Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 ноември 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 4 став 2 точка 6 од Законот за детективската дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1999 и 66/2007).
2. Д-р Гроздан Цветковски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 4 став 2 точка 6 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорената законска одредба се повредувало начелото на еднаквоста на граѓаните пред Уставот, од причини што една категорија на граѓани кои вршеле одредена професија се доведувале во нерамноправна положба и им било ускратено правото за добивање на лиценца за вршење на детективска дејност, односно правото под еднакви услови да им биде достапно секое работно место, што било спротивно на основните слободи и права на човекот и граѓанинот пропишани во Глава II од Уставот на Република Македонија.
Понатаму во иницијативата се наведува дека оспорената одредба од член 4 став 2 точка 6 од Законот била во спротивност и со членовите 32 став 2, 51 став 1, 54 став 1 и 55 од Уставот на Република Македонија, меѓутоа не се наведуваат причините зошто оспорената одредба е спротивна на наведените членови од Уставот.
Подносителот на иницијативата своите наводи се обидува да ги аргументира со тоа што вакво ограничување намело за вршење на функцијата: адвокат, судија, јавен правобранител, јавен обвинител и слично, туку само за професијата детектив, со што не се имало во предвид фактот дека и носителите на наведената функција извршувале работи и задачи во институции наведени во оспорениот член 4 став 2 точка 6 од Законот, а во новите професии ќе располагале со уште повеќе доверливи информации од повисок степен отколку детективската дејност.
Поради изнесеното подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот.
3. Судот на седница утврди дека според оспорениот член 4 став 2 точка 6 од Законот, лиценцата ја издава Министерството за внатрешни работи на лице кое поднело барање за издавање лиценца за вршење детективска дејност и кое покрај општите услови за засновање на работен однос определени со закон ги исполнува и следните услови, меѓу кои и условот утврден во точката 6 според која во последните две години пред да добие лиценца за работа да не извршувал работи и задачи во областа на безбедноста и одбраната во органите на државната управа како: овластено службено лице или на посебни работни места согласно со прописите од облста на внатрешните работи, работни места на определени должности согласно со прописите од областа на разузнавањето или работните места од член 123 од Законот за одбрана.
4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.33/2000, од 27 септември 2000 година, не повел постапка за оценување, меѓу другото, и на членот 4 став 2 точка 6 од Законот за детективска дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1999).
Во наведеното Решение Судот утврдил:
„Со предвидувањето на вакви, условно речени ограничувачки норми, Судот смета дека всушност се спречуваат евентуалните конфликтни економски и морални интереси на граѓанинот, поради што Судот смета дека оспорените одредби не би требало да се опсервираат од аспект на попречување на правото на граѓаните на достапност на работните места под еднакви услови и дека доколку ваквото законско ограничување не би постоело, граѓаните би можеле да бидат доведени во состојба, некој кој има неограничен број податоци за нив, а поседува лиценца, приватно да обавува детективска дејност или дејност од областа на заштитата на луѓето и имотот, да може наместо да ги брани нивниот имот, живот, слобода и другите со Устав загарантирани права, да брани друг интерес злоупотребувајќи ги тие податоци.
Меѓутоа и покрај можноста за настапувањето на евентуалните конфликтни интереси, законодавецот сепак не предвидува воопшто забрана за добивање лиценца за вршење на работи и задачи од областа на безбедноста и одбраната во органите на управата, туку лиценцата ја условува само со апстиненција на лицето од овие работи за период од две години пред добивањето на истата“.
Со оглед на тоа што Судот веќе ја оценил оспорената одредба од член 4 став 2 точка 6 од Законот за детективска дејност, а нема основи за поинакво одлучување, Судот согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија иницијативата ја отфрли.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.227/2007
21 ноември 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски