Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 ноември 2007 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА членот 112 став 4 и став 5 од Законот за хартии од вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2005 и 25/2007).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.48/2006 од 27 јуни 2007 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 112 став 4 и став 5 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека со членот 112 од Законот за хартии од вредност е предвидено:
„(1) Услугите поврзани со извршувањето на налозите на клиентите, информирањето на клиентите за купување или продавање на хартии од вредност кое не претставува инвестиционо советување во брокерска куќа можат да ги вршат само овластени брокери (во натамошниот текст: брокери).
(2) Брокерот треба да биде полнолетен и да има положено стручен испит за работење со хартии од вредност.
(3) Брокерот мора да има диплома за завршено најмалку четиригодишно средно образование.
(4) Брокерот не треба да биде осудуван со правосилна судска одлука за кривично дело во последните пет години пред поднесување барање за дозвола за работење на брокер.
(5) Брокерот не смее да биде осудуван со правосилна судска одлука за сторено кривично дело предизвикување стечај на правно лице.
(6) Комисијата ги пропишува начинот и условите за полагање на испитот од ставот (2) на овој член“.
5. Според членот 8 став 1 алинеја 1, 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Согласно членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Според членот 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Согласно членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Според членот 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Според членот 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Со членот 1 од Законот за хартии од вредност е дефиниран предметот на уредување во кој е содржано и уредувањето на начинот и условите за издавање и тргување со хартии од вредност.
Во областа на пазарот на капитал, со Законот е основана Комисија за хартии од вредност која претставува самостојно и независно регулаторно тело, со јавни овластувања утврдени со овој закон. Комисијата го регулира и контролира работењето со хартии од вредност на територијата на Република Македонија, има својство на правно лице, и се избира и разрешува од Собранието на Република Македонија на предлог на Владата на Република Македонија.
` Како хартии од вредност со Законот се определени акции во трговските друштва, обврзници, инструменти на пазарот на пари, акции и уреди во инвестиционите фондови кои работат според Законот за инвестициони фондови, деривативни финансиски инструменти, потврда за странска хартија од вредност и други финансиски инструменти кои според Комисијата се сметаат за хартии од вредност.
Услугите со хартии од вредност, според членот 95 од Законот, ги вршат: брокерска куќа со дозвола за работење добиена од Комисијата; овластена банка согласно со Законот за банките, со дозвола за работење добиена од Комисијата; и подружница на странска брокерска куќа која има добиено дозвола за работење од Комисијата.
Услугите со хартии од вредност можат да ги вршат само правните лица од наведениот член 95 на овој закон.
Брокерската куќа треба да има најмалку две лица во редовен работен однос кои поседуваат дозвола за работење на брокер или дозвола за работење на инвестиционен советник издадена од Комисијата.
Судот, исто така утврди дека согласно членот 112 став 1 од Законот за хартии од вредност, услугите поврзани со извршувањето на налозите на клиентите, информирањето на клиентите за купување или продавање на хартии од вредност кое не претставува инвестиционо советување во брокерска куќа можат да ги вршат само овластени брокери.
Со оспорената одредба од ставот 4 на овој член од Законот, е предвидено дека брокерот не треба да биде осудуван со правосилна судска одлука за кривично дело во последните пет години пред поднесување барање за дозвола за работење на брокер, а со оспорената одредба од ставот 5 е предвидено дека брокерот не смее да биде осудуван со правосилна судска одлука за сторено кривично дело предизвикување стечај на правно лице.
Од анализата на оспорената одредба од ставот 4 на членот 112 од Законот Судот утврди дека осудуваноста на лицето во последните пет години за кое било кривично дело и независно од видот на изречената санкција од судот, е причина на лицето кое поднело барање за добивање на дозвола за работење на брокер воопшто да не му се издаде таква дозвола.
Имено, со оспорениот став 4 од членот 112 од Законот не се дозволува остварување на право на граѓанинот да врши дејност на брокер ако е воопшто осудуван во изминатите пет години пред поднесувањето на барањето за дозвола за брокер, и оваа одредба генерално се однесува за сите кои се осудени за сторени кривични дела и на кои им се изречени санкции, без оглед на видот на кривичното дело, неговата природа или тежина и независно од видот на санкциите и нивната висина.
Со оглед на тоа, Судот утврди дека со оспорената одредба од ставот 4 се ограничува по сила на закон правото едно лице да врши определена дејност и во случаи кога кривичното дело за кое лицето е осудено не е во никаква врска со вршењето на оваа дејност, па оттука формулацијата на оспорената одредба е недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, што е еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото.
Од анализата на оспорената одредба од ставот 5 на овој член од Законот, произлегува дека осудуваноста за сторено кривично дело предизвикување стечај на правно лице без оглед на времето кога лицето било осудено и независно од видот на изречената санкција од судот, е причина предвидена со законот лицето да не може да биде брокер. Тоа значи лицето не може да добие дозвола за работење на брокер или ќе му престане вршењето на оваа дејност ако истата веќе ја врши, во зависност од тоа кога лицето било осудено со правосилна судска одлука.
За разлика од ставот 4, со оспорената одредба од ставот 5 на Законот, се уредува друга ситуација, односно осудуваноста не се определува за изминат период од пет години или друг временски период, туку се третира секогаш, а пак кривичното дело се определува дека се однесува на предизвикување стечај на правно лице. Но, поаѓајќи од одредбите на Кривичниот законик според кои за ова кривично дело е предвидена казна затвор која судот може да ја изрече на осудениот но и да определи условна осуда за тоа, произлегува дека без оглед на квалификацијата на стореното кривично дело и видот на санкцијата, со оспорената одредба од ставот 5 на Законот за хартии од вредност трајно се попречува по сила на закон правото на едно лице да врши работа на брокер.
Со одредбата од ставот 4 на членот 112 од Законот, осудуваноста е пречка за период од пет години за вршење на дејноста брокер, а со одредбата од ставот 5, осудуваноста е причина поради која оваа дејност не може да се врши воопшто.
Со оглед на изнесеното, а имајќи ги предвид наведените уставни одредби, како и содржината на оспорените законски одредби, Судот утврди дека во конкретниот случај станува збор за ограничување на правата на граѓаните како последица од осуда за кривично дело која настапува по сила на закон.
Имено, при оценување на уставноста на оспорените законски одредби основен критериум е постоењето на двата принципи на казненоправниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Тоа, значи дека согласно наведените уставни одредби казненоправниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречената казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.
Оттука, ако се има предвид фактот дека со оспорените законски одредби се врши ограничување на правото за вршење на работа на брокер на лице кое било осудувано за кривично дело, ова ограничување не е последица што произлегува од извршувањето на изречената кривична санкција, односно казна, туку претставува дополнителна последица што граѓаните ја трпат по основ на осудуваноста, а која настапува по сила на закон.
Со оглед на тоа Судот утврди дека оспорените одредби од ставовите 4 и 5 од членот 112 од Законот, не се во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото, членот 9 став 2, членот 13 став 1, членот 14 став 1 и членот 51.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.48/2006
7 ноември 2007 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски