У.бр.160/2007

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 ноември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за потврдување на Одлуката за ангажирање на адвокат за заштита на Советот и советниците, број 07-17/2 од 03.07.2007 година, донесена од советот на Општина Аеродром („Службен гласник на Општина Аеродром“ бр. 27/2007) од 03 јули 2007 година.

2. Кирил Тодоровски, градоначалник на Општина Аеродром, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, Советот на општината Аеродром немал законска надлежност за донесување на оспорената одлука за ангажирање на адвокат за заштита на Советот и советниците, поради што Одлуката била спротивна на членот 36 од Законот за локалната самоуправа, членот 136 став 1 и 2 од Деловникот за работа на Советот на општина Аеродром и член 24 точка 37 и 38 од Статутот на општина Аеродром.

Членот 2 од оспорената одлука бил во спротивност со член 19 од Законот за адвокатурата, затоа што предвидувал адвокатот да има право на награда во паушален износ, наместо според Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, како што предвидувал Законот.

Членот 3 од оспорената одлука бил спротивен на член 48 став 3 и член 50 од Законот за локалната самоуправа, затоа што предвидувал договорот за ангажирање на адвокатот да го потпише претседателот на Советот, наместо градоначалникот.
Поради наведеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија, по разгледување на иницијативата, да ја поништи оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Аеродром, на седницата одржана на ден 29.06.2007 година, врз основа на член 51 став 2 и 3 и член 36 од Законот за локалната самоуправа, а во согласност со член 24 точка 37 и точка 38 од Статутот на Општина Аеродром и член 136 став 1 и 2 од Деловникот за работа на Советот, донел Одлука за потврдување на Одлуката за ангажирање на адвокат за заштита на Советот и советниците, заведена под број 07-17/2 од 3 јули 2007 година.

Според член 1 од оваа одлука, со оваа одлука се потврдува Одлуката за ангажирање на адвокат за заштита на Советот и советниците, број 07-3893/6 од 20.06.2007 година, донесена на шеесет и четвртата седница.

Според член 2 од истата одлука, за давање стручна правна помош и услуги на застапување за потребите на тековното работење на Советот на општина Аеродром, се ангажира стручно лице адвокат.

Согласно член 3 од истата одлука, со ангажираниот адвокат да се склучи договор на дело, во кој ќе се дефинира и определи видот и обемот на услугите. Цената за истите ќе изнесува 15.000 денари месечно, за период од шест месеци. Истите ќе се исплатат од средствата на Буџетот на општината Аеродром, од ставката за работа на Советот.

Според член 4 од оваа одлука, договорот во име на Советот на општина Аеродром да го потпише Претседателот на Советот.

Согласно член 5 од оваа одлука, составен дел на оваа одлука е Договорот zа дело, склучен со ангажираниот адвокат.

Според член 6 од истата одлука, оваа Одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Аеродром“.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека оспорената одлука нема карактер на пропис, поради што не е подобна за уставносудска оцена.

Имено, со оспорената одлука, Советот на општина Аеродром ја потврдува претходно донесената Одлука за ангажирање на адвокат за заштита на Советот и советниците, при што се утврдува дека видот и обемот на услугите за кои ќе се ангажира лицето, ќе бидат дефинирани со договор за дело, кој во името на Советот на општината, ќе го склучи претседателот на Советот.

Од содржината на оваа одлука произлегува дека истата има карактер на поединечен, конкретен акт со кој се уредува работењето на советот, при што правата и обврските кои ќе произлезат со реализацијата на оваа одлука, ќе бидат утврдени дополнително, со договор на дело, од што произлегува дека Одлуката ќе има правно дејство само за страните што ќе склучат договор, а не и за други неопределени субјекти во правото.

Со оглед дека Одлуката нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.160/2007
7 ноември 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски