У.бр.42/2006

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 21 ноември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 153-л став 1 од Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006 и 5/2007).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 153-ѕ, став 4 во делот: „Трајно одземање на лиценцата за работа се врши ако со правосилна судска одлука се утврди дека здравствениот работник со високо образование сторил стручен пропуст или грешка при работата со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт на болниот“ , од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од член 153-ѕ став 4 од Законот за здравствена заштита се пропишувале правни последици од осуда без да се наведе за кои кривични дела станува збор и без да се наведат изречените санкции што во конкретен случај би претставувале услов за трајно одземање на лиценцата за работа. Подносителот на иницијатвата смета дека формулацијата на оспорената одредба била недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедувала правна сигурност на граѓаните. Покрај тоа, правните последици од осудата не можеле да се утврдуваат со закон и да настапуваат автоматски по сила на закон, туку тоа можело да се прави само со конкретна правосилна судска одлука. Трајното одземање на лиценцата за работа поради кривична осуда за неспецифицирано кривично дело и на која било кривична санкција била непропорционална и предизвикувала прекумерно и неоправдано ограничување на правата на граѓаните. Поради наведените причини подносителот на иницијативата, смета дека со оспорената одредба се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 32 ставовите 1 и 2, член 51, член 54 ставовите 1 и 3 од Уставот.

Во врска со втората оспорена одредба од член 153-л став 1 од Законот за здравствена заштита, подносителот на иницијативата смета дека во неа недостасувале критериуми, односно конкретна законска рамка врз основа на кои наведените комори би ја утврдувале висината на трошоците за издавање, продолжување и обновување на лиценците секоја година и дека ваквиот недостаток на оспорената одредба оставал можност за арбитрерност и различен и нееднаков третман на заинтересираните граѓани од страна на надлежните комори. Оттука овластувањето што произлегува од оспорената одредба немало уставна основа и тоа не било во функција на утврдување и разработка на одделни законски одредби заради нивно извршување и водело кон утврдување на права и обврски на граѓаните со подзакоонски акт, што не било дозволено. Од тие причини подносителот на иницијативата смета дека со оваа законска одредба се повредувал членот 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 ставовите 1, 2 и 5, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Поради наведените причини, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 153 – ѕ став 4 и член 153 – л став 1 од Законот за здравствена заштита.

4. Судот на седницата утврди дека според член 153-ѕ став 4 од Законот за здравствена заштита, трајно одземање на лиценцата за работа се врши ако со правосилна судска одлука се утврди дека здравствениот работник со високо образование сторил стручен пропуст или грешка при работата со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт на болниот, или ако по временото одземање на лиценцата за работа врз основа на ставот 2 алинеја 6-а од овој член повторно врши дополнителна дејност во друга здравствена установа.

Според оспорениот член 153-л од Законот, висината на трошоците за издавање, продолжување и обновување на лиценците ја утврдуваат Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора, секоја година, со општ акт на кој министерот за здравство дава согласност.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 138 од Законот за здравствена заштита (Службен весник на Република Македонија бр. 38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006 и 5/2007) здравствена заштита можат да укажуваат здравствени работници со соодветно стручно образование, завршен приправнички стаж, положен стручен испит, основна лиценца и лиценца за работа.

Според член 143 од Законот, по завршувањето на приправничкиот стаж здравствените работници полагаат стручен испит (став 1), а врз основа на ставот 2 на истиот член, здравствените работници со средно, више и високо стручно образование во траење од три години, стручниот испит го полагаат пред испитни комисии кои министерот за здравство ги образува во јавните здравствени установи.

Здравствените работници со високо образование стручниот испит го полагаат пред испитни комисии кои ги образува Лекарската, Стоматолошката односно Фармацевтската комора од редот на лицата определени согласно член 142 став 2 на овој закон (став 3).

Положениот стручен испит од ставот 3 на овој член за здравствените работници со високо образование од областа на медицината и стоматологијата е услов за добивање на основна лиценца (став 4).

Условите за стекнување на основна лиценца и лиценца за работа за здравствените работници со високо образование од областа на м едицината, стоматологијата и фармацијата, условите за издавање на овие лиценци за странски државјани, условите за обновување на лиценците и за нивно времено или трајно одезмање се уредени во членовите 153–а до член 153-л од Законот, меѓу кои се и оспорените одредби.

Здружувањето на здравствените работници во комори е уредено во член 155 од Законот. Според ставот 1 на овој член, заради заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права, за подобрување на квалитетот на здравствената заштита, заштитата на интересите на својата професија, следење на односот на здравствените работници кон општеството и граѓаните, докторите на медицина, докторите на стоматологија и дипломираните фармацевти се здружуваат во лекарска, стоматолошка односно фармацевтска комора.

Лекарската, стоматолошката односно фармацевтската комора имаат својство на правно лице (став 2).

Лекарската и Стоматолошката комора издаваат, обновуваат, продолжуваат и одземаат основна лиценца или лиценца за работа и водат регистар на издадени, продолжени, обвновени и одземени лиценци (став 3).

Фармацевтската комора издава, продолжува, обновува и одзема лиценца за работа и води регистар на издадени, продолжени, обновени и одземени лиценци (став 4).

Формата и содржината на регистрите од ставовите 3 и 4 на овој член и начинот на нивното водење ги пропишуваат коморите од ставот 1 на овој член со општ акт на кој министерот за здравство дава согласност. (став 5)

Лекарската, стоматолошката односно фармацевтската комора може да одземе лиценца за работа на доктори на медицина, доктори на стоматологија и дипломирани фармацевти, ако утврди дека ја прекршиле лекарската етика или сториле потешка повреда на стандардите и квалитетот на здравствените услуги (став 6).

Против одлуката на лекарската, стоматолошката односно фармацевтската комора може да се изјави жалба до министерот за здравство (став 7).

Коморите од ставот 1 на овој член од Законот, донесуваат статут, утврдувааат кодекс на професионалните етички должности и права, формираат суд на честа и други помошни тела и донесуваат други акти за начинот на работењето на нивните органи и акти за кои се овластени со закон (став 8).

Коморите од ставот 1 на овој член од Законот, должни се два пати годишно да доставуваат извештај за работите што се однесуваат на издавањето, продолжувањето, обновувањето и одземањето на лиценците до министерството за здравство. (став 9)

Според член 157 од Законот, надзор над законитоста на работата на здравствените установи и коморите во вршењето на јавното овластување врши Министерството за здравство.

Согласно член 158-а од Законот, по вршењето на надзорот од членот 157 на овој закон Министерството за здравство ја известува комората во која е вршен надзорот за констатираните недостатоци и неправилности и определува рок за нивното отстранување.

Врз основа на член 158-б став 1 од Законот, Министерството за здравство може да го одземе овластувањето за издавање, обновување, продолжување и одземање на лиценци на Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комори и да ги преземе тие работи ако при вршењето на надзорот утврди:
а) злоупотреба во вршењето на јавното овластување;
б) неефикасно извршување на јавното овластување и
в) вршење на овластувањето во спротивност со овој закон и прописите донесени врз основа на него.

Според ставот 2 на овој член од Законот, против решението на министерот за здравство од ставот 1 на овој член, Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора има право на жалба до второстепената комисија на Владата на Република Македонија во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.

Финансирањето на коморите е уредено со статутите на коморите. Така според член 54 од Статутот на Лекарската комора („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/1995, 22/1996 и 36/2000) е утврдено дека Комората може да стекнува парични средства, хартии од вредност, инвентар и друг подвижен и неподвижен имот, во согласност со законските прописи. Со своите средства Комората располага самостојно, во согласност со законите и другите прописи. Средствата за работа на Комората се обезбедуваат преку уписнини и членарини што ги плаќаат нејзините членови, од надомест на услуги што ги врши Комората, од подароци, завештенија и од други извори. Висината на членарината, уписнината како и начинот и роковите за нивно плаќање ги утврдува Собранието на Комората. Идентична одредба е содржана и во Статутот на Стоматолошката комора.

Според член 67 од Статутот на Фармацевтската комора („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/2005 година), Комората може да стекнува парични средства, хартии од вредност и друг подвиежен и недвижен имот во согласност со законските прописи. Средствата за работа на Комората се обезбедуваат преку: средствата што ги уплаќаат кандидатите за полагање стручен испит, добивање уверение за положен стручен испит и лиценца за работа; средствата што ги уплаќаат диполмираните фармацевти со лиценца за работа за упис во регистарот на фармацевти што го води Комората; надомест за податоци од Регистарот на фармацевти; членарина од физички и правни лица; надомест за услуги што ги врши Комората; подароци; завештанија и друго.

Од анализата на наведените одредби од Законот за здравствена заштита произлегува дека лекарската, стоматолошката, односно фармацевтската комора претставуваат стручно професионални асоцијацијации во кои се остваруваат јавно-правни интереси, односно дека тие имаат карактер на институции со јавно-правен режим за кои е задолжително здружувањето.

Со Законот за здравствена заштита на нив се пренесени јавни овластувања, како што е овластувањето за издавање, обновување, продолжување и одземање на лиценци на здравствените работници. Законот исто така, ги овластил коморите висината на трошоците за издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценците, начинот на издавањето, продолжувањето, обновувањето и одземањето на лиценцата, како и формата и содржината на обрасците да го уредат со општи акти на кои министерот за здравство дава согласност.

За Судот не е спорно самото овластување на коморите да издаваат, обвновуваат, продолжуваат и одземаат лиценци на здравствените работници, бидејќи тоа претставува јавно овластување кое им е пренесено со Законот, како на инситуции кои имаат и јавно-правен карактер. Неспорно е, исто така, и овластувањето на Коморите со свој акт да ја определуваат висината на надоместоците за издавање, обновување, продолжување и одземање на лиценците.

Од анализата на оспорената одредба од членот 153-л како и од целината на Законот за здравствена заштита произлегува дека законодавецот во него пропуштил да ги утврди критериумите, односно рамката врз основа на која Лекарската, Стоматолошката и Фармацевтската комора би ја определувала висината на трошоците за издавање на лиценците.

Поради ваквиот недостаток на одредбата, оставена е можност без конкретна законска рамка да се определува висината на надоместокот за лиценца, а со тоа и простор за арбитрерност и нееднаков третман на лицата под објективизирани и еднакви услови да го остваруваат правото на лиценца.

Оттука, според Судот, овластувањето кое произлегува од оспорената одредба од членот 153-л од Законот за здравствена заштита нема уставна основа со оглед на тоа што Законот не содржи параметри за утврдување на висината на трошоците, поради што основано се постави прашањето за согласноста на оваа оспорена одредба со начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

6. Во врска со оспорената одредба од член 153-ѕ став 4 од Законот, Судот утврди дека по поднесувањето на иницијативата, овој став е дополнет со Законот за измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2007) година со додавање на зборовите: „или ако по временото одземање на лиценцата за работа врз основа на ставот 2 алинеја 6-а од овој член повторно врши дополнителна дејност во друга здравствена установа“.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија оспорената одредба од членот 153-ѕ од Законот (пред нејзиното дополнување) веќе ја оценувал и со Решение У.бр. 73/2005 од 5 октомври 2005 година не повел постапка за оценување на уставноста. Оспорената одредба во меѓувреме е дополнета со нова содржина која не е предмет на оспорување со иницијативата. Од тие причини Судот иницијативата во делот во кој е оспорена одредбата ја отфрли врз основа на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение, во однос на точката 1, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова – Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а во однос на точката 2, со мнозинство гласови.

У.бр. 42/2006
21 ноември 2007
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски