235/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 ноември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 146 став 1 алинеја 1 од Законот за радиодифузната дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.100/2005 и 19/2007).

2. Васко Костески од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 146 став 1 алинеја 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба не била во согласност со одредбите од членот 33 од Уставот, од причина што голем број граѓани чии семејства биле со мал број членови биле доведени во нерамноправна положба со оние семејства со поголем број на членови. Исто така, оспорената законска одредба била во спротивност и со членот 9 од Уставот на Република Македонија, поради што се бара Уставниот суд на Република Македонија да ја укине оспорената одредба од член 146 став 1 алинеја 1 од Законот за радиодфузната дејност.

3. Судот на седницата утврди дека според член 146 став 1 од Законот, радиодифузна такса плаќа: секое домаќинство во Република Македонија; хотели и мотели, по една радиодифузна такса за секои пет соби; правни лица и сопственици на деловен простор, на секоеи 20 вработени или други лица кои го користат деловниот простор, по една радиодфузна такса и сопственици на угостителски и други јавни објекти опремени со радио или телевизиски приемник, за секој приемник плаќаат по една радиодифузна такса.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд
на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.153/2006, од 13 декември 2006 година, не повел постапка за оценување на уставноста на:

Член 146 став 1 во целина и посебно на алинеја 3 од истиот член, како и на членот 147 став 2 во делот: „за утврдување на годишниот износ на радиодифузната такса со кое обврзникот се задолжува да ја плати во 12 месечни износи“ од Законот за радиодифузната дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 100/2005).

Притоа Судот го изразил следниот став:

„Тргнувајќи од тоа дека во наведените законски одредби радиодифузната такса е утврдена како јавна давачка, која е уставна категорија, а истовремено се утврдени и обврзниците, основицата, висината и начинот на плаќање на оваа јавна давачка, Судот оцени дека овие законски одредби се во согланост со членот 33 од Уставот, според кој секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки на начин утврден со закон.

Исто така, не може да се изрази сомневање во уставноста на член 146 став 1 од Законот ниту поради наводите дека во оваа оспорена одредба не се предвидувал начинот, условите, роковите и постапката за утврдување и промената на бројот на вработените во правните лица и слично. Ова од причина што водењето на регистарот на обврзници за плаќање на радиодифузната такса согласно член 147 став 1 од Законот го врши Македонската радиотелевизија. Водењето, пак, на овој регистар всушност ги опфаќа сите работи за определување, односно утврдување на обврзникот за плаќање на таксата и претставува технички услов за нејзиното плаќање“.

Со оглед на тоа што Судот веќе ја оценил оспорената одредба од член 146 став 1 алинеја 1 од Законот за радиодифузната дејност, а нема основи за поинакво одлучување, Судот согласно наведената одредба од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија иницијативата ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.235/2007
21 ноември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски