123/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 октомври 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 став 1, член 5 став 1, член 6 став 2, член 8 ставовите 1, 2 и 3, член 13 став 2, член 14 став 5, член 16 став 1, член 18, член 19 став 1 точка 1 и 3, член 38, член 42 и член 43 од Статутот на општинската установа Работнички универзитет „Крсте Мисирков“ Кичево, донесен од Управниот одбор на 13 април 2000 година.

2. Рената и Љубомир Богески од Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 на ова решение.

Според наводите на подносителите на иницијативата оспорениот член 2 став 1, член 5 став 1 и член 6 став 2 не биле во согласност со Уставот и законот, затоа што името Република Македонија не можело да се користи за установи од локално значење од областа на културата и образованието; затоа што користењето на институтот писмено овластување (полномоштво) употребен во членот 8 ставовите 2 и 3 има друго значење и тој се однесува на организацијата на државните органи пред воведување на самоуправувањето, а според позитивните прописи односно Законот за парничната постапка и Законот за облигациони односи се употребува институтот полномошно; што член 13 став 2 не бил во согласност со Законот за културата затоа што не можело директор избран за време од четири години во тој период да може повторно да биде избран; оспорените членови 14 став 5 и 19 став 1 точка 1 не биле во согласност со Уставот и законот затоа што за директор и претседател на управен одбор не можело да биде избрано лице на кое со правосилна судска пресуда му е изречена казна затвор за сторено кривично дело, без притоа да биде утврдена висината на казната.

Оспорениот член 16 од Статутот во делот „без конкурс-оглас“ од редот на вработените не бил во согласност со Законот за културата.

Членот 18 од Статутот не бил во согласност со Законот, затоа што во него не било утврдено колку членови и заменици има Управниот одбор на установата.

Членот 19 став 3 не бил во согласност со Законот за државните службеници затоа што за претседател или член на управен одбор не можело да биде избрано лице кое имало статус на државен службеник.

Оспорениот член 38 од Статутот не бил во согласност со Уставот и законот затоа што со него се ограничувало правото на вработените да предлагаат изменување и дополнување на статутот.

Оспорениот член 42 од Статутот не бил во согласност со законот затоа што постапката за стечај на овој вид на установи се уредува со Законот за стечај, а не со Законот за културата.

Според наводите на подносителите на иницијативата членот 43 со кој се уредува прашањето на влегувањето во сила на статутот и престанок на важењето на статусот на установата од 1991 година не бил во согласност со Уставот, затоа што на Статутот на Работничкиот универзитет од 1991 година немало дадено согласност ниту Собранието на општината, ниту Собранието на Република Македонија, што значи дека тој е ништовен, поради што не било можно тој да биде ставен вон сила со Статутот од 2006 година.

3. Судот на седницата утврди дека согласно Законот за локалната самоуправа и Законот за установите, Управниот одбор на општинската установа Работнички универзитет „Крсте Мисирков“ Кичево на 13 април 2006 година го донел оспорениот Статут на оваа установа. Советот на општина Кичево на 18 мај 2006 година дало согласност на наведениот статут.

Со Статутот се уредуват прашањата од статусен карактер и други прашања од значење за општинската установа Работнички универзитет „Крсте Мисирков“ Кичево.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите..

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен круг на субјекти во правото, според Судот, во конкретниот случај, Статутот нема карактер на пропис во смисла на наведената уставна одредба, туку е интерен акт со кој се уредува прашање од значење за работата на установата во согласност со закон.

Со оглед на тоа што Статутот нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи, и судиите: д-р Трендафил Ивановски, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.123/2007
24 октомври 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски