Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 ноември 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за систематизација на работните места на Министерството за транспорт и врски на Република Македонија бр.01-22785 од 28 декември 2006 година.
2. М-р Орданчо Пецов од Неготино на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законотиста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека со јавните огласи за пополнување на слободни работни места за повеќе државни службеници со различни звања објавени во неколку дневни весници на кои бил пријавен и подносителот на иницијативата, бил предвиден и посебен услов „предвидено работно искуство за секое работно место што треба да го исполнува кандидатот кој конкурира на соодветните работни места, а кој бил предвиден во сега оспорениот Правилник за систематизација“. Оттука, со посочените јавни огласи засновани врз оспорениот Правилник според подносителот на иницијативата била воспоставена наполно обратна и нелогична ситуација односно: „од оној од кого се очекува да даде најмногу а за тоа е најмногу награден, се бара најмалку искуство и знаење, а од оној кој е со помал ранг во државната хиерархија и е помалку награден, се очекува поголемо знаење и искуство“.
Од наведените причини се предлага поништување на Правилникот за систематизација на работните места во Министерството за транспорт и врски, како и на јавниот оглас бр.13/2007 врз основа на кој било реализирано вработување на неискусен државен советник.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот Правилник содржи IV Глави во кои: I Глава содржи членови со кои се регулираат Основните одредби; II Глава содржи одредби за систематизацијата на работните места по организациони облици; III Глава содржи одредби за описот на работните места во Министерството за транспорт и врски; и IV Глава ги содржи завршните одредби.
4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Макекдонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Поаѓајќи од правните елементи што го опреелуваат прописот, а според кој тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и за неопределен број субјекти во правото, сметаме дека оспорениот акт нема карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба, поради што не е подобен за уставно судска оцена.
Имено, оспорениот правилник има карактер на интерен акт со кој се определуваат работните места на државната администрација, се утврдуваат условите потребни за извршување на овие работни места и се утврдуваат описот на работите и задачите кои се извршуваат на некои работни места, со што се овозможува остварување на работите од надлежност на Министерството за транспорт и врски како дел од извршната власт на Република Македонија.
Со оглед на фактот што оспорениот правилник нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку претставува интерен акт, според Судот, Уставниот суд не е надлежен за оценување на неговата согласнсот со Уставот и со законот, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.176/2007
7 ноември 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски