66/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 126 став 2 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006).

2. Весна Наумова Анастасова и Маја Китанова, од Кавадарци, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на членот 126 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со одредбите на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ број 58/2006) на дипломираните правници со положен правосуден испит и пет (девет) години работа на правна материја кои стекнале право да конкурираат за судии и јавни обвинители до денот на неговото влегување во сила, се оневозможувало да продолжат да бидат кандидати за судии и јавни обвинители под тие услови, и за сите кандидати од пред и по влегувањето во сила на овој закон, бил предвиден нов услов кој требале да го исполнат, односно биле обврзани да посетуваат почетна обука во Академијата за обука на судии и јавни обвинители доколку сакале да конкурираат за избор на судии и јавни обвинители.

Имено, со оспорената законска одредба било уредено преодно решение дека само за периодот од три години по денот на првото стекнување на својството на кандидати за судии согласно со Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители, Судскиот совет 50 проценти од утврдените слободни судиски места за основните судови ќе ги пополнувал со лица кои ги исполнувале условите за судија на основен суд согласно со членот 43 ставовите 1 и 2 од претходно важечкиот Закон за судовите, и кои не ја посетувале почетната обука во Академијата.

Меѓутоа, според наводите во иницијативата, обуката на судии и јавни обвинители во Академијата не би требало воопшто да претставува услов утврден со Законот за судовите кој би ги обврзувал оние кои веќе имале исполнето услови за кандидати за судии и јавни обвинители врз основа на поранешниот Закон за судови, бидејќи тоа претставувало повратно дејство на новиот Закон кој ретроактивно се однесувал на претходните кандидати воспоставувајќи понеповолни услови за кандидатскиот статус.

Имено, врз основа на поранешниот Закон за судовите веќе биле стекнати права на одредени лица за кандидатски статус и тие права не можеле да се менуваат со нови обврски преку ретроактивното дејство на одредбите од новиот Закон за судовите кој ги воспотавил тие обврски.

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот за судовите со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот кој се однесува на владеењето на правото во уставниот поредок на Република Македонија и со членот 52 став 4 од Уставот според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по искучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 126 став 1 од Законот за судовите е предвидено до првото стекнување на својство на кандидати за судии согласно со Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители, судиите на основните судови ќе се избираат согласно со условите од членот 43 ставови (1) и (2) на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/1995, 45/1995 и 64/2003).

Според ставот 2 од овој член од Законот, во период од три години по денот на првото стекнување на својство на кандидати за судии согласно со Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители, Судскиот совет 50 проценти од утврдените слободни судиски места за основните судови ќе ги пополнува со лица кои ги исполнуваат условите за судија на основен суд согласно со членот 43 ставови (1) и (2) од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/1995, 45/1995 и 64/2003) и кои не ја посетувале почетната обука во Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 52 став 1 од Уставот е утврдено дека законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Според ставот 4 на овој член од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Со одредбите од Законот за судовите е определено дека судската власт ја вршат судовите во Република Македонија кои се самостојни и независни државни органи. Во судскиот систем судската власт ја вршат основните судови, апелационите судови, Управниот суд и Врховниот суд на Република Македонија.

Во III дел од Законот, кој се однесува на „Судии и судии поротници“, со членот 38 став 1 е уредено дека судиската функција ја вршат судии.

Според членот 45 од Законот, за судија може да биде избрано лице кое ги исполнува следниве услови: да е државјанин на Република Македонија, активно да го владее македонскиот јазик, да е работоспособен и да има општа здравствена способност, да има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Македонија или нострифицирана диплома од правен факултет од странство и да има положено правосуден испит во Република Македонија.

Покрај овие општи услови, со членот 46 од Законот се определени посебните услови за избор на судија, меѓу кои во ставот 1 алинеја 1 е определено дека за судија на основен суд може да биде избрано лице кое ја завршило обуката во Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

Со иницијативата не се оспоруваат условите за избор на судија утврдени со Законот за судовите туку овие услови не требало воопшто да важат за сите кои до влегувањето во сила на Законот за судовите (19 мај 2006 година) веќе имале исполнето услови за кандидати за избор за судии врз основа на условите предвидени со претходниот Закон за судовите („Службен весник на Република Македонија“ број 36/1995, 45/1995 и 64/2003) и кои не ја посетувале почетната обука во Академијата за обука на судии и јавни обвинители, бидејќи тие лица веќе стекнале кандидатски статус за избор.

Според Судот, со оспорената одредба од Законот, за избор на судиите еднакво за сите се третираат условите предвидени со овој закон, а исклучиво во однос на периодот на воспоставувањето на овој правен режим се уредува за време од три години по денот на првото стекнување на својството на кандидат за судии согласно Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители (за што секако е потребен период на обука), Судскиот совет 50 проценти од утврдените слободни судиски места за основни судови да ги пополнува со лица кои немаат почетна обука во Академијата и исполнуваат законски услови кои важеле пред донесување на новиот Закон за судовите.

Поаѓајќи од анализата на оспорената одредба од Законот, Судот утврди дека право на законодавецот е да го уреди воспоставувањето на правниот режим уреден со Законот кој важи по, а не пред неговото донесување и влегување во сила еднакво за сите кои ќе конкурираат за избор на судии во идните односи на вршењето на судиската функција, и во тие рамки законодавецот има право да го уреди и преодниот режим кој исто така го опфаќа периодот не пред туку по влегување во сила на Законот и тој период го определил на 3 години заради процесот на почетната обука во Академијата уреден со посебен закон.

Оттука, според Судот, неможе да се прифати наводот во иницијативата дека оспорената одредба од Законот била неуставна бидејќи го повредувала начелото на владеење на правото и имала ретроактивно дејство. Ова поради погореизнесеното и поради тоа што токму спротивно на наводите во иницијативата со оспорената одредба од Законот преодно со темпорален карактер се воспоставува новиот правен режим за условите за избор на судии во основните судови кој не смее да ја доведе во прашање правната сигурност на граѓаните од страна на вршителите на судиската функција која мора непречено да се остварува со текот на создавањето на кандидати за избор на судии по новопредвидените услови со Законот за судовите кои воедно опфаќаат и обука во посебна Академија. Од друга страна не може да се доведе во прашање и правното дејство на оспорената одредба од Законот, бидејќи таа нема повратно дејство и не задира во настанати односи од минатото пред донесувањето и влегувањето во сила на Законот, туку се однесува на идни односи.

Од овие причини Судот утврди дека врз основа на наводите во иницијативата не може да се постави прашањето на уставноста на оспорената одредба од Законот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.66/2007
12 септември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи