У.бр.132/2007

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 12 декември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 3 став 1 и членот 118 ставови 4 и 5 од Законот за средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр. 44/95, 24/96, 34/96, 35/97, 82/99, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007 и 49/2007).

2. Исмаилаки Ологлу од Дебар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 3 став 1 и членот 118 ставови 4 и 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијатива­та по цитирање на оспоре-ните одре­дби од Законот наведува дека со нив се повредувало гарантираното право за засновање на работен однос на секое лице кое наполнило 15 години возраст. Воедно се повредувал членот 18 став 1 од Законот за работните односи, во кој било предвидено договор за вработување да може да склучи секое лице кое наполнило 15 години возраст и имало општа здравствена способност. Притоа, Законот за работните односи бил „покриен“ со членот 32 став 5 од Уставот во кој било предвидено дека оствару­вањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор. Оттаму, одредбата со која се давало право да се заснова работен однос по исполнување на 15 години возраст била и уставна категорија.

Во иницијативата се оспоруваат членот 1 и членот 4 ставови 5 и 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.49/2007), но Судот во постапката ја оценуваше уставноста на одредбите од целината на Законот онака како што се означени во точката 1 од ова решение.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 3 став 1 од Законот за средното образо­вание (“Службен весник на Републи-ка Македонија” бр. 44/95, 24/96, 34/96, 35/97, 82/99, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007 и 49/ 2007), сре-дното образование е задолжително за секој граѓанин, под еднакви услови утврдени со овој закон.

Според член 118 став 4 од Законот, глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече на родителот, односно старателот на малолетниот ученик, доколку ученикот не е запишан во средно училиште или нередовно го посетува училиштето (член 3).

Според член 118 став 5 од Законот, глоба во износ од 800 евра во денарска противвредност ќе се изрече на полнолетниот ученик кој нередовно го посетува училиштето (член 3).

4. Според членот 8 став 2 од Уставот на Република Македо­нија, во Република Македонија слободно е се што со Уставот и законот не е забрането.

Во главата II. Основни слободи и права на човекот и граѓанинот, точка 2.Економски, социјални и културни права од Уставот, меѓу другото, уставно се утврдени правото на работа, заштитата на мајчинството, децата и малолетните лица и правото на работа.

Според членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2). Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори (став 5).

Според членот 42 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица (став 1). Лице помладо од 15 години живот не може да биде вработено (став 2). Малолетните лица и мајките имаат право на посебна заштита при работа (став 3). Малолетните лица не смеат да бидат вработувани на работни места што се штетни за нивното здравје и моралот (став 4).

Според членот 44 од Уставот, секој има право на образо­ва­ние (став 1). Образованието е достапно на секого под еднакви услови (став 2). Основното образование е задолжително и бесплатно (став 3).

Според членот 45 од Уставот, граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон, да основаат приватни образовни установи во сите степени на образование, освен во основното образование.

Според членот 46 од Уставот, на универзитетот му се гарантира автономија (став 1). Условите за основање, вршење и прес­танок на дејноста на универзитетот, се уредуваат со закон.

Според членот 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Според член 3 став 2 од Законот за средното образование, средното образование во јавните средни училишта е бесплатно.

Според членот 3 алинеја 1 од Законот за стручно образование и обука („Службен весник на Република Македонија“ бр.71/2006), средното стручно образование и обука е дел од средното образование кое овозможува иницијално стекнување со прво, второ или трето ниво на стручни квалификации. Според алинејата 2 од истиот член од Зако­нот, постсредно стручно образование е дел од системот на образо­ва­нието кое овозможува на лица кои се стекнале со средно образование да се стекнат со четврто ниво на квалификации.

Во членот 18 од Законот се определени видовите на стручно образование, нивното траење и нивоата на стручна квалификација.

Притоа, од целината на точката 1 од оваа одредба од Законот произлегува дека:

Стручното оспособување наменето за работа со пониски барања кое дава практични знаења и вештини за различни подрачја на трудот, во зависност од сложеноста на занимањето трае до две години и со неговото завршување учениците се стекнуваат со I ниво на стручни квалификации.

Понатаму, од целината на точката 2 на членот 18 од Зако­нот произлегува дека, стручното образование за занимање е наменето за задоволување на потребите на стопанството, трае три години и со неговото завршување учениците се стекнуваат со II ниво на стручни квалификации.

Од целината на точката 3 од членот 18 од Законот произлегува дека, техничкото образование е образование кое првенствено подготвува кадри за вработување во сите сфери на трудот, но и за продолжување на образованието, трае четири години и неговото завр­шување учениците се стекнуваат со III ниво на стручни квалификации.

Тргнувајќи од цитираните уставни одредби произлегува дека Уставот го гарантира правото на работа, како едно од основните економско-социјални права на човекот и граѓаните кое се остварува преку определбата секој да има слободен избор на вработување, да ужива заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Понатаму, уставотворецот прокламира достапност на секое работно место секому, под еднакви услови, пришто оставил остварувањето на правата на вработените и нивната положба да се уредуваат со закон и со колективни договори. Правото на работа значи право на човекот на вработување во согласност со неговите стручни и физички способности.

Од содржината на членот 42 од Уставот произлегува дека Уставот посветил посебно внимание на заштитата на мајчинството, децата и малолетните лица, со строга определба лице помладо од 15 години живот да не може да биде вработено. Оттаму, оваа одредба по својата суштина не е поставена како одредба со која се дава конкретно уставно гарантирано право, туку е заштитна уставна одредба по однос на мајчинството, децата и малолетните лица кои уживаат посебна заштита.

По однос на членот 42 став 2 од Уставот, тоа особено се изразува преку забраната лице помладо од 15 години живот да не може да биде вработено, што преставува уставна бариера од тортура, малтретирање и злоупотреба на децата и нивниот труд, заради степе­нот на нивниот психофизички развој до навршената 15-та година од животот. Тоа не значи само по себе и уставна гаранција за право на работа со навршени 15 години живот, туку оставена можност за вработување по навршени 15 години живот. Според тоа целината на членот 42 од Уставот и неговиот став 2 не е поставена како одредба што го гарантира право на работа, туку како одредба што гарантира заштита на лицата помлади од 15 години живот.

Самото право на работа, пак, се остварува преку опре­дел­бата на уставотворецот во членот 32 од Уставот, правата на врабо­те­ните и нивната положба да се уредуваат со закон и со колективни договори. Оттаму, во зависност од степенот на образованост предви­ден во посебните закони ќе зависи и кога конкретно ќе може да се реализира самото право на работа.

Притоа, неспорно е дека Законот за средното образование не е закон од областа на работното законодавство, туку акт кој, меѓу другото, ги определува степените и видовите на средното образо-вание.

Имено, согласно член 32 од Законот, средното образование се остварува преку планови и програми за: гимназиско образование, стручно образование, средно уметничко образование и средно образо-вание за хендикепирани ученици.

Посебно уреден вид на средно образование е средното стручно образование и обука, според одредбите од Законот за стручно образование од чии одредби произлегува дека целокупниот систем на средно образование е поставен на начин што учениците според сопст­вениот избор и афинитети можат да избираат со каков вид и степен на образование сакаат да се стекнат. Од времетраењето на конкретниот вид на образование (две, три или четири години) ќе зависи и реализа­цијата на уставно дадената можност за право на работа по навршени 15 години живот.

Според тоа, определба на законодавецот за задолжител­ност на средното образование не се однесува само на образовен про­цес кој трае четири години, туку и на сите видови на образование кои имаат и пократко траење. Притоа задолжителноста на средното обра­зование законодавецот ја релативизира со својата определба за бесп­латно школување во јавните средни училиштa (член 3 став 2 од Зако­нот за средното образование).

Понатаму, Уставот посветил посебно внимание на правото на образование, како едно од основните човекови и граѓански права од сверата на културните права. Самото право на основно образование е поставено како право што треба задолжително да се оствари и е бесп­латно. Ова право се остварува преку правото на граѓанинот да стек­ну­ва знаење и стручна подготовка на сите степени на образование под еднакви услови утврдени во закон. По однос на останатите видови на образование во Уставот не е содржана регулатива.

Имено, од целината на Уставот како и од цитираните одредби произлегува дека за да одделни слободи или права бидат утврдени потребно е тие да се утврдени со Уставот, или Уставот да упатува на нивно уредување со закон, или тие да не се забранети со Уставот или закон, или пак да се признати во меѓународното право.

Во конкретниот случај неспорно е дека правото на средно образование не е уставна категорија, што значи уставотворецот се определил истото да биде уредено со закон, кој во членот 3 став 1 и 2 од Законот се определил за задолжителност и бесплатност на сред­но­то образование во јавните средни училиштa.

Оттаму, во функција на развој на квалитетно образование, унапредување на културата на живеење, зголемување на образовната структура на населението и со цел иден економски и социјален развој на државата, Уставот оставил законодавецот да ги постави основите на средното образование.

Според тоа, одсуството на изречна забрана за воведување на задолжителност во другите повисоки степени на образование во Уставот наспроти законски предвидената задолжителност не може да доведе до повреда на уставните одредби само затоа што по суштина е повисоко поставена вредност.

Освен тоа, правото на работа, како економско-социјално право и правото на образование, како културно право, иако по својата уставноправна природа се различни права меѓусебно не се исклучу­ва­ат и не се поставени во позиција на антагонизам. Напротив, за да се оствари, оживотвори правото на работа, најнапред треба да се оствари правото на образование и тоа во оној степен кој го предвидел посеб­ниот закон за секое поединечно работно место. Исто така, не значи дека еднаш оствареното право на работа го елиминира натамошното право на образование, бидејќи во зависност од психофизичката способ­ност на личноста тие две права можат и паралелно да се реализираат.

Најважно во сето ова е почитувањето на забраната за вработување на лицата помлади од 15 години живот од кои причини уставотворецот и предвидел задолжително основно образование да трае до наведената возраст (член 42 став 2 и член 44 став 3 од Уставот).

Притоа, посебната заштита на детето и посебните права и обврски што произлегуваат од тоа е израз на интересот и грижата на државата за детето со оглед на неговите биопсихолошки својства. Во таа смисла заштитата на децата и забраната за нивно вработување пред одредена возраст е посебен интерес и на меѓународните правни акти.

Имено, одлуката за пристапување на Република Македо­нија кон меѓународноправните документи за основните човекови права и слободи донесени од ООН, меѓу кои е и Универзалната декларација за човековите права (донесена на 10 декември 1948 година), е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр. 57/1993 од 23 септември 1993 година. Декларацијата за правата на детето е усвоена и прокламирана со резолуција на Генералното собрание на ОН 1386 од 20 ноември 1959 година. Конвенцијата за правата на детето е усвоена од Генералното собрание на ОН со Резолуција 44/25 од 20 ноември 1989 година.

Според содржината на одредбите од наведените меѓуна-родни акти детето ужива посебна заштита, основното образование е поставено како задолжително и бесплатно за сите, а родителите имаат право и должност за издржување и воспитување на децата, односно да обез­бедат оптимални услови за воспитување, школување и осамостојување на своите деца во рамките на материјалните можности.

Поаѓајќи од фактот дека материјалните можности на сите родители објективно не се на такво ниво кое ќе овозможи сите деца да ги уживаат сите благодети што ги дава заедницата, државата според своите материјални можности дава помош и ги помага родителите и во случај на потреба преку програми и други инструменти обезбедува помош во поглед на исхраната, облеката и живеењето на детето. Во конретниот случај државата тоа го прави преку определбата за бесп­латност на задолжителното средно образование во јавните средни училишта (член 3 став 2 од Законот).

Оттаму, определбата на законодавецот за задолжително и бесплатно средно образование во јавните средни училишта, според оцена на Судот е во насока на имплементација на одредбите од цитира­ните меѓународни акти, со цел образованието на детето да биде насо­чено кон негово подготвување за одговорен живот во слободно опште­ство, во духот на разбирањето, мирот, толеранцијата, еднакво-ста на половите и пријателството помеѓу сите народи, етнички, нацио-нални и верски групи и лица од автохтоно потекло.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека членот 3 став 1 од Законот е во согласност со членот 32 став 5 и членот 44 став 2 од Уставот.

По однос на членот 118 ставови 4 и 5 од Законот во иницијативата не се наведуваат конкретни причини за неговата неуставност, но покрај тоа, Судот оцени дека поставеноста на средно образование на степен на задолжителност, неминовно бара санкци-онирање во случај на непочитување, се разбира со цел идејата на законодавецот да биде оживотворена во што поголема мера.

Имено, според Судот во согласност е со принципот на владе­ењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, прекршочно да се казнуваат граѓаните (роди­тели, односно полнолетни ученици) со цел почитување на пропишаната обврска за задолжително средно образование и реализација на така утврденото право.

Воедно со определбата на законодавецот за санкциони­ра­ње на непочитувањето на пропишаната обврска не се повредува само­то право на образование, бидејќи гарантираните, утврдените права со Уставот и со закон не ги ослободуваат граѓаните од обврските утврдени со Устав и со закон. Од друга страна предвиденоста на средното образо­вание како задолжително и бесплатно е само по себе доволен мотив за што помал број на сторени прекршоци, во реализација на правото на образование како универзално право.

Оттаму, во согласност е со Уставот и него­ви­те одредби прекршочно да се санкционира непочитувањето на опре­делбата на законодавецот за задолжително средно образование. Ова секако не значи дека казнувањето на родителите и полнолетните ученици треба да биде единствениот инструмент за спроведување на задолжителното средно образование, туку и самата држава треба да се залага да ја трансферира одговорноста на родите­лите и полнолетните ученици кон себе со воведување на методи што ќе бидат доволни сами по себе да ги мотивираат децата да го посетуваат задолжителното средно образование. Впрочем, реализираното задол­жително средно образова-ние може да се јави како моќна алатка за подобрување на статусот на децата и алатка за намалување на злоупотребата на детскиот труд што преставува своевидно инвести­рање кое на долг рок создава бенефити за државата во целост. Кон оваа цел треба да се стремат сите, државата, родителите и децата.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека членот 118 ставови 4 и 5 од Законот е во согласност со Уставот.

Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Оттаму, согласно наведената уставна одредба, по однос на наводите во иницијативата за несогласност на оспорените одедби со членот 18 став 1 од Законот за работните односи, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на одредби од ист или различни закони.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од пре-тседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов. Решението по однос на членот 118 ставови 4 и 5 од Законот, Судот го донесе со мнозинство гласови.

У.бр.132/2007
12 декември 2007 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски