Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 септември 2007 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВААТ:
– член 36 став 1 во делот: “и не смее да биде лице кое е:“ и член 77 став 1 во делот: “а не смее да биде лице кое е:“, заедно со точките а) и б) од наведените членови;
– член 47 став 3 точка б) алинеја 2 и точката г) и членот 89 став 3 точка б) алинеја 2 освен во делот: „ Во случај на бришење на осудата од точката б) на овој став, соодветно се применуваат одредбите од Кривичниот законик.“ и точката г) и
– член 183 став 3 точка ж) и точката з) и став 5 точка и) од Законот за хартии од вредност (“Службен весник на Република Македонија” бр.95/2005 и 25/2007).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.214/2005 од 27 јуни 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9 став 2, членот 13 став 1, членот 14 став 1 и членот 51 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека, според член 36 став 1 од Законот за хартии од вредност, член на одбор на директори или надзорен и управен одбор на депозитар, може да биде лице со искуство од најмалку три години во областа на финансиите и деловното право и не смее да биде лице кое е:
а) осудено со казна затвор во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и пет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор до три години;
б) осудено со казна затвор во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и десет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор над три години.
Според член 47 став 1 од Законот, Комисијата дава согласност за именување на директор на депозитарот на барање на депозитарот.
Во ставот 2 на истата одредба од Законот е определено кои документи се поднесуваат кон барањето за давање согласност за именување на директор на депозитарот.
Според став 3 на истиот член од Законот, Комисијата дава согласност за именување на директор во рок од 60 календарски дена од денот на приемот на барањето од став 2 на овој член, освен во случаите кога ќе утврди дека на предложениот кандидат:
а) му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија;
б) му е изречена казна затвор и тоа:
– во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и пет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор до три години и
– во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и десет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор над три години.
Во случај на бришење на осудата од точката б) на овој став, соодветно се применуваат одредбите од Кривичниот законик.
в) нема дозвола за работа со хартии од вредност издадена од Комисијата;
г) е правосилно осуден за кривично дело предизвикување стечај на правно лице и
д) дал лажна информација во документите кое се подне-суваат согласно со ставот 2 на овој член.
Според член 77 став 1 од Законот, член на одборот на директори или надзорниот одбор и управниот одбор на берзата, може да биде лице со искуство од најмалку три години во областа на финансиите и деловното право, а не смее да биде лице кое е:
а) осудено со казна затвор во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и пет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор до три години;
б) осудено со казна затвор во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и десет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор над три години.
Според член 89 став 1 од Законот, Комисијата дава согласност за именување директор на берзата на барање на берзата.
Според став 3 од истиот член од Законот, Комисијата дава согласност за именување директор во рок од 60 календарски дена од денот на приемот на барањето од став 2 на овој член, освен во случаите кога утврдува дека на предложениот кандидат:
а) му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на дејност;
б) му е изречена казна затвор и тоа:
– во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и пет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор до три години и
– во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и десет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор над три години.
Во случај на бришење на осудата од точката б) на овој став, соодветно се применуваат одредбите од Кривичниот законик.
в) нама дозвола за работа со хартии од вредност издадена од Комисијата;
г) доколку е правосилно осуден за кривично дело преди-звикување стечај на правно лице и
д) дал лажна информација во документите кои се поднесуваат согласно со ставот 2 на овој член.
Според член 183 став 1 од Законот, претседателот и комисионерите ги избира и разрешува Собранието на Република Македонија, по предлог на Владата на Република Македонија.
Според став 2 од истиот член од Законот, функцијата претседател може да престане единствено со поднесување оставка на претседателот или негово разрешување од страна на Собранието на Република Македонија како комисионер. Во случај на поднесување оставка од страна на претседателот, неговата функција како комисионер продолжува и понатаму, а Собранието на Република Македонија на предлог на Владата на Република Македонија, избира нов претседател за остатокот од манадатот.
Во став 3 од истиот член од Законот е определено дека за комисионер (член) може да биде избрано лице кое исполнува повеќе наброени услови, меѓу кои да:
ж) не е осудуван за кривично дело во период од пет години пред изборот за комисионер и
з) не е осуден за кривично дело предизвикување стечај на правно лице.
Според став 5 од истиот член од Законот, Собранието на Република Македонија на предлог на Владата на Република Македонија го разрешува претседателот, односно комисионерот (член), меѓу другото, ако:
и) со правосилна судска одлука е осуден за предизви-кување на стечај на правно лице.
5. Согласно членот 8 став 1 алинеја 1, 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Согласно членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Според членот 14 став 2 од Уставот, никој не може повто-рно да биде осуден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена судска одлука.
Според членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2).
Според членот 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Според членот 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на граѓаните можат да се ограничат само во случаи утврдени во Уставот.
Законот за хартии од вредност во членот 1 го дефинирал предметот на уредување во кој е и уредувањето на начинот и условите за издавање и тргување со хартии од вредност.
Во областа на пазарот на капитал, со Законот е основана Комисија за хартии од вредност која го регулира и контролира работењето со хартии од вредност на територијата на Република Македонија, има својство на правно лице, и се избира и разрешува од Собранието на Република Македонија на предлог на Владата на Република Македонија.
Како хартии од вредност со Законот се определени: акции во трговските друштва, обврзници, инструменти на пазарот на пари, акции и уреди во инвестиционите фондови што работат според Законот за инвестициони фондови, деривативни финансиски инструменти, потврда за странска хартија од вредност и други финансиски инструменти кои според Комисијата се сметаат за хартии од вредност.
Според членот 2 точка 18 од Законот за хартии од вредност, „Комисија“ е Комисија за хартии од вредност, која преставува самостојно и независно регулаторно тело со јавни овластувања утврдени со овој закон, Законот за инвестициони фондови, Законот за преземање на акционерските друштва и на сите подзаконски акти донесени врз основа на овие закони.
Според членот 181 став 1 од Законот, во областа на пазарот на капитал се основа Комисија за хартии од вредност која преставува самостојно и независно регулаторно тело, со јавни овластувања утврдени со овој закон.
Според членот 182 став 1 од Законот, Комисијата е составена од пет комисионери (членови) од кои еден е претседател.
Според одредбите од Законот, произлегува дека депозитар за хартии од вредност се основа за регистрирање на хартиите од вредност, порамнување на трговските трансакции и вршење на нетрговски преноси со хартии од вредност (член 31 став 1), и тоа во форма на акционерско друштво, со функции подробно определени во член 32 од Законот.
Oд одредбите од Законот, исто така, произлегува дека берзата на хартии од вредност се основа со цел секундарно тргување со хартии од вредност (член 72 став 1), и тоа во форма на акционерско друштво со законски определени функции.
Во првата група на оспорени одредби спаѓаат: оспоренит дел на членот 36 став 1 заедно со точката а) и б), членот 47 став 3 точка б), без втората реченица на алинејата 2, оспорениот дел од членот 77 став 1 заедно со точка а) и б) и членот 89 став 3 точка б), без втората реченица на алинејата 2. Во овие одредби се определува кој не смее да биде директор, член на управен одбор на директори или член на надзорен и управен одбор на депозитар, односно на берзата, како и тоа во кои случаи Комисијата за хартии од вредност (член 2 точка 18 од Законот) нема да даде согласност за именување директор на депозитар, односно на берзата.
Наведените одредби и делови од одредби имаат иста законска формулација која гласи дека такво својство, статус, функција не може да има лице кое е осудено и тоа:
– во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и пет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор до три години и
– во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и десет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор над три години.
Тргнувајќи од анализата на оваа група на одредби и делови од одредби произлегува дека со нив се предвидува правна последица на осудата, што се состои во недавање можност, за стекнување на наведените функции, поврзани со пазарот на хартии од вредност, секогаш кога станува збор за лице кое е осудено на казна затвор и тоа за точно дефиниран временски период, што се протега од правоси-лноста на пресудата, до денот на издржаната казна и уште пет, односно десет години по издржаната казна во зависност од тоа дали е осудено до три или над три години казна затвор.
Притоа, компарирајќи ја наведената група на оспорени одредби од Законот, со содржината на член 101 став 1 и 2 од Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006 и 73/2006), произлегува дека истата ги задоволува критериумите од Законикот по однос на осуда на казна затвор и предвиденост на правните последици на осудата со закон.
Меѓутоа, во оваа група одредби не се предвидуваат правни последици на осудата кога е во прашање простена или застарена казна затвор, од што се поставува прашање дали законодавецот сметал дека во случај на простена и застарена казна затвор не можат да се трпат правни последици на осудата, без оглед на дадената општа рамка во членот 102 став 2 од Кривичниот законик.
Судот, исто така, утврди дека во оваа група оспорени одредби правните последици на осудата се поврзуваат со казна затвор до, односно над три години, без да притоа е од значење за каков вид на кривичното дело е осудено лицето, па се поставува прашање дали секое кривично дело го прави лицето неподобно за вршење на функциите опфатени со овие одредби.
Во втората група на оспорени одредби и делови од одредби, спаѓаат член 47 точка г), член 89 став 3 точка г) и член 183 став 3 точка з) и став 5 точка и) од Законот во кои е е содржана формулацијата лицето да не е осудено за кривично дело преди-звикување стечај на правно лице и тоа за точно определени функции (директор на депозитар, директор на берза и претседател и членови на Комисијата за хартии од вредност).
Од анализата на оваа група одредби од Законот, произлегува дека осудуваноста за сторено кривично дело предизвикување стечај на правно лице без оглед на времето кога лицето било осудено и независно од видот на изречената санкција од судот е причина предвидена со законот лицето да не може да биде директор на депозитар, директор на берза и претседател на комиси-онери, односно дека последниот во вакви околности ќе биде разрешен од функцијата, без оглед на времето кога лицето било осудено, дали трпи правни последици на осудата и независно од видот на изречената санкција од судот.
Според тоа, со овие одредби од Законот не се дозволува остварување на право на граѓанинот да ги врши наведените функции и истите генерално се однесуваат на сите кои се осудени за кривичното дело предизвикување на стечај, без оглед на видот на кривичното дело, неговата природа или тежина и независно од видот на изрече-ната санкциите и нејзината висина.
Член 183 став 3 точка ж) од Законот е различен според тематската структура од останатите групи на одредби и во него се предвидува дека, за комисионер, односно член на Комисијата за хартии од вредност може да биде избрано лице кое не е осудувано за кривично дело во период од пет години пред изборот за комисионер.
Тргнувајќи од анализата на оваа одредба од Законот, произлегува дека осудуваноста на лицето во последните пет години, за кое било кривично дело, без оглед на неговата природа или тежина и независно од видот и висината на изречената санкција од судот е причина лицето да не може да биде избрано за комисионер.
Од анализата на наведените одредби и делови од одредби од Законот, произлегува дека станува збор за правна последица на осудата како специфичен правен институт што има како таков големо значење за статустот на осуденото лице, но и за општествените интереси и кој секогаш резултира со ограничување на правата на осудените лица или значи забрана за стекнување на одредени права на лица осудени за одредени кривични дела. Оттаму, правните поседици на осудата како еден вид посебна статусна мерка тешко го погодува осуденото лице, некогаш потешко и од изречената казна затвор, имајќи предвид дека истите најчесто значат губење на одредени права или пак забрана за нивно стекнување за одреден временски период.
Според оцена на Судот, така поставениот правен институт, невлегува во сверата на правните последици на осудата кои настапуваат по сила на закон, иако тие не можат да настапуваат автоматски по сила на закон, туку казнено-поправниот однос се исцрпува на релацијата на казнивото дело и судски изречената казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.
Со оглед на тоа, Судот оцени дека со оспорените одредби, се ограничува по сила на закон правото едно лице да врши определена дејност и во случаи кога кривичното дело за кое лицето е осудено не е во никаква врска со вршењето на наведените дејности, па оттука формулациите на оспорените одредби се недоволно прецизни и јасни и како такви не обезбедуваат правна сигурност на граѓаните, што е еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото, според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
При оценување на уставноста на оспорените законски одредби како основен критериум Судот го имаше во вид постоењето на двата принципи на казненоправниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Тоа, со други зборови значи дека согласно наведените уставни одредби казненоправниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречената казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело што се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.
Оттука, ако се има во предвид фактот дека со оспорените законски одредби се врши ограничување на правото за вршење на работа на лице кое било осудувано за кривично дело, ова ограничување не е последица што произлегува од извршувањето на изречената кривична санкција, односно казна, туку претставува дополнителна последица што граѓаните ја трпат по основ на осудуваноста, а која настапува по сила на закон.
Со оглед на тоа оспорените одредби и делови од одредби од Законот не се во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото, како и со членот 9 став 2, членот 13 став 1, членот 14 став 1 и членот 51.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.214/2005
19 септември 2007 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи