105/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на делот од членовите 32 и 33 став 1 од Законот за Народниот правобранител, означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, делот: „или пак се напра вени други неправилности“ од членовите 32 и 33 став 1 од Законот не бил во согласност со членот 77 став 2 од Уставот, затоа што Народниот правобранител ги штител само уставните и законските права на граѓаните кога им биле повредени од органите на државната управа и од други органи и организации, за што имал јасни овластувања, но таквата заштита не се однесувала и на други неправилности. Во врска со ваквиот навод се упатува на содржината на членовите 2, 11 и 20 став 1 алинеја 5 од истиот закон.

Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата смета дека со наведениот дел од оспорените одредби од Законот се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 77 став 2 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 32 од Законот, кога Народниот правобранител ќе констатира дека се повредени уставните и законските права на подносителот на претставката од органите од членот 2 на овој закон или пак се направени други неправилности, може:
– да даде препораки, предлози, мислења и укажувања за начинот на отстранување на констатираните повреди;
– да предложи повторно да се спроведе определена постапка согласно со законот;
– да покрене иницијатива за поведување на дисциплинска пос­тапка против службено, односно одговорно лице и
– да поднесе барање до надлежниот јавен обвинител за покре­нување на постапка заради утврдување на казнена одговорност.

Според членот 33 став 1 од Законот, кога Народниот правобранител ќе констатира дека се повре­дени уставните и законските права на подносителот на претставката од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања или дека се повредени начелата на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадни­ците на заедницата во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и јавните установи и служби или пак се направени други неправилности и доколку оцени дека извршу­вањето на управниот акт ќе произведе ненадоместлива штета за правото на заинтересираното лице, ќе бара:
– времено одложување на извршувањето на управниот акт до одлуката на второстепениот орган и
– времено одложување на извршувањето на управниот акт до донесување на одлука од надлежниот суд.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Репу-блика Македонија владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 77 став 2 од Уставот и точката 2 на Амандманот XI на Уставот, Народниот правобранител ги штити уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања. Народниот правобранител ги штити уставните и законските права на граѓаните што им се повредени од ограните на државната управа и други органи и организации што имаат јавни овластувања. Народниот правобранител посветува особено внимание за заштита на начелата на недискриминација соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт, органите на едниците на локалната самоуправа и во јавните установи и служби.

Според ставот 4 на членот 77 од Уставот, условите за избор и разрешување, надлежноста и начинот на работата на Народниот правобранител се уредуваат со закон.

Според членот 2 од Законот за Народниот правобранител, Народниот правобранител е орган на Република Македонија кој ги штити уставните и законските права на граѓаните и на сите други лица кога им се повредени со акти, дејствија и пропуштања на дејствија од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања и кој презема дејствија и мерки за заштита на начелата на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и јавните установи и служби.

Според членот 3 став 2 од Законот, Народниот правобра-нител работите од својата надлежност ги врши врз основа и во рамките иа Уставот, законот и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Според членот 11 од Законот, Народниот правобранител во вршењето на работите од својата надлежност презема дејствија и мерки за кои е овластен со овој закон заради заштита на уставните и законските права на граѓаните или заштита на начелата на недискриминација и соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници кога се повредени од органите од членот 2 на овој закон.

Во членот 12 став 1 од Законот е предвидено дека, Народниот правобранител презема дејствија и мерки за зашти­та од неоправдано одолжување на судските постапки или несовесно и неодговорно вршење на работите на судските служби, неповредувајќи ги принципите на самостојност и независност на судската власт.

Во членот 32 од Законот е уредено кои дејствија може да ги преземе Народниот правобранител кога ќе констатира дека се повредени уставните и законските права на подносителот на претставката од органите од членот 2 на Законот.

Во членот 33 став 1 од Законот е уредено кои дејствија може Народниот правобранител да бара да се преземат кога ќе констатира дека се повре­дени уставните и законските права на подносителот на претставката од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања или дека се повредени начелата на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадни­ците на заедницата во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и јавните установи и служби или пак се направени други неправилности и доколку оцени дека извршу­вањето на управниот акт ќе произведе ненадоместлива штета за правото на заинтересираното лице.

Тргнувајќи од анализата на цитираните уставни одредби произлегува дека Уставот во делот III под наслов: „Организација на државната власт“, во членот 77 и Амандманот XI на Уставот, го поставил Народниот правобранител на Република Македонија во правниот систем на државата како надлежен орган кој ги штити уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања и како орган кој посветува особено внимание за заштита на начелата на недискриминација соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт, органите на едниците на локалната самоуправа и во јавните установи и служби.

Притоа, од содржината на член 77 став 4 од Уставот прои-злегува дека уставотворецот определил надлежноста на Народниот прваобранител да се операционализира со закон.

Тргнувајќи од анализата на членот 32 и членот 33 од Законот, произлегува дека во нив се разработуваат случаите на можни дејствија што ги презема Народниот правобранител кога ќе покрене постапка по преставка, односно случаите на дејствија што тој може да бара да се преземат кога ќе констатира повреда на уставните и законските права на подносителот на преставката, кога ќе констатира дека се повредени начелата на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадни­ците на заедницата или се сторени други неправилности.

Оттаму, според Судот, преземањето на дејствија или барањето да се преземат одредени дејствија, во случаите на сторени неправилности, единствено може да се третира како законски разработена надлежност, врз основа на даден уставен основ, имајќи пред се предвид дека Уставот определил надлежноста на Народниот правобранител да се уреди со закон, а така констатираните неправилности можат во крајна линија да доведат до повреда на уставните и законските права на граѓаните или до повреда на начелата на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадни­ците на заедниците.

Според тоа, делот: „или пак се направени други неправилности“ од членот 32 и членот 33 став 1 од Законот е во функција на остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот и не претставува определување на надлежност на Народниот правобранител надвор од уставните рамки, поради што Судот оцени дека означениот дел од одредбите од Законот е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 51 и членот 77 став 2 и Амандманот XI на Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа­те­лот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова–Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.105/2007
19 септември 2007 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи