161/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 8 став 2 и член 9 став 2 од Законот за обезбедување на лица и имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1999, 66/2007 и 84/2007).

2. Комората за обезбедување на имоти и лица и детективски услуги Детектив од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, „со оспорените законски одредби се овозможува монополско право само на една Комора, во случајов на Комората на Република Македонија за обезбедување на лица и имот на начин што само на оваа комора и се дава право да издава лиценци за работа, да организира и оспособува лица за вршење работи на обезбедување лица и имот, да спроведува стручен испит и слично, и притоа за сите овие активности да наплаќа според сопствен тарифник и да создава профит со што ги реализира интересите само на своите членки. Значи, несомнено е дека само на оваа Комора и се обезбедува монополска положба и монополско однесување на пазарот, со што таквата содржина овозможува во стварноста нарушување на концептот на функциите и целите на останатите законски регистрирани комори (правата и обврските), потоа што оспорените норми имплицираат правна несигурност, различно интерпретирање и применување и со тоа повреда на владеење на правото како темелна вредност на правниот поредок утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и со што се доведува во прашање слободата на пазарот и претприемништвото (член 8 став 1 алинеја 7), односно еднаквата правна положба на субјектите на пазарот определена во член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот.“

Истовремено, побарано е запирање од извршување на дејствијата – издавање на лиценци за работа и организирање полагање на стручен испит од Комората на Република Македонија за обезбедување на лица и имот, а кои дејствија се преземаат врз основа на оспорените законски одредби, до донесување конечна одлука на Судот, заради спречување да настанат тешки последици за подносителот на иницијативата.

3. Судот на седницата утврди дека со член 2 од Законот, систематизиран во Поглавје I посветено на Општите одредби, се утврдува дека „обезбедувањето на лица и имот е дејност од јавен интерес.“

Во член 5 став 1 од Законот, систематизиран во Поглавје II посветено на Условите за вршење на обезбедување на лица и имот, се определува дека „правно лице кое дејноста обезбедување на лица и имот ја врши во вид на давање на услуги се стекнува со право за вршење на дејноста со упис во трговскиот регистар“, при што за наведениот упис, покрај другото, „потребно е правното лице да има најмалку десет лица кои имаат лиценца за работа, дозвола за работа од Министерството за внатрешни работи, како и две деловни простории и две превозни средства во сопственост на правното лице“ (став 2).

На овие одредби, во истото поглавје се надоврзуваат оспорените член 8 став 2 и член 9 став 2 од Законот.

Во член 8 став 2 од Законот се определува дека „Лиценца за работа издава Комората на Република Македонија за обезбедување на лица и имот (во натамошниот текст: Комората), на лице кое покрај општите услови за засновање на работен однос определени со закон ги исполнува и следниве услови:
точка 6. „да е оспособен за вршење на обезбедување на лица и имот и да има положено стручен испит за вршење работи на обезбедување на лица и имот (во натамошниот текст: стручен испит).“

Според оспорениот член 9 став 2 од Законот „Стручниот испит од член 8 став 2 точка 6 на овој закон се полага пред комисија што ја формира министерот за внатрешни работи составена од претставници на Комората и Министерството за внатрешни работи.“

Поглавјето III од Законот е посветено на Правата и должностите на правните лица и работниците кои вршат обезбедување на лица и имот, Поглавјето IV на Задолжителното обезбедување.

Поглавјето V од Законот се однесува на Комората на Република Македонија за обезбедување на лица и имот, при што во член 26 се определува дека „најмалку десет правни лица од членот 5 став 1 на овој закон се здружуваат во комора заради заштита и унапредување на стручноста, професионалноста и деловноста, како и заштита на професијата.“ Во член 27 од Законот се предвидува дека „Комората е овластена да ги врши следниве работи: организира полагање на стручен испит, издава легитимација на работниците за обезбедување, издава лиценца за работа, подготвува и донесува акти за начинот на применувањето на прописите за обезбедувањето на лица и имот за членовите на Комората и врши и други работи утврдени со овој закон.“

Поглавјето VI од Законот се однесува на Водење евиденција, при што во член 28 се определува дека Комората води (1) евиденција на правните лица на кои им е издадена дозвола за вршење на обезбедување на лица и имот и (2) евиденција на работниците кои имаат лиценца за работа.

Поглавјето VII е посветено на Надзорот (спроведувањето на овој закон го надзира Министерството за внатрешни работи – член 32), а Поглавјето VIII се однесува на Прекршочните одредби. Поглавјето IX ги содржи Преодните и завршните одредби.

Од изнесената структура и содржина на Законот, во врска со иницираниот аспект за уставноста на оспорените законски одредби, произлегува дека обезбедувањето на лица и имот со Законот е определено за дејност од јавен интерес (член 2), таа дејност ја вршат правни лица упишани во трговскиот регистар односно трговските друштва ( член 5), тие правни лица можат да се здружуваат во комори со цел да остваруваат заеднички вредности – стручност, професионалност, деловност (член 26), но за определени работи Законот утврдува постоење на Комора на Република Македонија за обезбедување на лица и имот и тие работи може да ги врши само таа комора – организирање полагање на стручен испит, издавање легитимација, издавање лиценца за работа, водење евиденција на правните лица кои имаат дозвола и на работниците кои имаат лиценца за работа (членовите 27, 28), а спроведувањето на сето тоа го надзира Министерството за внатрешни работи (член 32).

4. Во член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот се определува дека темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото.

Според член 55 од Уставот „се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото“ (став 1) и „Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.“(став 2).

Според член 30 став 3 од Уставот „никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.“

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на Република Македонија и дека слободата на пазарот и претприемништвото се обезбедува и од Републиката преку создавање еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и преку мерки против монополска положба и монополско однесување на субјектите на пазарот (член 8 став 1 алинеи 3 и 7 и член 55 ставовите 1 и 2). Покрај тоа, произлегува дека со закон се утврдува јавниот интерес и дека заради остварување на јавниот интерес можат да бидат одземени или ограничени правата на субјектите во врска со сопственоста (член 30 став 3).

Со оглед на тоа што Законот за обезбедување на лица и имот определува дека обезбедувањето на лица и имот е дејност од јавен интерес (член 2), дека определени работи од таа дејност ги доверува како јавни овластувања на посебна комора (членовите 27,28) и дека во тие рамки Комората на Република Македонија за обезбедување на лица и имот е овластена да издава лиценци за работа и да учествува во полагањето на стручниот испит (оспорените членови), Судот оцени дека таквите законски решенија имаат основа во член 30 став 3 од Уставот на Република Македонија. Поради тоа, неможе да се постави прашањето за несогласноста на член 8 став 2 и на член 9 став 2 од Законот со означените уставни одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.161/2007
26 септември 2007 година
С к о п ј е
лк /Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи