221/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 декември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Програмата за спроведување на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита бр.01-72/1, донесена од ЈЗУ „Здравствен дом“ Битола на 4 март 2006 година.

2. Славица Анастасова, Биљана Давкова, Милка Христова и други поранешни вработени во Школска стоматологија во Јавната здравствена установа (ЈЗУ) „Здравствен дом“ Битола, преку полномошникот Васил Георгиев, адвокат од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Програмата означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената Програма не бил во согласност со законот и Уставот од причина што таа се засновала на Правилникот за критериумите за утврдување на организационите единици во јавните здравствени установи кои не можат да се издаваат под закуп, кој бил укинат од Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.16/2007 од 27 јуни 2007 година.

Според иницијативата, со оспорената Програма, дел од вработените во поранешна школска стоматологија, како дел од превентивната стоматолошка заштита, биле ставени во нееднаква положба во однос на другите вработени во превентивната здравствена заштита, кои не биле опфатени со обврската за концесионерство.

Нееднаквата положба се должела на фактот што оспорената Програма била донесена без јасно утврдени критериуми и мерила во самиот Закон за здравствена заштита.

Наведената Програма, во делот кој се однесувал на организационите единици и вработените во школска стоматологија, како дел од превентивната стоматолошка заштита, била во спротивност со членот 200-к став 4 од Законот за здравствена заштита, поради што се бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Програма.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената програма, која е насловена како Програма за спроведување на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005) се определуваат деловите од Здравствениот дом кои не се издаваат под закуп.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи ја во вид содржината на оспорената Програма, Судот утврди дека таа не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку е интерен акт на Јавната здравствена установа „Здравствен дом“ Битола, со која се утврдуваат деловите од Здравствениот дом кои не се издаваат под закуп, и е во функција на спроведување на Законот за здравствена заштита, поради што согласно наведената деловничка одредба иницијативата ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.221/2007
12 декември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски