У.бр.159/2007

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија и членовите 65 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 ноември 2007 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УТВРДУВА дека Централниот регистар на Република Македонија е надлежен орган за постапување по пријавата за упис во трговскиот регистар на Ацо Петров од Скопје, како привремен управител на ИМОБИЛИЈАРЕ-ПРОДУКТ ДООЕЛ – Свети Николе.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Ацо Петров од Скопје, преку полномошникот Панче Ефтимов адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе предлог за решавање судир на надлежност, односно да определи кој орган е надлежен за постапување по пријава за упис на промена на управител на ИМОБИЛИЈАРЕ-ПРОДУКТ ДООЕЛ – Свети Николе. Ова затоа што по пријавата за упис во трговскиот регистар, Централниот регистар на Република Македонија со Заклучок бр.310200060000375 од 28 септември 2006 година се огласил за ненадлежен, а за ненадлежен за упис во трговскиот регистар со Решение Рп.бр.5/2007 од март 2007 година се огласил и Основниот суд во Штип кое решение е потврдено од Апелациониот суд во Штип ССЖ.бр.185/2007 од 25 април 2007 година.

4. Постапувајќи по поднесениот предлог Судот утврди дека Централниот регистар на Република Македонија постапувајќи по пријава за упис на промена на седиште и управител за субјект на упис Друштво за производство, промет и услуги ИМОБИЛИЈАРЕ-ПРОДУКТ ДОЕЛ – Свети Николе, а во врска со член 70 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005 и 13/2007) на 28 септември 2006 година донел Заклучок дел.бр.310200060000375 со кој се огласил за ненадележен за постапување по пријава за упис.

Во образложението на Заклучокот се наведува дека по извршениот увид во регистарската влошка констатирано е дека до Основниот суд Штип била поднесена пријава за истапување и пристапување на содружник со преземање на удел и истата била заведена под ПТ.Рег.бр.793/02 Основниот суд Штип на 3 јуни 2003 година донел решение со кое постапката за упис во трговскиот регистар по пријава за истапување и пристапување на содружник со пренос на удел кај Друштвото за производство, промет и услуги ИМОБИЛИЈАРЕ-ПРОДУКТ ДООЕЛ – Свети Николе го одложил до правосилно завршување на постапката за стечај заведена пред Основниот суд Скопје 2 – Скопје под СТ.бр.121/02.

Понатаму во Заклучокот на Централниот регистар се наведува дека согласно член 70 од Законот за едношалтерскиот систем за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица започнатите постапки за упис во трговскиот регистар до 31 декември 2005 година ќе се завршат врз основа на прописите според кои се започнати и дека Судот по завршената постапка за упис без одлагање ќе го достави решението со целокупната документација до Централниот регистар.

Врз основа на наведеното Централниот регистар на Република Македонија се огласил за ненадлежен и предметот заедно со списите го вратил во Основниот суд Штип се до правосилно завршување на постапката за упис.

Во делот на правната поука е предвидено дека против заклучокот може да се изјави жалба во рок од осум дена по приемот на заклучокот преку Централниот регистар до Комисијата за жалби на Централниот регистар. Против наведениот заклучок не е поднесена жалба што е констатирано од известувањето од Централниот регистар на Република Македонија бр.08-2162/2 од 10 јули 2007 година.

Во натамошната постапка, а од увидот извршен во Решението на Основниот суд Штип Рп.бр.5/07 е утврдено дека Основниот суд во Штип постапувајќи по пријава за упис на привремен управител на Друштвото за производство, промет и услуги ИМОБИЛИЈАРЕ – ПРОДУКТ ДООЕЛ Свети Николе вон рочиште на 7 март 2007 година ја отфрлил пријавата за упис на Ацо Петров од Скопје во трговскиот регистар за привремен управител на Друштвото.

Во образложението на решението се наведува дека на 19 декември 2006 година била примена пријава за упис во трговскиот регистар за запишување на привремен управител на ИМОБИЛИЈАРЕ – ПРОДУКТ ДООЕЛ Свети Николе. Кон пријавата подносителот доставил: уверение Р.бр.2898/06 од 21 ноември 2006 година од Основниот суд Скопје 1 – Скопје, Одлуката за поставување на привремен управител и вид и обем на овластување на 1 декември 2006 година; Изјава врз основа на член 32 став 2 од Законот за трговските друштва; Изјава врз основа на член 183 став 1 точка 7 од Законот за трговските друштва; Одлука за управител од 10 ноември 2006 година; Поднесок од подносителот на пријавата од 6 декември 2006 година; Решение на Основниот суд Скопје 2 – Скопје СТ.бр.121/02 од 31 октомври 2002 година; Заклучок од Централниот регистарот на РМ од 28 септември 2006 година и фотокопие на лична карта на привремениот управител Ацо Петров.

Основниот суд имајќи ги предвид одредбите од член 86 став 1, 87 и 92 став 1 од Законот за трговски друштва, член 23 став 1 и 32 од Законот за едношалтерски систем како и член 12 од Правилникот за водење на трговскиот регистар и за начинот на упис во трговскиот регистар ја отфрлил пријавата.

Со оглед на наведеното Основниот суд Штип констатирал дека стварно надлежен орган за упис на пријава во трговскиот регистар е Централниот регистар, а не Основниот суд Штип.

Воедно, Судот во образложението на решението навел дека пријавата за упис во трговскиот регистар е поднесена на несоодветен образец, односно пријавата била поднесена на образец кој не бил во примена.

Имајќи го предвид член 15 од Законот за парничната постапка и утврдената фактичка состојба Судот ја отфрлил пријавата и се огласил за ненадлежен.

Незадоволен од решението на Основниот суд Штип, Ацо Петров преку полномошникот Панче Ефтимов адвокат од Скопје поднел жалба до Апелациониот суд Штип кој со решение ССЖ.бр.185/2007 од 25 април 2007 година ја одбил жалбата како неоснована и го потврдил решението на Основниот суд Штип Рл.бр.5/07 од 7 март 2007 година.

Во образложението на решението Апелациониот суд констатирал дека при донесување на побиваното решение првостепениот суд не сторил суштествена повреда на одредбите од член 343 став 2 точка 1, 2, 3, 5, 10, 11, 13 и 14 на што согласно член 354 од Законот за парничната постапка судот внимава по службена должност. Имено првостепениот суд правилно утврдил дека поднесената пријава за упис на привремен управител на ИМОБИЛИЈАРЕ – ПРОДУКТ ДООЕЛ Свети Николе била пријава која прв пат била поднесена и заведена под Рл.бр.5/07 од 19 декември 2006 година поради што првостепениот суд го применил член 15 став 2 од Законот за парнична постапка и пријавата за упис на привремен управител ја отфрлил.

Понатаму во образложението на решението на Апелациониот суд Штип се истакнува дека наводите на жалителот дека во конкретниот случај поднесената пријава не е нова туку се работи за веќе поднесена пријава по која постапката била прекината, односно одложена на одреден период, поради што по пријавата за упис на управител на друштвото бил надлежен Основниот суд во Штип, согласно член 70 од Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица, биле неосновани во целост. Ова оттаму што, од увидот во списите по предметот и од Решението на Основниот суд Штип ПТ.рег.739/03 од 3 јуни 2003 година било видно дека постапката која било одложена била постапка за упис по пријава за промена на содружник со пренос на удел и сопственост на удел, а не постапка за упис на привремен управител како што е во конкретниот случај.

Од наведените причини Апелациониот суд Штип утврдил дека првостепениот суд правилно го применил член 70 од Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, поради што жалбата ја одбил како неоснована и го потврдил решението на Основниот суд Штип бр.Р.бр.5/07 од 7 март 2007 година.

5. Според член 82 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/2004 и 84/2005) трговскиот регистар како јавна книга содржи податоци и прилози (исправи и докази) за субјеките на уписот за кои уписот е пропишан со закон.

Според член 86 од Законот, трговскиот регистар го води Централниот регистар на Република Македонија.

Во членот 182 од Законот е утврдено кои податоци се запишуваат во трговскиот регистар, при што покрај другото, согласно точката 7 од наведениот член се запишува и името и презимето на управителот на друштвото.

Со Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005) се уредува едношалтерскиот систем, водењето на трговскиот регистар и регистар на други правни лица од страна на Централниот регистар на Република Македонија во писмена и електронска форма.

Според член 16 од Законот, трговскиот регистар и регистарот на други правни лица се водат како основни регистри врз основа на кои се конституираат права засновани на закон.

Според член 32 од Законот, постапката за упис во регистарот се поведува со поднесување на пријава за упис до канцеларијата на Централниот регистар, освен ако со друг закон поинаку не е определено.

Според член 67 став 1 од Законот, единствениот трговски регистар на територијата на Република Македонија ќе се воспостави до 31 декември 2005 година. Од 1 јануари 2006 година Централниот регистар го презема од надлежните судови водењето на трговскиот регистар, заедно со преносот на запишаните податоци кои што се водат во трговскиот регистар на Основниот судпје 1 – Скопје, Основниот суд во Битола и Основниот суд во Штип.

Според член 70 став 1 од законот, започнатите постапки за упис во Трговскиот регистар до 31 декември 2005 година ќе се завршат врз основа на происи според кои се започнати.

Според став 3 на член 70, Судот по завршената постапка за упис без одлагање ќе го достави решението со целокупната документација до Централниот регистар.

Од наведените одредби од Законот за трговските друштва и Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица произлегува дека со воведување на едношалтерскикот систем на територијата на Република Македонија, трговскиот регистар и регистарот на други правни лица од 1 јануари 2006 година го води Централниот регистар на Република Маккедонија преку регистрациони канцеларии, при што започнатите постапки за упис во трговскиот регистар до 31 декември 2005 година кои се започнати ќе се завршат според прописи според кои се започнати, односно пред надлежен суд каде се води трговскиот регистар, а по овој датум постапката за упис ќе се врши пред Централниот регистар.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека основ за постапување по предлогот во конкретниов случај претставува постоење на конечен акт на Централниот регистар на Република Македонија и правосилен акт на Основниот суд во Штип со кои двата органи се огласиле за ненадележни за упис на привремен управител во трговскиот регистар, односно постои негативен судир на надлежност.

Врз основа на тоа, а имајќи ги предвид наведените законски одредби и утврдената фактичка состојба од која недвосмислено произлегува дека пријавата за упис на Ацо Петров во Трговскиот регистар за привремен управител на ИМОБИЛИЈАРЕ ПРОДУКТ ДООЕЛ Свети Николе, за прв пат е поднесена до Централниот регистар на Република Македонија по 1 јануари 2006 година, односно по воспоставување на Единствениот трговски регистар во Република Македонија кој го води Централниот регистар на Република Македонија и што оваа пријава е сосема различна од пријавата за упис на промена на содружник со пренос на удел и сопственост на удел која била поднесена до Основниот суд во Штип, Судот оцени дека во конкретниот случај надлежен за упис по пријава за управител е Централниот регистар на Република Македонија.

6. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.159/2007
14 ноември 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски