Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 28 ноември 2007 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА членот 101 став 3 точка б), освен во делот: „Во случај на бришење на осудата од точката б) на овој став, соодветно се применуваат одредбите од Кривичниот законик.“ и точката в) од Законот за хартии од вредност (“Службен весник на Република Македонија” бр.95/2005 и 25/2007).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со решение У.бр.220/2005 од 27 јуни 2005 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9 став 2, членот 13 став 1, членот 14 став 1 и членот 51 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека, според член 101 став 1 од Законот за хартии од вредност, комисијата дава согласност за именување директор на брокерската куќа.
Во став 2 од истиот член од Законот е определено кои документи се поднесуваат заедно со барањето за именување на директор на брокерската куќа.
Според став 3 на истиот член од Законот, Комисијата дава согласност за именување на директор во рок од 60 календарски дена од денот на поднесување на барањето од став 2 на овој член, освен во случаите кога ќе утврди дека на предложениот кандидат:
а) му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија;
б) му е изречена казна затвор и тоа:
– во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и пет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор до три години и
– во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и десет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор над три години.
Во случај на бришење на осудата од точката б) на овој став, соодветно се применуваат одредбите од Кривичниот законик.
в) доколку е правосилно осуден за кривично дело преди-звикување стечај на правно лице и
д) дал лажна информација во документите кои се поднесуваат согласно со ставот 2 на овој член.
5. Согласно членот 8 став 1 алинеја 1, 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Согласно членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Според членот 14 став 2 од Уставот, никој не може повторно да биде осуден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена судска одлука.
Според членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2).
Според членот 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Според членот 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на граѓаните можат да се ограничат само во случаи утврдени во Уставот.
Законот за хартии од вредност во членот 1 го дефинирал предметот на уредување во кој е и уредувањето на начинот и условите за издавање и тргување со хартии од вредност.
Во областа на пазарот на капитал, со Законот е основана Комисија за хартии од вредност која го регулира и контролира рабо-тењето со хартии од вредност на територијата на Република Македонија, има својство на правно лице, и се избира и разрешува од Собранието на Република Македонија на предлог на Владата на Република Македонија.
Според член 2 точка 18 од Законот за хартии од вредност, „Комисија“ е комисијата за хартии од вредност, која преставува само-стојно и независно регулаторно тело со јавни овластувања утврдени со овој закон, Законот за инвестициони фондови, Законот за преземање на акционерските друштва и на сите подзаконски акти донесени врз основа на овие закони.
Како хартии од вредност со Законот се определени: акции во трговските друштва, обврзници, инструменти на пазарот на пари, акции и уреди во инвестиционите фондови што работат според Законот за инвестициони фондови, деривативни финансиски инструменти, потврда за странска хартија од вредност и други финансиски инстру-менти кои според Комисијата се сметаат за хартии од вредност (член 2 точка 43 од Законот).
Според член 181 став 1 од Законот, во областа на пазарот на капитал се основа Комисија за хартии од вредност која преставува самостојно и независно регулаторно тело, со јавни овластувања утврдени со овој закон.
Според член 182 став 1 од Законот, Комисијата е составена од пет комисионери (членови) од кои еден е претседател.
Според одредбите од Законот, произлегува дека броке-рската куќа се основа како акционерско друштво со седиште во Република Македонија, согласно со овој закон и Законот за трговските друштва (член 98 став 1). Брокерска куќа се основа од најмалку две физички или правни домашни или странски лица, освен во случаите кога основачот е банка или осигурително друштво (став 2). Брокерската куќа треба да има најмалку две лица во редовен работен однос кои поседуваат дозвола за работење на брокер или дозвола за работење на инвестиционен советник издадена од Комисијата (став 3). Комиси-јата ја пропишува задолжителната структура и начинот на пресметка на основната главнина за брокерската куќа (став 4).
Од содржината на членот 99 од Законот, исто така, произлегува дека брокерската куќа мора во секое време да поседува и одржува главнина чиј износ во зависност од видот на дозволата за работа се движи од 75.000 до 500.000 евра во денарска против-вредност.
Во оспорениот дел на членот 101 став 3 точката б), од Законот е определено дека Комисијата за хартии од вредност нема да даде согласнот за именување на директор на брокерската куќа кога ќе утврди дека на предложениот кандидат му е изречена казна затвор и тоа:
– во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и пет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор до три години и
– во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и десет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор над три години.
Тргнувајќи од анализата на оспорената одредба произле-гува дека со неа се предвидува правна последица на осудата, што се состои во недавање можност, за стекнување на наведената функција, поврзана со пазарот на хартии од вредност, секогаш кога станува збор за лице кое е осудено на казна затвор и тоа за точно дефиниран временски период, што се протега од правосилноста на пресудата, до денот на издржаната казна и уште пет, односно десет години по издржаната казна во зависност од тоа дали е осудено до три или над три години казна затвор.
Притоа, компарирајќи ја содржината на наведената одредба од Законот, со содржината на член 101 став 1 и 2 од Криви-чниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 60/2006 и 73/2006), произлегува дека истата ги задоволува критериумите од Законикот по однос на осуда на казна затвор и предвиденост на правните последици на осудата со закон.
Меѓутоа, во оваа одредба не се предвидуваат правни последици на осудата кога е во прашање простена или застарена казна затвор, од што се поставува прашање дали законодавецот сметал дека во случај на простена и застарена казна затвор не можат да се трпат правни последици на осудата, без оглед на дадената општа рамка во членот 102 став 2 од Кривичниот законик.
Судот, исто така, утврди дека во оваа оспорената одредба и правните последици на осудата се поврзуваат со казна затвор до, односно над три години, без да притоа е од значење за каков вид на кривичното дело е осудено лицето, па се поставува прашање дали секое кривично дело го прави лицето неподобно за вршење на функциите опфатени со овие одредби.
Во оспорениот член 101 став 3 точка г) од Законот е содржана формулацијата лицето да не е осудено за кривично дело пре-дизвикување стечај на правно лице.
Од анализата на оваа одредба од Законот, произлегува дека осудуваноста за сторено кривично дело предизвикување стечај на правно лице без оглед на времето кога лицето било осудено и неза-висно од видот на изречената санкција од судот е причина предвидена со законот лицето да не може да биде директор на брокерската куќа, без оглед на времето кога лицето било осудено, дали трпи правни последици на осудата и независно од видот на изречената санкција од судот.
Според тоа, со оваа одредба од Законот не се дозволува остварување на право на граѓанинот да ја врши наведената функција и истата генерално се однесува на сите кои се осудени за кривичното дело предизвикување на стечај, без оглед на видот на кривичното дело, неговата природа или тежина и независно од видот на изрече-ната санкциите и нејзината висина.
Од анализата на наведените одредби и делови од одредби од Законот, произлегува дека станува збор за правна последица на осудата како специфичен правен институт што има како таков големо значење за статустот на осуденото лице, но и за општествените интереси и кој секогаш резултира со ограничување на правата на осудените лица или значи забрана за стекнување на одредени права на лица осудени за одредени кривични дела. Оттаму, правните поседици на осудата како еден вид посебна статусна мерка тешко го погодува осуденото лице, некогаш потешко и од изречената казна затвор, имајќи предвид дека истите најчесто значат губење на одредени права или пак забрана за нивно стекнување за одреден временски период.
Според оцена на Судот, така поставениот правен институт невлегува во сверата на правните последици на осудата кои настапуваат по сила на закон, иако тие не можат да се настапуваат автоматски по сила на закон, туку казнено-поправниот однос се исцрпува на релацијата на казнивото дело и судски изречената казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.
Воедно, според оцена на Судот, казнено правниот однос се исцрпува во релацијата на казнивото дело и судски изречена казна за неговиот сторител, од каде натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот, согласно член 54 став 1 од Уставот.
Со оглед на тоа, Судот оцени дека со овие одредби, се ограничува по сила на закон правото едно лице да врши определена дејност и во случаи кога кривичното дело за кое лицето е осудено не е во никаква врска со вршењето на оваа дејност, па оттука формулациите на одредбите се недоволно прецизни и јасни и како такви не обезбедуваат правна сигурност на граѓаните, што е еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото, според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
При оценување на уставноста на оспорените законски одредби како основен критериум Судот го имаше во вид постоењето на двата принципи на казненоправниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Тоа, со други зборови значи дека согласно наведените уставни одредби казненоправниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречената казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело што се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.
Оттука, ако се има во предвид фактот дека со оспорените законски одредби се врши ограничување на правото за вршење на работа на лице кое било осудувано за кривично дело, ова ограничување не е последица што произлегува од извршувањето на изречената кривична санкција, односно казна, туку претставува дополнителна последица што граѓаните ја трпат по основ на осудуваноста, а која настапува по сила на закон. Со оглед на тоа одредбите од Законот, означени во точката 1 од оваа одлука, не се во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9 став 2, членот 13 став 1, членот 14 став 1 и членот 51 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.220/2005
28 ноември 2007 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски