60/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за потврдување на Одлуката за потврдување на Одлуката за укинување на Одлуката за основање на весник на општина Аеродром, бр.07-1834/1, донесена од Советот на општината на 22 март 2007 година и објавена во „Службен гласник на општина Аеродром“ бр.23/2007).

2. Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата донесената одлука била во спротивност со член 8 од Законот за локална самоуправа во кој било предвидено дека органите на општината, комисиите на советот и јавните служби основани од општината се должни, без надоместок да ги информираат граѓаните за својата работа, како и за плановите и програмите кои се од значење за развојот на општината, на начин утврден со статут. Оспорената одлука била во спротивност и со членовите 110 и 111 од Статутот на општина Аеродром во кои бил утврден начинот на информирање на граѓаните.

Основањето на општинскиот весник и неговото бесплатно доставување на жителите на општина Аеродром, било со цел за поефикасно и потранспарентно исполнување на оваа законска и статутарна одредба од страна на општина Аеродром.

Подносителот на иницијативата смета дека донесената одлука е во спротивност со наведените одредби од Законот и Статутот на општината и дека членот 36 од Законот за локална самоуправа на може да претставува основ за донесување на оспорената одлука. Градоначалникот на општина Аеродром согласно член 51 од Законот за локалната самоуправа, донесе решение за запирање на објавувањето на Одлуката за укинување на Одлуката за основање на весник на општина Аеродром, со број 08-775/1 од 9.02.2007 година од причини што членот 2 од Одлуката предвидувала дека истата влегува во сила со донесувањето а ќе се објави во „Службен гласник на општина Аеродром“, што значело дека истата била во спротивност со член 52 од Уставот на Република Македонија, кој предвидувал дека законите и прописите се објавуваат пред да влезат во сила. Во став 3 од истиот член од Уставот се предвидувало дека законите и прописите не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

На својата Педесет и седма седница, одржана на 21 февруари 2007 година, Советот на општина Аеродром донел одлука која што ја насловил како Одлука за потврдување на Одлуката за укинување на Одлуката за основање весник на општина Аеродром.

При разгледување на оваа одлука се утврди дека не станува збор за одлука со која се потврдува Одлуката за укинување на Одлуката за основање весник на општина Аеродром, туку за донесување на нова одлука од причина што со истата се менувал членот 2 од Одлуката за укинување на Одлуката за основање весник на општина Аеродром на начин што зборот „донесувањето“ се заменувал со зборот „објавувањето“.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Аеродром донел Одлука за потврдување на Одлуката за потврдување на Одлуката за укинување на Одлуката за основање на весник на општина Аеродром.

Според член 1 од оспорената Одлука, се потврдува Одлуката со која се потврдува Одлуката за укинување на Одлуката за основање на весник на општина Аеродром, број 07-994/2 донесена на Педесет и седмата седница на Советот на општина Аеродром, одржана на 21.02.2007 година, во која во член 2 зборот „донесувањето“ се заменува со зборот „објавувањето“.

Во член 2 од оспорената Одлука е утврдено дека таа стапува на сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Аеродром“.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеи 3 и 9 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и локалната самоуправа се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според Амандманот XVII точка 1 од Уставот со кој се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот на Република Македонија, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштита на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Според член 8 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), органите на општината, комисиите на советот и јавните служби основани од општината се должни, без надоместок да ги информираат граѓаните за својата работа, како и за плановите и програмите кои се од значење за развојот на општината, на начин утврден со статутот, а според ставот 2 на овој член од Законот, општината е должна на граѓаните да им овозможи пристап кон основните информации за услугите што им ги обезбедува, на начин и под услови уредени со статутот.

Согласно членот 31 од Законот за локалната самоуправа органи на општината се советот и градоначалникот.

Според членот 32 став 1 од овој закон, советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината.

Тргнувајќи од содржината на оспорената одлука, а имајќи ги предвид надлежностите на советот на општината утврдени во членот 36 од Законот, Судот утврди дека советите на општините согласно членот 8 од Законот (информирање на јавноста) се должни да ги информираат граѓаните без надоместок за нивната работа, меѓутоа, ако тоа не се случи како што е случајот со оспорената Одлука со која била потврдена претходно укинатата Одлука донесена од Советот, со која бил основан весник на општина Аеродром, тоа не значи дека Советот постапува спротивно на законските, односно уставните одредби од причини што тоа е политика на Советот и тој има право во рамките на своите надлежности да оцени што може да направи, односно кој начин ќе го избере за информирање на граѓаните. Можно е со повеќе варијанти да се информираат граѓаните, укинување на една таква одлука не би можело автоматски да значи дека во работењето на Советот нема траспарентност, односно граѓаните не се информирани, но тоа сепак е во надлежност на самиот совет да оцени на каков начин ќе ги информира граѓаните за својата работа, задоволувајќи ја на овој начин должноста за информирање утврдена во членот 8 од Законот, во однос на која одредба и се оспорува Одлуката на Советот.

Поаѓајќи од изнесеното, Судот утврди дека со тоа што Советот на општината ја укинал Одлуката со која бил основан весник на општината за информирање на граѓаните без надоместок не значи дека советот не може да најде други форми и начини за информирање, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената Одлука со Законот за локалната самоуправа.

По однос на наводот во иницијативата дека со оспорената Одлука, поточно со членот 1 на оспорената Одлука се вршат измени на членот 2 од Одлуката и тоа: зборовите „донесувањето“ се заменуваат со зборовите „објавувањето“ и со тоа станувало збор за нова одлука, Судот смета дека, исто така, вршењето на измени и дополнувањата на Одлуката е во рамките на надлежностите на советот, и тој има право да врши такви измени како впрочем и е направен во конкретниот случај. Според тоа, не може да стане збор за нова одлука како што се тврди во иницијативата туку за измени и дополнувања на Одлуката за која Советот како доносител на тој акт има право да интервенира, дотолку повеќе што наведената измена е направена согласно членот 52 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.60/2007
12 септември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи