162/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот за потврдување на Заклучокот за известување на Печатницата „Европа 92“ во врска со Одлуката на Советот за укинување на весникот на општина Аеродром број 07-17/11 од 3 јули 2007 година, објавен во „Службен гласник на општина Аеродром“ бр.27 од 3 јули 2007 година.

2. Кирил Тодоровски – градоначалник на општина Аеродром – Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата донесениот заклучок бил во спротивност со членот 8 од Законот за локалната самоуправа, во кој било предвидено органите на општината, комисиите на советот и јавните служби основани од општината биле должни, без надоместок да ги информираат граѓаните за својата работа, како и за плановите и програмите кои се од значење за развојот на општината, на начин утврден со Статутот. Овој Заклучок, исто така, не бил во согласност со членовите 110 и 111 од Статутот на општината Аеродром, во кои бил утврден начинот на информирање на граѓаните. Токму заради тоа општината Аеродром склучила двострано обврзувачки договор со Печатницата „Европа 92“, од кои произлегувале обврски за општината и чие непридржување кон истите би предизвикало исплата на казнени пенали од страна на општина Аеродром.

3. Судот на седницата утврди дека Заклучокот за потврдување на Заклучокот за известување на печатницата „Европа 92“ во врска со Одлуката на Советот за укинување на весникот на општина Аеродром, содржи две точки од кои со првата се предвидува дека со овој Заклучок се потврдува Заклучокот за известување на печатницата „Европа 92“ во врска со Одлуката на Советот за укинување на весникот на општина Аеродром, број 07-3893/7 од 20.06.2007 година, а со втората се предвидува дека овој заклучок влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Аеродром“. Истиот е донесен од Претседателот на Совет на општина Аеродром проф. д-р Југослав Зибероски.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување и да уредува односи на субјектите во правото на општ начин, според Судот во конкретниов случај оспорениот Заклучок нема карактер на пропис, поради што, како таков не е подобен за уставно-судска оцена.

Имено, оспорениот Заклучок има карактер на поединечен акт со кој се известува Печатницата „Европа 92“, за Одлуката на Советот на општина Аеродром за укинување на весникот на општина Аеродром.

Со оглед на фактот што оспорениот Заклучок нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку претставува поединечен акт, за што Судот не е надлежен за оценување на согласноста на оспорениот Заклучок со Уставот и Законот за локалната самоуправа, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.162/2007
19 септември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи