Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 октомври 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за начинот на одржување, техничка контрола на одржување и изработка на техничко-технолошка документација за одржување на воздухоплов, мотор, елиса и опрема на воздухоплов и посебните услови во однос на потребниот персонал, опремата и другите посебни услови неопходни за безбедно и уредно работење („Службен весник на Република Македонија“ бр.49/2007) донесен од директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство.
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 на ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата, оспорениот правилник не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2 и 6, член 91 алинеја 1 и 5, член 95 став 3, член 96 и член 118 од Уставот како и со членовите 56 став 1 и член 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. Ова затоа што правилникот бил донесен врз основа на член 122 став 7 од Законот за воздухопловство, при што неговата содржина не се темелела на Уставот, Законот за воздухопловство или друг закон донесен од Собранието на Република Македонија туку се темелела на меѓународните стандарди ЈАР-145 на ЈАА кој е составен дел на оспорениот правилник.
Освен тоа со оспорениот правилник се толкувале – дефинирале одредени изрази за потребите на правилникот што била надлежност на Собранието на Република Македонија.
Воедно, според подносителот, оспорениот правилник не бил во согласност со Уставот и Законот за организација и работа на органите на државната управа затоа што со него се утврдувале права и обврски и се пропишувале посебни услови за граѓаните и правните лица во однос на потребниот персонал, опремата и други посебни услови за безбедно и уредно работење, што била надлежност на Собранието.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 122 став 7 од Законот за воздухопловство („Службен весник на Република Македонија“ бр.14/2006 и 24/2007) директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство го донел Правилникот за начинот на одржување, техничка контрола на одржување и изработка на техничко технолошка документација за одржувањето на воздухоплов, елиса и опрема на воздухоплов и посебните услови во однос на потребниот персонал, опремата и другите посебни услови неопходни за безбедно и уредно работење.
Според членот 1, со овој правилник се пропишува начинот на одржување, техничка контрола на одржувањето и изработка на техничко технолошка документација за одржувањето на воздухоплов, елиса и опрема на воздухопловот и посебните услови во однос на потребниот персонал, опремата и другите посебни услови неопходни за безбедно и уредно работење.
Според членот 2 од правилникот, правно лице за да врши одржување, техничка контрола на одржувањето и изработката на техничко технолошка документација за одржување на воздухоплов, елиса и опрема на воздухоплов, мотор, елиса и опрема на воздухоплов треба да се придржува на начинот на посебните услови наведени во меѓународниот стандард ЈАР-145 на ЈАА кој е даден во прилог и е составен дел на овој правилник.
Според член 3, овој правилник влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
4. Според член 118 од Уставот на Република Македонија „меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон“.
Од изнесената уставна одредба произлегува дека ратификуваните меѓународни договори односно правилата содржани во нив се дел од правниот поредок на Република Македонија, при што тие правила не можат да се менуваат еднострано со закон.
Според член 3 од Законот за воздухопловство подзаконските прописи предвидени со овој закон се изготвуваат во согласност со меѓународни воздухопловни стандарди, препорачани практики и легислативи на ЕУ, ИЦАО, ЕЦАЦ, ЕУРОЦОНТРОЛ и ЈАА/ЕАСА.
Според член 4 точка 67 од Законот прифатени стандарди и препорачани практики се стандарди и препорачани практики кои се сметаат за дел од националните воздухопловни прописи на Република Македонија.
На 26 февруари 2007 година Собранието на Република Македонија со закон ја ратификува Мултилатералната спогодба меѓу Европската заедница и нејзините земји членки Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Република Хрватска, Република Македонија, Република Исланд, Република Црна Гора, Кралство Норвешка, Романија, Република Србија и мисијата на Обединетите нации за привремена администрација на Косово за основање на Европска заедничка воздухопловна област („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2007).
Според член 1 точка 1 од Спогодбата, целта на оваа спогодба е создавање на Европска заедничка воздухопловна област. Европската заедничка воздухпловна област се заснова на слободен пристап на пазарот, слобода на основање, еднакви услови за конкуренција и заеднички правила, вклучувајќи ги и областите на безбедноста, обезбедувањето, организацијата на воздушниот сообраќај, социјалната и животната средина. За таа цел оваа спогодба ги пропишува правилата кои се применуваат помеѓу договорните странки, во согласност со наведените услови. Во овие правила спаѓаат одредбите кои се пропишани со законските прописи наведени во Анекс I.
Според член 1 точка 2 од Спогодбата, одредбите на оваа спогодба се применуваат само во воздушниот сообраќај или сродните прашања споменати во Анекс I.
Согласно член 1 точка 3 од Спогодбата, таа се состои од членови во кои е образложено општото функционирање на ЕЗВО (Главна спогодба) Анекси од кои што Анекс I ги содржи законските прописи (регулативи и директиви) на Европската заедница кои се применуваат помеѓу Договорните страни во рамки на Главната спогодба и Протоколи, од кои најмалку еден за секоја страна пред пристапничка ги утврдува преодните договори кои важат за неа.
Според член 2 точка 2 под (а) под пимот спогодба се подразбира Главната спогодба, нејзините Анекси, актите на кои се упатува во Анекс I, како и нејзините протоколи.
Во Анекс I од Спогодбата се наведени актите на Европската заедница на кои се засниваат правилата на Европската заедничка воздухопловна област. Така во делот В „Воздухопловна безбедност“ од Спогодбата е наведен актот број 3922/91 што претставува Регулатива (ЕЕЗ) на Советот од 16 декември 1991 година за усогласување на техничките услови и административните процедури во областа на цивилното воздухопловство, и измените со подоцнежни регулативи број 2176/96 од 13 ноември 1996 година, број 1069/1999 од 25 мај 1999 година и број 2871/2000 од 29 декември 2000 година.
Во член 3 од оваа регулатива е утврдено прифаќање и директна примена на неколку прописи за меѓународни стандарди од цивилното воздухопловство, меѓу кои е и Меѓународниот стандард ЈАР-145 на ЈАА.
Во Протоколот V од Спогодбата „Преодни договори помеѓу Европската заедница и земјите членки на Европската заедница, од една страна и Република Македонија од друга страна“ е пропишна динамиката на усогласување на правилата меѓу Европската заедница и нејзините членки и Република Македонија (прв и втор преоден период).
Од наведеното произлегува дека со ратификацијата, Мултилатералната спогодба меѓу Европската заедница и нејзините земји членки, Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Република Хрватска, Република Македонија, Република Исланд, Република Црна Гора, Кралство Норвешка, Романија, Република Србија и мисијата на Обединетите нации за привремена администрација на Косово за основање на Европска заедничка воздухопловна област („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2007), со сите свои составни делови, вклучително и прописот на ЈАР-145, станала дел од внатрешниот правен поредок, во согласност со Уставот.
Имајќи го предвид наведеното, според Судот, наводите во иницијативата дека оспорениот правилник не се темели на Уставот, Законот за воздухопловство или на меѓународен ратификуван договор, туку на меѓународен стандард кој не претставува дел од внатрешниот правен поредок, се неосновани.
Во однос на наводите од иницијативата дека со оспорениот правилник се толкуваат одредени дефиниции односно изрази за потребите на правилникот и дека со правилникот се утврдуваат права и обврски и се пропишуваат посебни услови, Судот оцени дека истите се неосновани. Ова поради фактот што толкувањето на дефинициите и изразите и утврдените права и обврски и посебните услови за вршење на дејноста одржување техничка контрола на воздухопловите се утврдени во Меѓународниот стандард кој е дел од внатрешниот правен поредок.
Со оглед на наведеното Судот оцени дека оспорениот правилник не е во спротивност со Уставот и законот, поради што не го постави прашањето за неговата согласност со Уставот и законот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи, и судиите: д-р Трендафил Ивановски, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.103/2007
24 октомври 2007 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски