204/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 ноември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 4-а став 5 од Законот за вработувње на инвалидни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2000, 16/2004, 62/2005 и 113/2005).

2. Пост полио група за подршка „Полио Плус“ – Здружение на граѓани-Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Со решението во оспорената законска одредба, според иницијативата, на инвалидното лице му се влошувале условите и со даденото законско овластување се правела дискриминација меѓу инвалидните лица и другите граѓани кои можат да бидат работодавци или да вршат работа на одговорно лице кај работодавец и без позитивно мислење од Комисија при Министерство за труд и социјална политика дека можат да ги вршат тие функции. Со ваквата дискриминација поради инвалидност на лицето се загрозувала неговата еднаква можност за вработување и занимање со другите граѓани во државата, со што се повредувале член 8 став 1 алинеите 1, 3, 7, 8 и 11, член 9, член 23, член 35, член 51, член 54 став 1 и член 55 од Уставот на Република Македонија.

Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената законска одредба и истовремено се предлага Судот да донесе времена мерка со која ќе се запре извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорената законска одредба.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 4-а од оспорениот Закон работодавец не може да вработи или да распореди од едно на друго работно место инвалидно лице кое за тоа работно место не ги исполнува општите и посебните услови, односно кое не е оспособено за вршење на работи на тоа работно место.

Работите кои може да ги извршува инвалидното лице на соодветното работно место ги определува Комисијата при Министерството за труд и социјална политика, со кој го определува и составот на Комисијата.

Министерството за труд и социјална политика со акт го опредедлува начинот за донесување на наодот и мислењето на Комисијата од ставот 2 на овој член.

Средствата за работа на Комисијата од ставот 2 на овој член се обезбедуваат од Посебниот фонд од членот 15 став 1 од овој закон.

Инвалидно лице може да биде работодавец или да врши работа на одговорно лице кај работодавец, доколку добие позитивно мислење од Комисијата од членот 4-а став 2 на овој закон.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 7, 8 и 11 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, слободата на пазарот и претприемништвото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 23 од Уставот секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според член 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност. Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани. Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Со членот 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

Законот за вработување на инвалидни лица ги уредува посебните услови за вработување и работење на инвалидни лица: кога постојано вршат дејност како трговец поединец; кај работодавец или има својство на работодавец, во државната администрација, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, установи, агенции и фондови и други државни институции како и условите за основање и погодностите за работење на трговското друштво за вработување на инвалидни лица – заштитни друштва.

Според членот 2 став 1 на овој Закон, инвалидно лице, во смисла на овој закон, е лице со оштетен вид, оштетен слух, со пречки во гласот, говорот и јазикот, телесно инвалидно лице, лице со лесни пречки во интелектуалниот развиток и лице со комбинирани пречки кое поради степенот на инвалидност има специфични потреби во работењето.

Според член 2 став 3 од истиот Закон, инвалидно лице се смета и инвалид на трудот со преостаната или намалена работна способност и ако се води во евиеднцијата на Агенцијата за вработувње на Република Македонија.

Според член 2 став 3, пак, од овој закон, инвалидноста врз основа на поднесено барање од инвалидно лице, неговиот родител или старател ја утврдува комисија за оцена на работната способност на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, освен ако инвалидноста на лицето не е утврдена од друг надлежен орган.

Од анализата на цитираните уставни норми и одредбите од Законот за вработување на инвалидни лица, според Судот јасно станува збор за посебна категорија на лица за кои Република Македонија и според Уставот има обврска да се грижи да обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и да обезбедува услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Токму и во таа смисла Законот за вработување на инвалидни лица ги уредува посебните услови за вработување и работење на инвалидните лица. Оттука, јасно произлегува дека овие лица се со посебни потреби за разлика од останатите граѓани во општеството, бидејќи самиот тој факт упатува на констатација дека за нивно адаптирање во општествениот живот, во нивен интерес, се исполнување на неопходни посебни услови, кои истовремено наметнуваат и посебни мерки за подобрување на условите за нивно вработување и работење.

Оспорениот член 4-а став 5 од Законот е содржан токму во оваа Глава II од Законот, и со истиот всушност се овозможува нивна адаптација на одредено работно место, во случајов работодавец или работа на одговорно лице кај работодавец за кое е неопходно позитивно мислење од комисијата при Министерството за труд и социјална политика. Имено, добивањето на вакво мислење, според Судот, не значи дискриминација на инвалидните лица, како што се укажува во иницијативата, од причина што, имајќи ја во вид категоријата на овие лица, неопходно е комисијата да го одреди степенот и видот на попреченоста за да може да се утврди дали тоа лице може совесно, стручно и одговорно да ја врши функцијата на работодавец, односно правно лице кај работодавец, поточно дали неговите можности и способности одговараат на задачите кои треба да ги изршува раководното лице.

Оттука, Судот оцени дека оспорената законска одредба е во согласност со одредбите од Уставот на кои се упатува во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.204/2007
28 ноември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски