165/2007-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 44 точка 7 и 8, член 50 и целината на Колективниот договор за вработените во ЈАКА ТАБАК АД за производство, обработка и промет на тутун – Радовиш, потпишан од претседателот на Синдикалната организација и извршниот дирек­тор на 25 јуни 2007 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на согласноста на член 50 од Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение со член 3 од Колективниот договор за вработените од тутунското стопанство („Службен весник на Република Македонија“ бр.65/2007).

3. Марјан Спасов од Радовиш на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 44 точка 7 и 8 и член 50 од Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата повеќе одредби од Колективниот договор на врабо­тените во АД „ЈАКА ТАБАК“-Радовиш не биле во согласност со Зако­нот за работните односи и со Колективниот договор од тутунското стопанство, а посебно бил спорен член 44 точка 7 и 8 каде било предвидено при прогласување на технолошки вишок да се бара „субјективна“ оценка од раководителот за резултатите од работата со недопустливи измислени бодови, а членот 50 бил во спротивност со член 3 од Колективниот договор на тутунската гранка бидејќи со оспорениот член биле дадени помали права на вработените.

Воедно подносителот наведува дека оспорениот Колективен договор бил во спротивност со член 232 од Законот за работните односи затоа што тој никаде не бил објавен.

Со дополнителна иницијатива од 10 октомври 2007 година подносителот наведува дека Колективниот договор кој се применува од јули 2007 година бил ништовен со оглед на фактот што претседателот на синдикалната организација немал полномошно како што тоа било утврдено во член 10 и 25 од Статутот на Агросиндикатот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека оспорениот Колективен договор врз основа на член 219 од Законот за работните односи, а во врска со член 1 став 2 од Законот за работните односи на 25 јуни 2007 година го склучил претставник на синдикалната организаиција и прет­ставник на работодавачот.

Во оспорениот член 44 точка 7 од Колективниот договор „оценка за работата на работникот“ е предвидено да се одредува према неговото ангажирање во извршувањето на неговите задачи, односно према работата, односот према средствата за работа, односот према почитувањето на прави­лата за ред и дисциплина и односот према претпоставениот при што се определени бодови за „посебно се истакнува 45 бода“; „задоволува – 30 бода“; „средно задоволува – 15 бода“; „недоволно задоволува – 10 бода“ и „воспитно не задоволува – 0 бода“.

Во оспорениот член 44 точка 8 од Колективниот договор е предвидено дека по основ на оценка на раководителот ја дава субјек­тивно врз основа на неговите впечатоци за работникот во извршува­њето на работните задачи односно на работникот кон претпоста­ве­ни­от, кои работници и слично. Работникот добива оценка изразена во бодови од 1 – 5 бода.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македо­нија, владеењето на правото, е те­мелна вредност на уставниот по­редок на Република Македонија.

Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Согласно став 3 од исти­от член, секој има право на соодветна заработувачка, а согласно став 5, оставрувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005), со овој закон се уре­дуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и дого­вор за вработување.

Според член 12 став 2 од наведениот закон, со договорот за вработување, односно со Колективниот договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржи такви одредби, се сметаат за ништавни и се применуваат соодветните одредби од закон.

Согласно ставот 3 од овој член со договорот за вработу­ва­ње, односно со колективниот договор, може да се одредат правата кои за работниците се поповолни отколку што ги определува овој закон, а според ставот 4 на овој член, правата од работен однос утвр­дени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.

Во членовите 95, 96 и 97 од Законот за работните односи се утврдени обврските за работодавачот што произлегуваат од намерата за донесување на одлука за престанок на работниот однос на поголем број на работници поради деловни причини кои се однесуваат на известување на синдикатот; пред прогласување на технолошки вишок на работникот да му понуди да го вработи кај друг работодавач; стручно оспособување или склучување на нов договор, а во случај на прогласување на технолошки вишок на работникот да му исплати испратнина во зависност од бројот на годините поминати кај работодавачот.

Во наведените и другите одредби од Законот не се утврдени критериуми врз основа на кои работодавачот ќе утврди на кои лица ќе им престане работниот однос од деловни причини, што значи законодавецот препуштил ова прашање да се уреди со колективен договор било тоа да е општ, гранков или колективен договор на ниво на работодавач.

Согласно член 203 од истиот закон, колективен договор се склучува како општ на ниво на Република, посебен на ниво на гранка и поединечен на ниво на работодавач.

Според член 206 од истиот закон, со колективните догово­ри се уредуваат правата и обврските на договорните страни кои го склучиле тој договор, а може да содржи и правни правила со кои се уредува склучувањето, содржината и престанокот на работните одно­си и други прашања од работните односи или во врска со работните односи. Правните норми содржани во колективниот договор се приме­нуваат непосредно и се задолжителни за сите лица на кои, во соглас­ност со одредбите на овој договор, се применува колективниот дого­вор.

Според член 13 од Општиот колективен договор за стопан­ството на Република Македонија („Службен весник на Република Ма­кедонија“ бр.76/2006) критериумите за структурата на работниците на кои им престанува работниот однос од деловни причини се утврдуваат со колективен договор на ниво на работодавач.

Во член 49 од Колективниот договор за вработените од тутунското стопанство („Службен весник на Република Македонија“ бр.65/2007) се утврдени основните критериуми (стручна подготовка и квали­фикација, вкупен работен стаж, работно искуство, возраст, видот и значењето на работното место и резултати од работа) врз основа на кои на вработените им се откажува договорот за вработување кај работодавачот поради економски, технолошки, организациски, структурни или слични причини (деловни причини) при што со колективниот договор на ниво на работодавач може да се утврдат и други критериуми. Критери­уми­те утврдени на ниво на работодавач се вреднуваат според мерилата утврдени со колективниот договор на ниво на работодавач.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека законо­давецот прашањето за утврдување на критериумите за престанок на работниот однос на вработените поради деловни причини препуштил да биде уредено со колективен договор како израз на волјата на дого­ворните страни.

Според тоа, поаѓајќи од фактот што со Колективниот договор за вработените на тутун­ското стопанство се утврдени основните критериуми врз основа на кои на вработените ќе им се откаже договорот за вработување поради деловни причини, а во оспорениот член 44 точките 7 и 8 се утврдени дополнителни критериуми во колективниот договор на ниво на рабо­тодавач, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за соглас­носта на оспорениот член со Уставот и Законот за работните односи.

6. Судот понатаму утврди дека во оспорениот член 50 од Колективниот договор е предвидено дека при утврдува­њето на најниска плата ќе се поаѓа особено од трошоците на животот, економските можности, општото ниво на платите на дејноста, нивото на продуктивноста, економичноста, рентабилноста, социјалните дава­ња и други економски и социјални фактори.

Најниската плата на работникот за работа со полно работ­но време не може да биде пониска од 6.500.00 денари.

Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и заа согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Тргнувајќи од наведената уставна одредба, во однос на наводите на иницијативата со која се бара Судот да ја оценува согла­сноста на член 50 од Колективниот договор на АД „ЈАКА ТАБАК“- Радовиш со член 3 од Колективниот договор на тутунското стопанство Судот оцени дека согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на колективните договори поради што во овој дел иницијативата ја отфрли.

7. Судот, исто така, утврди дека во член 152 став 2 од колективниот договор за вработе­ните во АД „ЈАКА ТАБАК“ – Радовиш е предвидено дека Колективниот договор ќе се објави на места достапни за сите вработени. Во запис­никот за објавување на Колективниот договор за вработените во АД „ЈАКА ТАБАК“ – Радовиш е предвидено дека Колективниот договор на вработените се објавува на огласна табла на 26 јуни 2007 година.

Според член 232 став 2 од Законот за работните одно­си, колективните договори мора јавно да се објават, а според ставот 3 на истиот член поединечниот колективен договор се објавува на на­чин утврден со договорот.

Од наведеното произлегува дека колективниот договор на ниво на работодавач се објавува на начин што ќе го утврдат договор­ните страни, при што во конкретниот случај било предвидено тој да се објави на огласна табла на 26 јуни 2007 година на кој начин е испо­читувана законската обврска за објавување на колективниот договор.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека неможе да се пос­тави прашањето за согласноста на колективниот договор со наве­де­ната законска одредба.

8. Судот, исто така, од увидот извршен во Одлуката за потпишување на колективниот договор за вработените во „Јака-Табак“ – Радовиш, утврди дека во името на работниците, односно членовите на синдикалната организација за потпишување на колективниот договор бил овластен Васко Трајанов.

Според член 225 од Законот за работните односи ли­цата кои ги застапуваат страните на колективното договорање, мора да имаат полномошно за колективно преговарање и склучување на колективен договор.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не се основани наводите од иницијативата дека Колективниот договор не е потпишан од овластено лице, затоа што тоа лице немало полномошно од Агро синдикатот како што тоа било предвидено во Статутот на Агро син­ди­катот. Ова затоа што прашањето на овластувањето за склучува­ње на колективниот договор на ниво на работодавач, својот основ го има во Законот за работните односи, а не во Статутот на Агро синди­катот како што наведува подносителот.

Според Судот, ирелевантно е што содржи Статутот на Агро Синдикатот во однос на прашањето за давањето на полномошно за склучување на договор. Ова затоа што Уставниот суд не е надлежен да ја оценува согласноста на колективниот договор на ниво на работодавач со Ста­тутот на синдикалната организација како посебен облик на организи­рање на граѓаните за остварување на економски и социјални цели што произлегуваат од работен однос. Имено, за Судот е битно што Колективниот договор согласно закон е склучен од овластено лице.

9. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.165/2007
12 декември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски