95/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 ноември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план (ДУП) за дел Урбан блок 80 бр.07-1136/1 донесен од Советот на општина Тетово на 28 јули 2006 година.

2. Зоран Костовски од Тетово (подржан од група граѓани – станари на блок 80 – Тетово), на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот план бил донесен спротивно на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, од причини што не биле ценети реално сите параметри кои биле од витално значење за обезбедување услови за хумано живеење и задоволување на основните потреби на станарите кои живееле во истиот блок, бидејќи со планот била предвидена изградба на заеднички објекти, како и семејни куќи со гаражи со градина, меѓу кои бил предвиден и изграден објект бр.8 како станбен објект со 9 паркинг места со висина од 10,2 м. и со бруто површина од 857,80 м. Со ваквото планирање не се обезбедувало, доволна површина, а од друга страна постоела стара зграда со 15 станови со видик кон објектот бр. 9. Индикативно било планирањето на 9 паркинг места за семејна куќа и тоа со паушално планирање на објектот и во површината. Ова затоа што семејната куќа немала потреба за 9 гаражи. Според наведеното, оспорениот детален урбанистички план бил донесен спротивно на членовите 17, 18, 19 и 20 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека при донесувањето на оспорената Одлука, не била спроведена јавна анкета така да граѓаните всушност не биле информирани дека се водело постапка за донесување на оспорениот детален урбанистички план, што значело дека на граѓаните од овој блок им било скратено законското право да даваат свои забелешки, предлози и сугестии по однос на нацрт планот.

Врз основа на изнесеното подносителот на иницијативата бара од Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Тетово на 28 јули 2006 година донесе Одлука за донесување на Детален урбанистички план (ДУП) за дел од Урбан блок 80 во Тетово.

Според член 1 од оспорената одлука, со неа се донесува Детален урбанистички план (ДУП) за дел од Урбан блок 80 во Тетово, за урбаниот опфат помеѓу улиците: „Б. Тоска“, „Б. Миладинови, „Б. Миладинови 1“ и „Улица А“.

Според член 2 од оспорената одлука, составен дел на оваа одлука е техничката документација бр.04/06, изработена од ДОО „ТЕПЛАН“ – Тетово, која не се објавува, а од која два примерока се чуваат во Секторот за урбанизам и заштита на животната средина, сообраќај, патишта и комунални дејности Тетово, еден примерок во Министерството за транспорт и врски и еден примерок во архива, а во членот 3 од оспорената одлука е утврдено дека таа стапува во сила 8-от ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Тетово“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македо­нија, уредувањето и хуманизаци­јата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, израбо­ту­вањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичко планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005). Во Глава VI „Преодни и завршни одредби“ на овој закон, во член 80 е утврдено дека постапката за донесување на урбанистичките планови започната пред денот на примената на овој закон (1 јули 2005 година) ќе про­дол­жи според одредбата на законот кој бил во сила на денот на неговото отпочнување, доколку урбанистичкиот план ја поминал фазата на стручна расправа или фазата на јавна анкета и јавна презентација.

Со оглед на тоа што во претходната постапка се утврди дека Урбанистичкиот план сé уште не ја поминал фазата на јавна анкета и јавна презентација, согласно член 8 од Законот, анализата на правната и фактичката состојба во врска со постапката за донесување на оспорената одлука се врши во однос на новиот Закон кој е во примена од 1 јули 2005 година.

Со член 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање, и тоа: просторни планови во кои спаѓа просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план надвор од населено место.
Со член 17 став 5 од Законот се утврдува дека за обезбе­дување на стручност и јавност во процесот на просторното и урбанистичко планирање советот на општината и Советот на градот Скопје формира партиципативно тело кое ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија за соодветната општина и градот Скопје. Партицитативното тело се состои од претставници од советот, струч­но лице од општинската администрација, истакнати стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, претставници од здруженија на граѓани и граѓани од подрачјето на општината. Бројот на претставниците се утврдува со статутот на општината и Статутот на градот Скопје и не може да биде поголем од десет члена.

Во членот 22 став 1 на овој закон се утврдува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Според член 24 став 1 на овој закон, по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета. Според став 2 на истиот член, организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината по утврдување на нацртот на планот од страна на советот. За спроведената јавна презен­та­ција и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Според ставот 4 на овој член од Законот, јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку 15 работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови. Во ставот 5 на овој член, се предвидува дека јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.

Согласно член 24 став 6, пак, од овој закон, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината која е составена од три члена и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко пла­нирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбани­стичкото планирање.

Според член 24 став 7 од Законот, извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.

Согласно член 24 став 8 од истиот Закон, врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите збелешки или предлози.

Според ставот 9 на членот 24 од Законот, доколку комисијата од ставот 6 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промени на намената на земјиштето и промена во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацрт на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.

Според ставот 10 на членот 24 од Законот, времето и мес­тото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот, како и образложенија на планските решенија.

Од изнесените законски одредби произлегува дека зако­нодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната сре­дина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Макекдонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Имајќи ги предвид изнесените законски одредби, утврдената фактичка состојба врз основа на доставената документација, како и наводите во иницијативата, Судот смета дека постапката за донесување на Одлуката за Детален урбанистички план (ДУП) за дел Урбан блок 80 – Тетово, донесена од Советот на општината на 28 јули 2006 година е спроведена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Имено, од одговорот и доставената документација од страна на Советот на општината произлегува дека наводите во иницијативата дека при донесувањето на оспорената одлука не биле почитувани одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно не била спроведена јавна анкета не се основани.

Градоначалникот на општината на 7 февруари 2006 година донел Одлука за организирање на јавна презентација и јавна анкета по нацртот на Деталниот урбанистички план, Урбанистички план за село и Урбанистички планови вон населено место под бр.20-301/1.

Јавната анкета траела од 1 март 2006 до 21 март 2006 година, додека јавната презентација била организирана во големата сала во приземјето на Општина Тетово на 8 март 2006 година. Во овој период биле доставени 6 анкетни листови кои согласно членот 24 став 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Комисијата за разгледување на анкетните листови истите ги прифатила.

Од доставените анкетни листови се утврдува дека ниту еден од потпишувачите, односно од подржувачите на оваа иницијатива не поднел анкетен лист.

Од содржината на произлегува дека во неа повеќе се содржани наводи со кои Одлуката за донесувањето на деталниот урбанистички план се оспорува од аспект на исполнување на стандардите за урбанистичко планирање, а кои се предвидени со Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот. Меѓутоа, Судот не е надлежен да ја оцени согласноста на оспорената Одлука со наведениот Правилник од причини што согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Судот одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со оглед на тоа што Советот на општина Тетово во постапката која претходела на донесување на оспорената Одлука ги почитувал сите фази на постапката утврдени во Законот за просторно и урбанистичко планирање, Судот утврди дека не може да се постави прашањето на согласноста на оспорената Одлука со Уставот и со Законот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.95/2007
7 ноември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски