37/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 декември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Главата II став 4 од Упатството за начинот на преземање на предметите, донесено од министерот за правда бр.07-5644/20 од 29 декември 2006 година и објавено во („Службен весник на Република Македонија“ бр.1/2007).

2. Тодор Димевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Главата II став 4 од Упатството означено во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со Законот за судовите била определена специјализирана надлежност на Основниот суд Скопје I – Скопје како кривичен суд, додека пак Основниот суд Скопје II – Скопје е определен како граѓански суд, а согласно одредбата од член 124 од Законот, јасно произлегувало дека сите започнати предмети по кои не била донесена првостепена одлука требало да се преземат од судовите што се определени за стварно и месно надлежни, согласно член 32 ставовите 3 и 4 од Законот. Имено, Основниот суд Скопје I – Скопје сите такви граѓански предмети требало да ги преотстапи на Основниот суд Скопје II – Скопје, а овој вториот да ги преотстапи на првиот сите кривични предмети.

Со член 123 на истиот Закон прераспоредувањето и пренесувањето на предметите ќе се извршело најдоцна во рок од 120 дена од денот на примената на овој закон (1.01.2007 година) согласно со Упатството за начинот и преземање на предмети што го донесува министерот за правда во рок од 6 месеци од денот на влегувањето во сила на законот, а тоа било 18/19.05.2006 година или краен рок 18/19.11.2006 година.

Од овие одредби јасно произлегувало дека оспореното Упатство било донесено надвор од законскиот рок или со закаснување од еден месец и десетина дена.

Оспорените одредби од Упатството, Глава II став 4 донесено од министерот за правда испаѓале надвор од законската регулатива на одредбите што го регулирале прашањето за начинот на прераспоредување и пренесување на предмети од надлежност на суд Скопје I и Скопје II. Воедно тие оспорени одредби биле во колизија и со одредбите од Глава V став 1 и VIII ставовите 1 и 3 на Упатството за начинот на преземање на предметите.

Со оспорените одредби на Упатството, Министерот за правда давал нова димензија за предметите што се започнати доведувајќи ги во контекст на одредбите од член 119 став 2 од Законот за судовите. Во суштина Министерот си дозволувал слобода и дискреционо право прераспоредувањето и пренесувањето на предметите од еден во друг суд да го поврзува со одлука на Судскиот совет на Република Македонија за бројот на судиите која одлука веќе требало да биде донесена до 31.01.2007 година.

Со оспореното Упатство министерот за правда го дерогирал Законот за судовите кој веќе стапил на правна сила и го враќал во важност поранешниот Закон за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/1995, 45/1995 и 64/2003) кој престанал да важи со што бил повреден членот 52 од Уставот на Република Македонија.

Исто така, со оспорените одредби на Упатството министерот за правда си дозволува слобода во еден меѓупериод да ја уредува и надлежноста на судовите (член 98 став 5 од Уставот на Република Македонија) која исклучиво се уредувала со Законот донесен со двотретинско мнозинство.

Врз основа на наведеното се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Глава II став 4 од Упатството за начинот на превземање на предметите донесено од министерот за правда.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорената Глава II став 4 на Упатството, Основниот суд Скопје I – Скопје и Основниот суд Скопје II – Скопје, од денот на примената на овој закон, продолжуваат да постапуваат со сите предмети и најдоцна до 15 дена од денот на донесувањето на Одлуката на Судскиот совет на Република Македонија за бројот на судиите во Основниот суд Скопје I – Скопје и Основнииот суд Скопје II – Скопје, согласно членот 119 став 2 од Законот, ќе ги отстапат предметите на надлежниот суд согласно членот 32 став 3 и 4 од Законот.

4. Законот за судовите е донесен на 5 мај 2006 година, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ на 11 мај 2006 година, влегол во сила на 19 мај 2006 година.

Согласно членот 128 од Законот, примената на овој закон ќе започне од 1 јануари 2007 година.

Согласно членот 123 од Законот, прераспоредувањето и пренесувањето на предметите од еден во друг суд според надлежностите утврдени со овој закон, ќе се изврши најдоцна во рок од 120 дена од денот на примената на овој закон, согласно со Упатството за начинот на преземање на предметите, што го донесува министерот за правда во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Од оваа законска одредба произлегува дека министерот за правда наведеното Упатство бил должен да го донесе до 19 ноември 2006 година, а всушност го донел на 29 декември 2006 година и влегло во сила на 5 мај 2007 година, значи со закаснување од 40 (четириесет) дена.

Одлуката на Судскиот совет на Република Македонија за бројот на судиите во Основниот суд Скопје I – Скопје и Основниот суд Скопје II – Скопје согласно членот 119 став 1 од Законот за судовите, требало да се донесе најдоцна во рок од 30 дена од денот на примената на овој закон, т.е. до 31 јануари 2007 година, а според мислењето на Министерството за правда, Одлуката на Судскиот совет била донесена на 15 март 2007 година, два и пол месеци по рокот утврден во наведената законска одредба.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е утврдено како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 32 став 3 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006) Основниот суд Скопје I – Скопје е кривичен суд со основна и проширена надлежност за подрачјето на општините Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Сарај, Кисела Вода, Аеродром, Бутел, Гази Баба, Чаир, Шуто Оризари, Чучер Сандево, Сопиште, Студеничани, Зелениково, Петровец, Илинден и Арачиново, а во ставот 4 на овој член од Законот е утврдено дека Основниот суд Скопје II – Скопје е граѓански суд со основна и проширена надлежност за подрачјето на општините Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Сарај, Кисела Вода, Аеродром, Бутел, Гази Баба, Чаир, Шуто Оризари, Чучер Сандево, Сопиште, Студеничани, Зелениково, Петровец, Илинден и Арачиново.

Во членот 119 став 2 од Законот е утврдено дека Судскиот совет на Република Македонија најдоцна во рок од 30 дена од денот на примената на овој закон, ќе донесе одлука за бројот на судиите во Основниот суд Скопје I – Скопје и Основниот суд Скопје II – Скопје.

Според членот 123 од Законот, кој е поместен во делот на „Преодните и завршните одредби“, прераспоредувањето и пренесувањето на предметите од еден во друг суд според надлежностите утврдени со овој закон, ќе се изврши најдоцна во рок од 120 дена од денот на примената на овој закон, согласно со Упатството за начинот на преземање на предметите, што го донесува министерот за правда во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Начинот на преземањето на предметите меѓу судовите во чија надлежност преминуваат работите на судовите означени во членовите 28, 30, 31 и 32 од Законот за судовите, го пропишува со Упатство министерот за правда. Имено, министерот за правда со оспорениот став 4 на точка II од Упатството за начинот на преземање на предметите предвидува дека Основниот суд Скопје I – Скопје и Основниот суд Скопје II – Скопје, од денот на примената на овој закон, продолжуваат да постапуваат по сите предмети и најдоцна до 15 дена од денот на донесувањето на Одлуката на Судскиот совет на Република Македонија за бројот на судиите во Основниот суд Скопје I – Скопје и Основниот суд Скопје II – Скопје, согласно членот 119 став 2 од Законот, ќе ги отстапи предметите на надлениот суд согласно членот 32 ставови 3 и 4 од Законот.

Во иницијативата се наведува дека министерот за правда со оспореното Упатство го дерогирал Законот за судовите кој веќе стапил во сила, а го враќал во важност Законот за судовите кој престанал да важи, со што бил повреден членот 52 од Уставот на Република Македонија.

Една од основните цели на Уставот на Република Македонија е воспоставувањето на владеењето на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со членот 8 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Имено, остварувањето на правата и слободите на граѓаните и правната сигурност како елемент на владеењето на правото во уставниот поредок на Република Македонија, е детерминирано од прописите кои се влезени во сила во правниот поредок.

Тие уставни вредности би биле доведени во прашање доколку се прекине текот на правното ефектуирање на прописите кои се донесени, објавени и влезени во сила во правниот поредок, исклучиво заради настанатите фактички пролонгирања на рокот за нивно објавување.

Во конкретниот случај законскиот определен рок за донесувањето на оспореното упатство не може да се прифати дека е законска норма со ограничувачка цел во однос на примената на прописите кои се донесени со пролонгирање на рокот и влезени во правниот поредок и дека после тој рок не може да се донесе соодветен акт, бидејќи таа норма е дел од целината на законските норми, и всушност во случајов оспореното Упатство е во функција на разработување на законските одредби заради нивна примена односно нивната имплементација и е во согласност со Уставот и законите.

Со оглед на изнесеното, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата, Судот утврди дека во однос на оспореното Упатство не може да се постави прашањето за неговата согласност со членот 52 став 4 од Уставот и Законот за судовите, дотолку повеќе што оспореното Упатство позитивно се одрази на постапувањето на судовите кое нешто се констатира и во мислењето на Министерството за правда.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.37/2007
5 декември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски