128/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 22 став 4 во делот „доколку биде заверена кај нотар“ од Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2006 и 22/2007).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од членот 22 став 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, немало уставна основа и оправдување за заверка кај нотар на спогодбите што се склучувале во постапка за медијација, како што уредувал ставот 4 на членот 22 од Законот за медијација. Ова поради тоа што спогодбата склучена во постапка на медијација не била приватна исправа за да се заверувала кај нотар, туку била јавна исправа составена од надлежен медијатор и заверена од него, па поради тоа дополнителната заверка кај нотар била непотребна.

Од овие причини оспорениот дел од членот 22 став 4 од Законот за медијација бил во несогласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот на Република Македонија, кои се однесуваат на владеењето на правото и во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 22 ставови 1, 2 и 3 од Законот, спогодбата постигната во постапката за медијација во писмена форма ја изготвуваат страните во постапката, или по нивно барање ја изготвува медијаторот, а ја потпишуваат страните. Пред да ја потпишат спогодбата на страните им се остава разумен рок за прифаќање на спогодбата, а спогодбата потпишана од страните ја заверува медијаторот со свој потпис.

Според ставот 4 од овој член од Законот, спогодбата склучена во постапката за медијација има сила на извршна исправа, доколку биде заверена кај нотар.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 1 од Законот за медијација, со овој закон се уредуваат принципите на медијацијата, како алтернативен начин на решавање на спорови, условите за медијатор, постапката на медијација и организирањето на медијаторите.

Овој закон се применува во граѓански, трговски, работни, потрошувачки и други спорни односи меѓу физички и правни лица во согласност со закон, без оглед дали медијацијата се води врз основа на договор постигнат меѓу страните пред или по започнувањето на спорот, врз основа на законска обврска или по упатство или препорака на суд, арбитражен совет или друг орган, освен кога со закон поинаку не е пропишано.

Овој закон не се однесува на колективните работни спорови, кривични работи, управни работи, како ниту на случаи во кои судијата или арбитерот, во текот на судската или арбитражната постапка, настојува да го олесни мирењето, со исклучок на медијацијата што се спроведува во суд.

Согласно членот 2 од овој закон, медијацијата е вонсудска постапка за решавање на спорови врз слободно изразена волја на страните со помош на трето неутрално лице – медијатор, кое нема право да наметне решение на спорот.

Според одредбите и концептот на Законот во целина, целта на медијацијата не е да се утврди која од страните е во право, туку да се пронајде прифатливо решение од заеднички интерес за двете страни и да се воспостават објективни мерила за решавање на спротивставените интереси.

Постапката за медијација завршува со склучување на писмена спогодба за решавање на спорот меѓу страните, со писмена изјава на медијаторот дека не се оправдани натамошните обиди за медијација, со писмена изјава од страните до медијаторот дека постапката за медијација е завршена и со писмена изјава на која било од страните на постапката до другите страни и медијаторот, доколку истиот е именуван дека постапката за медијација е завршена. Постапката завршува во рок од 60 дена од денот на започнување без оглед на нејзиниот исход, освен кога страните поинаку ќе се согласат со медијаторот.

Според одредбата од оспорениот став 4 од членот 22 од Законот, е уредено дека спогодбата склучена во постапка за медијација има сила на извршна исправа, доколку биде заверена кај нотар.

Според Судот тоа значи дека со закон е определено спогодбата склучена во постапка за медијација да добие квалификација на јавна и извршна исправа ако таа е заверена кај нотар.

Имено, законодавецот не препуштил спогодбите склучени во постапка за медијација настанати со ангажман на трето лице – медијатор, со кои се разрешени одредени спорови и конфликти помеѓу страните во спорот од определени области во правото, да егзистираат без верификација со нотарска заверка која спогодбата следователно на тоа ја прави да биде јавна и извршна исправа, а која нема таков квалитатив само со потписот на страните и на медијаторот во нејзиното склучување.

Имено, со закон е определено својството на медијаторот да биде во рамки на лице кое помага на страните да постигнат спогодба, без право да наметне решение на спорот, ова во согласнот со принципите на медијацијата, и медијаторот врз основа на неговата улога во правото, определена со закон, нема ист правен ранг со нотарот и неговите јавни овластувања одредени со закон. Исправите потпишани од медијаторот немаат карактер на јавна и извршна исправа без заверка на нотар.

Согласно одредбите од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2007), нотарите составуваат исправи за правни работи и изјави, службено заверуваат и потврдуваат приватни исправи, примаат на чување исправи, пари, хартии од вредност заради нивно предавање на други лица или на надлежни органи и вршење на работи по барање на судовите или другите органи и тела.

Воедно, нотарскиот акт за правни работи согласно Законот може да има својство на извршна исправа ако во нотарскиот акт е утврдена определена обврска за чинење за која странките можат да се договорат и ако содржи изјава на обврзникот за тоа дека врз основа на тој акт може по пристигнување на обврската непосредно да спроведе присилно извршување.

Од членот 43 од Законот за нотаријатот, произлегува дека нотарскиот акт е извршна исправа и исто правно дејство има приватната исправа со таква содржина што ја потврдил нотар.

Според членот 45 став 5 од овој закон, потврдената приватна исправа од страна на нотарот, кога таа е во согласност со закон, има важност на јавна исправа.

Врз основа на погореизнесеното Судот оцени дека не може да се прифати наводот во иницијативата дека спогодбата склучена во постапка за медијација и без заверка кај нотар имала автоматски својство на јавна извршна исправа, па поради тоа оспорениот дел од членот 22 став 4 од Законот за медијацијата не бил во согласност со Уставот од аспект на принципот на владеење на правото.

Имено, токму спротивно на наводот во иницијативата, со оспорената одредба од Законот, следователно со регулативата и на другите закони во правниот поредок е воспоставен усогласен правен систем по однос на статусот на исправата односно спогодбата склучена во постапка за медијација, која стекнува статус и елементи на веродостојно правно дело по заверката и потврдата од нотар, кој има таква јавна функција и овластувања утврдени со закон.

Од овие причини Судот оцени дека не може да се постави прашањето на уставноста на оспорената одредба од Законот за медијацијата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.128/2007
26 септември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи