Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 24 октомври 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 30 и 31 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2000) и Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2005).
2. А.Д. Рудници за неметали Стрмош од Пробиштип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актите означени во точката 1 од ова решение.
Имено, подносителот на иницијативата наведува дека со оспорените акти се доведувало во прашање начелото на еднаквост пред Уставот и пред законот. Потоа ги цитира оспорените акти и наведува дека токму со Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2005), се нарушиле основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право, како и тоа дека граѓаните биле еднакви во слободите и правата независно од полот, расата или бојата на кожата.
Понатаму подносителот на иницијативата наведува дека Уставот го гарантирал правото на социјална заштита и на социјална сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална правичност како и правата од работен однос. Од тие причини подносителот на иницијативата смета дека во користењето на наведените права граѓаните требало еднакво да бидат третирани, бидејќи во спротивно тоа би значело поставување на посебни услови за остварување на правото на старосна пензија.
Во натамошната содржина на иницијативата се изнесуваат конкретни примери за остварување или неостварување на право на пензија на вработени во Акционерското друштво Стрмош од Пробиштип и тоа во зависност од возраста, остварениот пензиски стаж и остваре-ниот бенифициран стаж, со заклучок дека законодавецот бил должен граѓаните да ги стави во еднаква правна положба.
Од наведените причини подносителот на иницијативата смета дека оспорениот Закон не пропишувал еднакви услови за остварување на правото на пензија за онаа категорија работници што во клучниот период (1 септември 2000) година немале 33 години пензиски стаж (маж), односно 28 години пензиски стаж (жена), со работниците што оствариле такво право со 40 години пензиски стаж. Исто така, за подносителот на иницијативата немало логика со 40 години пензиски стаж да се чека уште 10 години за да се достигне 64 години возраст само од причина што за два до три месеци граѓанинот не се вклопувал во периодот 1 септември 2000 година.
3. Судот на седницата утврди дека, според оспорениот член 30 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2000), осигурениците кои на денот на почетокот на примената на овој закон имале најмалку исполнет пензиски стаж од 35 години (маж) односно 30 години (жена), правото на старосна пензија го стекнуваат под условите утврдени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996 и 32/1997).
Според оспорениот член 31 од истиот закон, осигуре-ниците кои работат на работни места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење, правото на старосна пензија можат да го остварат и со исполнување на 40 години (маж), односно 35 години (жена) пензиски стаж, без оглед на возраста, најдоцна до 1 септември 2005 година.
Согласно член 35 од Законот, овој закон влегува во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“(објавен на 29 март 2000 година), но за членовите 30 и 31 (меѓу другите) е определено дека ќе се применуваат одложено, односно од 1 септември 2000 година.
Оспорениот Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2005), во членот 1 уредува дека во Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 5/2001, 50/2001, 85/2003, 50/2004 и 4/2005) во членот 30 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2000) бројот „35“ се заменува со бројот „33“, а бројот „30“се заменува со бројот „28“. Според член 2 од Законот, овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ (24 ноември 2005 година).
4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно одделни негови одредби, меѓу другото содржи означување на законот, односно одделни негови одредби што се оспоруваат, како и причини за нивното оспорување.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во конкретниот случај во поднесената иницијатива не се означува дека составен дел на оспорените акти се и измените и дополнувањата направени со Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2001) и последно донесениот Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инавлидското осигурување („Службен весник на Република Македо-нија“ бр.70/2006), кои биле во сила пред поднесувањето на иницијати-вата.
Тргнувајќи од фактот што актите што се означуваат како оспорени, од нивното прво појавување во правниот поредок до денес, биле предмет на повеќе измени и дополнувања што не се опфаќаат во иницијативата и нејзиното дополнување, беше неопходно да се утврди содржината што ја имаат во време на нивната оценка.
Имено, членовите 30 и 31 од Законот, како изворна содржина за прв пат се појавуваат во правниот поредок во 2000 годи- на со влегување во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2000). Во нив било предвидено дека правото на старосна пензија осигурениците можат да го остварат со најмалку исполнет пензиски стаж од 35 години (маж) односно 30 години (жена), а за осигурениците на кои стажот на осигурување им се смета со зголемено траење, правото го остваруваат и со исполнување на 40 години (маж), односно 35 години (жена) пензиски стаж, без оглед на возраста, најдоцна до 1 септември 2005 година. Според Законот наве-дените одредби ќе се применуваат од 1 септември 2000 година.
Во 2001 година, членот 30 од Законот претрпел измени и дополнувања со Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, („Службен весник на Репу-блика Македонија“ бр. 50/2001). Според оваа измена и дополнување осигурениците можат да остварат старосна пензија со 35 односно 30 години пензиски стаж, со достигнување на одредена возраст, како и со исполнување на 40 години (маж), односно 35 години (жена) пензиски стаж, без оглед на возраста.
Во 2005 година во Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2005), е направена измена на членот 30 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2000, на начин што осигурениците можат да го остварат правото на пензија наместо со најмалку 35 години исполнет пензиски стаж со 33 години (маж), односно наместо со 30 години пензиски стаж со 28 години (жена).
Оспорениот член 1 од Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2005) во суштина не е самостојна првна содржина и тој во неговите измени и дополнувања всушност секогаш е поврзан со содржината на членот 30 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2000).
Според членот 19 од Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2006) во членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2005) по зборот: „возраста“ се додаваат зборовите: „најдоцна до 1 септември 2007 година“.
Меѓутоа, зборот возраст не е содржина на членот 1 од Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2005) на кој се повикува законодавецот, туку според својата суштина е содржина на членот 30 од службените гласила бр.24/2000 и 50/2001.
Оттаму, содржината на одредбите и Законот што се предмет на уставно-судска оцена, единствено може да се разледува како една целина, која гласи:
„Осигурениците кои на денот на почетокот на примената на овој закон (на 1 септември 2000 година) имале најмалку исполнет пензиски стаж од 33 години (маж) односно 28 години (жена), право на старосна пензија можат да остварат и со исполнување на 40 години (маж), односно 35 години (жена) пензиски стаж, без оглед на возраста, најдоцна до 1 септември 2007 година“.
Споредувајќи ја содржината на оспорениот член 30 од Законот, со сите измени и дополнувања кои се однесуваат на него и неговото означување со бројот на службените гласила во поднесената иницијатива со актуелната содржина и означување на оспорените одредби, произлегува дека во иницијативата не е извршено негово правилно содржинско и нумеричко означување.
Оттаму, фактот што оваа одредба пред поднесувањето на иницијативата претрпела измени и дополнувања, кои не се опфатени со иницијативата, претставува околност што е од суштинско значење за идентификација на одредбите што треба да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд, што е недостаток на процесна претпоставка за натамошно постапување по иницијативата, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
Што се однесува до оспорениот член 31 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Репу-блика Македонија“ бр.24/2000), Судот утврди дека останал непроменет и неговото правно дејство и примена се исцрпеле со истекот на 1 септември 2005 година. Иста е и состојбата со членот 30 од Законот, кој се исцрпел во правното дејство и примената со истекот на 1 септември 2007 година.
Оттаму, неуредноста на иницијативата и исцрпеното правно дејстви и примена на оспорените акти се процесни пречки за одлучување по поднесената иницијатива, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
При вака утврдена фактичка и правна состојба останува граѓаните кои работат на работни места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење правото на старосна пензија да го остварат врз основа на членот 17 и особено врз основа на членот 18 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, според кој на осигуреникот на кого стажот на осигурување му се смета со зголемено траење, старосната граница за стекнување право на старосна пензија се намалува зависно од степенот на зголемувањето на стажот, и тоа за по една година.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.118/2007
24 октомври 2007 година
С к о п ј е
мл
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски