81/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на

а) уставноста на член 29 став 2 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/1997, 16/2000, 17/2003, 65/2004, 62/2005 и 111/2005, 21/2006 и 40/2007) и

б) уставноста и законитоста на Одлуката за условите, критериумите, висината, начинот и постапката за утврдување и остварување на правото на социјална парична помош, донесена од Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/1998, 21/1998, 28/2001 и 23/2002, 91/2002, 59/2003, 41/2005 и 109/2005).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста, односно утавноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата овластувањето на Владата на Република Македонија утврдено со членот 29 став 2 од Законот за социјалната заштита со свој акт да ги утврдува поблиските услови, висината, критериумите и начинот на остварување на правото на социјална парична помош, значело проширување на надлежноста на Владата на Република Македонија и во сферата која согласно членот 34 од Уставот на Република Македонија се уредувала со закон и со колективен договор. А дека е тоа така можело да се заклучи и од членот 6 од Законот за социјалната заштита, според кој правата од социјалната заштита се обезбедувале под условите утврдени со овој закон.

Оттука, поблиските услови, висината, критериумите и начинот на остварување на правото на социјална парична помош, не можело да биде предмет на уредување со подзаконски акт на Владата на Република Македонија, туку само со закон и колективен договор.

Според тоа, според подносителот на иницијативата, со оспорената законска одредба се повредувал членот 8 став 1 алинеите 3 и 4, членовите 34, 35, 51, 68 став 1 алинеја 2, 88 и член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот на Република Македонија.

Согласно на тоа и со оспорената Одлука се повредувале наведените уставни одредби, како и членот 6 од Законот за социјалната заштита.

3. Судот на седницата утврди дека:

а) Во оспорениот став 2 на членот 29 од Законот беше предвидено дека поблиските услови, висината, критериумите и начинот на остварување на правото од став 1 на овој член со акт ги утврдува Владата.

б) Со оспорената Одлука за условите, критериумите, висината, начинот и постапката за утврдување и остварување на правото на социјална парична помош биле утврдени поблиските услови, критериумите, висината, начинот и постапката за утврдување и остварување на правото на социјална парична помош (во натамошниот текст: социјална помош) на граѓаните кои се изложени на социјален ризик.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.99/2006 од 10 јануари 2007 година го укина членот 29 став 2 во делот „висината, критериумите“ од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 50/1997, 16/2000, 17/2003, 65/2004, 62/2005 и 111/2005).

Во образложението на Одлуката меѓу другото е утврдено дека: „Она што отстапува од разработката на другите форми на социјална помош утврдени во Законот, е тоа што Законот не содржи одредби за висината во која може да се оствари ова право на социјална парична помош. Наместо тоа, законодавецот ја овластил Владата на Република Македонија да ги утврди поблиските услови, висината, критериумите и начинот на остварување на ова право.
При вака утврдена фактичка состојба, пред Судот се постави прашањето дали овластувањето на Владата да ги утврди критериумите и висината за утврдување и остварување на социјалната парична помош на лицата способни за работа и социјално необезбедени, кои според други прописи не можат да обезбедат средства за егзистенција, без постоење на законски утврдена рамка за критериумите и висината на оваа помош, не значи навлегување на извршната во законодавната власт“.

Со оглед на тоа што Судот со наведената одлука го укинал членот 29 став 2 од Законот, согласно цитираната деловничка одредба иницијативата во овој дел Судот ја отфрли.

По однос на оспорената Одлука за условите, критериумите, висината, начинот и постапката за утврдување и остварување на правото на социјална парична помош, донесена од Владата на Република Македонија, Судот утврди дека наведената одлука веќе не постои во правниот поредок, односно Владата на Република Македонија на седницата одржана на 8 мај 2007 година донесе Одлука за престанување на важењето на оспорената одлука.

Одлуката со која престанала да важи оспорената одлука е објавена во („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2007).

Со оглед на тоа што оспорената одлука веќе не постои во правниот поредок, односно престанала да важи, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата поради процесни пречки за одлучување по неа.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.81/2007
19 септември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи