадоци и остатоци на производи од железо, челик, алуминиум, бакар, олово, цинк, калај, бронза и месинг е донесена од министерот за животна средина и просторно планирање во согласност со министерот за здравство, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и министерот за економија на 29 мај 2007 година (“Службен весник на Република Македонија бр. 65/2007”).

Министерот за животна средина и просторно планирање, во согласност со министерот за здравство, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и министерот за економија, донесе Наредба бр.02-3261/4 за престанок за важење на наредбата за забрана на внатрешен промет, откуп и извоз на отпадоци и остатоци на производи од железо, челик, алуминиум, бакар, олово, цинк, калај, бронза и месинг, донесена на 5 септември 2007 година, која во членот 1 предвидува дека оспорената Наредба бр.02-3261/4 од 29 мај 2007 година престанува да важи.

Наредбата е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.113/2007.

Со оглед на тоа што оспорената Наредба, со донесувањето на Наредбата од 5 септември 2007 година престанала да важи, согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот, иницијативите со кои се оспорува наведената Наредба ги отфрли.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.122/2007
19 декември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски