146/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 5 декември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 6 став 6 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004 и 28/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 6 став 6 од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената законска одредба немала уставна основа, затоа што цената за секој кубен метар потрошена вода за пиење не се определувала според реалната потро-шувачка, туку таа, неосновано и нереално се зголемувала дури за два пати, со што се повредувало и начелото на еднаква вредност на давањето од членот 8 од Законот за облигационите односи. Со оглед на тоа што оспорената одредба го немала облигационо-правниот карактер, каква што требало да биде, туку имала казнен карактер и како таква не можела да постои во правниот поредок не можела да се почитува темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија-владеењето на правото.

Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба како спротивна на членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека, според член 6 став 6 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, цената за секој кубен метар потрошена вода за пиење над просечната потрошувачка (прекумерна потрошувачка на водата за пиење) се зголемува за два пати.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и унапредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Од одредбите од Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1998, 19/2000, 42/2005 и 46/2006), Законот за комунални дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 45/1997, 23/1999, 45/2002 и 16/2004), Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на Република Македонија” број 38/1996, 6/2002, 40/2003, 49/2006 и 22/2007) и Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, произлегува дека комуналната дејност-снабдување на населението со вода ја вршат јавни претпри-јатија основани од општините, односно градот Скопје посебно за вршење на таа дејност. Тие како даватели на услугите се овластени да ја утврдуваат и висината на цената и начинот на плаќањето на оваа комунална услуга и тоа по претходна согласност на основачот. Притоа, висината на цената се утврдува по наведената мерна единица, од еден метар кубен обработена и испорачана вода.

Според ставот 4 на член 6 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, определувањето на висината на цената се врши со методологија, а врз основа на следниве критериуми:

-потрошена количина на вода за пиење од страна на корисниците на услугата, како просечна и прекумерна потрошувачка и
– категории на корисници на услугата.

Во ставот 5 на членот 6 од Законот е определено дека, потрошувачката на водата за пиење, како просечна потрошувачка по член на семејно домаќинство ја определува советот на општината и градот Скопје.

Според оспорениот став 6 од членот 6 од Законот, цената за секој кубен метар потрошена вода за пиење над просечната потрошувачка (прекумерна потрошувачка на водата за пиење) се зголемува за два пати.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, како темелна вредност на уставниот поредок на Репу-блика Македонија е грижа не само на државата, туку и на сите граѓани, претпријатијата, установите и органите на локалната самоуправа. Сите овие субјекти се должни да обезбедат услови за зачувањето на природните и со работа создадени вредности на човековата средина, да се воздржуваат од преземање на штетни дејствија а ако такви настанат да ги отстранат штетните последици и дејствија што ги загрозуваат тие вредности или го доведуваат во опасност животот и здравјето на луѓето.

Водите, водотеците и езерата како добра од општ интерес на Република Македонија, се во државна сопственост и уживаат посе-бна заштита утврдена со Законот за водите.

Во функција на операционализација на заложбата за посебна заштита на водите, со донесувањето на Законот за снабду-вање со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, се уредени сите прашања од областа на снабдувањето со вода за пиење и одведувањето на урбаните отпадни води во Република Македонија и тоа на единствен начин со законски утврдени стандарди и правила.

Така, во Глава II од Законот во рамките на уредувањето на условите и начинот на вршење на дејноста законодавецот во членот 5, меѓу другото, се утврдува дека давателот на услугата врши снабду-вање со вода за пиење со зафаќање, обработка и дистрибуција на водата преку водоснабдителниот систем до главниот водомер на кори-сникот на услугата, како и врши управување и одржување на водосна-бдителниот систем.

Од наведените и другите одредби од Законот за снабду-вање со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, јасно произлегува дека надоместокот за кој станува збор во оспорената законска одредба е во функција на заштита на водите, како добра од општ интерес, како и на природата во целина. Исто така, одредбата има за цел да овозможи снабдување со вода за пиење на сите корисници под приближно еднакви услови.

Затоа, за Судот не е спорно дека вака предвидената два пати зголемена цената за секој кубен метар прекумерно потрошена вода за пиење над просечната потрошувачка не е казнена одредба или пак чисто облигациона одредба, како што смета подносителот на иницијативата, туку таа е заштитна одредба. Имено, неосновано подносителот на иницијативата тврди дека граѓаните со оспорената одредба биле казнувани, бидејќи за предвидување на казна најнапред е потребно постоење на противправно однесување, кое како такво ќе го утврди законодавецот. Во овој случај, со предвидувањето да се плати два пати зголемена цената за прекумерно потрошена вода за пиење над просечната потрошувачка, само се уредува режимот на користење на водата за пиење. Притоа не се предвидува забрана за користење на водата за пиење над одреден законски лимит, туку зголемена цена за користењето на количеството вода над предвидената просечна потрошувачка.

Исто така, не може да се прифати тврдењето во иници-јативата дека одредбата има облигационен карактер, од причина што одредувањето на цената на водата за пиење, како еден од елементите на настанатиот однос помеѓу давателот и примателот на услугата не е елемент кој се одредува исклучиво според волјата на договорните страни, туку елемент кој зависи и од пропишувањето на законодавецот, но и од многу други фактори. Тука спаѓаат: временски прилики, годишно време, елементарните непогоди, капацитет на водоснабди-телниот систем, регион во кој се испорачува водата за пиење, конфигурација на теренот на регионот, број на корисници на услугата и така натаму. Оттаму, дали во конретно настанатиот однос помеѓу давателот и примателот на услугата ќе се наплаќа за прекумерната потрошувачка и заради кои настанати околности, е фактичко прашање.

Тргнувајќи од фактот дека владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок не се остварува само преку пропишувањето и реализацијата на казнените и облигационите норми, туку и преку друг вид на норми, како што се заштитните, од каков карактер е оспорената одредба, произлегува дека тврдењето на подносителот на иницијативата за повреда на членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е неосновано. Имено, за целосно реализирање на темелната вредност на уставниот поредок од наведената уставна одредба-владеењето на правото, понекогаш е неопходно законо-давецот да пристапи и кон предвидување на заштитни норми кои секако мора да имаат своја уставна или пак законска оправданост. Најчесто тоа е случај кога треба да се постигне повисока цел, да се оствари предвиден режим на однесување или треба да се заштити добро кое е од витален интерес за поширок круг на субјекти.

Имајќи предвид дека водата е добро од општ интерес, без кое не може да се егзистира, добро кое е со ограничен капацитет, за кое на регионален и на глобален план е нужно негово зачувување и режимско користење, произлегува дека законодавецот преку оспорената одредба само предвидува една од можните заштитни мерки во функција на долгорочно управување со водните ресурси, се со цел контролирано користење на водата за пиење, што во крајна линија е операционализација на уживањето на нејзината посебна заштита, како што предвидел членот 56 став 1 од Уставот. Уште повеќе, со ваквото нормирање се остварува и унапредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија од членот 8 став 1 алинеја 10 од Уставот. Дека станува збор само за една од можните мерки во режимот на користење на водите за пиење произлегува и од целината на одредбите од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води. Имено, законодавецот во функција на остварување на предвидениот режим на користење на водата за пиење, меѓу другото, предвидел и рестриктивно снабдување со вода за пиење или пак прекин на снабдувањето со вода за пиење а исто така предвидел и парични казни за сторени прекршоци од страна на давателот и примателот на услугата.

Имајќи предвид дека согласно член 6 став 5 од Законот, просечната потрошувачка по член на семејно домаќинство ја опре-делува советот на општината и градот Скопје, произлегува дека во зависност од многу фактори, меѓу кои: времески прилики, воден капацитет, број на корисници, елементарни непогоди, регионот во кој се одвива водоснабдувањето ќе зависи дали во одедено подрачје на Републиката оспорената одредба ќе најде своја примена или не. Дали пак просечната потрошувачка по член на семејно домаќинство ќе биде определена на реално ниво е фактичко прашање кое може да се цени само преку конкретно донесениот акт на советите на општините и градот Скопје.

Оттаму, при постоење на просечна потрошувачка на водата за пиење како законска категорија, можноста од рестрикции или прекин во снабдувањето, предвидувањето на низа прекршоци кои би требале да го дадат својот ефект во режимот на користење на водата, двојно зголемената цена на водата за пиење над просечната потрошувачка е само една од мерките што може, но не мора да биде преземена, доколку на друг начин се постигне непречено, редовно снабдување со водата за пиење за сите корисници под приближно еднакви услови.

Според мислењето на Судот, доколку вакви мерки не би постоеле се јавува голема веројатност, заради нерационалното и неконтролирано користење на водата за пиење, дел од корисничката популација едноставно да биде казнета со некористење на водата за пиење.

Оттаму, Судот оцени дека оспорениот член 6 став 6 од Законот е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседа­те­лот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.146/2007
5 декември 2007 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски