Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 септември 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на меѓусебната согласност на член 35 од Законот за безбедност на храната и на производите и материјали што доаѓаат во контакт со храната („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2002) со член 4 од Законот за заштита од пушењето („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/1995, 70/2003, 29/2004 и 37/2005).
2. Светлана Нечева од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на меѓусебната согласност на член 35 од Законот за безбедност на храната и на производите и на материјали што доаѓаат во контакт со храната со член 4 од Законот за пушењето.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 35 од Законот не бил во согласност со член 4 од Законот за заштита од пушењето, на кој начин се доведувало во прашањео начелото на владеење на правото утврдено во член 8 алинеја 3 и начелото на слободата на пазарот и претприемништвото утврдени во член 55 од Уставот на Република Македонија.
Имено подносителот наведува дека само со обично читање на двата закони може да се забележи дека истите се во колизија и со нивната примена се создава забуна на пазарот и тоа како за потрошувачите така и за фирмите кои произведуваат и дистрибуираат цигари и други тутунски производи.
Оттука имајќи во предвид дека во моментов во позитивното законодавство егзистираат два содржински различни начини на регулирањето на материјата – рекламирање на цигари, тутун и тутунски производи кои доведуваат до недозволена колизија и нееднаква примена на законите, подносителот предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 35 од Законот за безбедност на храната и на производи и материјали што доаѓаат во контакт со храната.
3. Судот на седницата утврди дека според член 35 од Законот за безбедност на храната и на производите и материјалите што доаѓаат во контакт со храната е предвидено дека „рекламирањето на тутунски производи како инивни заштитни знаци може да се врши само на местото на нивната продажба“.
Понатаму, Судот утврди дека во член 4 од Законот за заштита од пушењето е предвидено дека „се забранува рекламирање на цигари и заштитни знаци на цигари и на тутунската индустрија во дневниот, неделниот и месечниот печат, како и во други списанија на радио и телевизија, по пат на филмски дијапозитиви, филмови, паноа, табли, налепници и други форми на странски и домашни рекалми на јавни места, на објекти и средства за превоз (сообраќај) по пат на светлечки реклами, книги, календари, облеки, вклучувајќи и спонзорирање на спортски, културни, забавни и други јавни приредби и манифестации од страна на претпријатија или други правни лица кои се занимават со производство и продажба на тутунски производи се забранува индиректно рекламирање на тутун и тутунски производи што носат име на тутунски производи, а не се тутунски производи.
4. Согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, како и за други прашања утврдени во Уставот, но не и за меѓусебната согласност на законите и меѓусебната согласност на другите прописи од ист ранг во хиерархијата на правните акти.
Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Имајќи ја предвид наведената одредба од член 110 од Уставот на Република Македонија со која е утврдена надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија, како и наводите во иницијативата со кои се бара оценување на меѓусебната согласност на член 35 од Законот за безбедност на храната и на производите и материјалите што доаѓаат во контакт со храната со член 4 од Законот за заштита од пушење, Судот оцени дека барањето на иницијативата излегува надвор од рамките на надлежноста на Судот, поради што е исполнет условот од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.116/2007
19 септември 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи