Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 септември 2007 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ членовите 3, 4 и 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2007).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативите на Проф. д-р Венко Андоновски, Прим. д-р Михаил Пенев и Проф. д-р Славејко Сапунов сите од Скопје, со Решение У.бр.28/2007 од 30 мај 2007 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука.
Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорените членови од Законот со членовите 32 и 55 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита во членот 93 по ставот 2 се додаваат два нови ставови 3 и 4.
Според ставот 3 на членот 93 од Законот дозволата за работа на здравствените установи ќе и се одземе за период од шест месеци и во случај ако овозможи на здравствен работник кој не е вработен во установата да укажува здравствени услуги како дополнителна дејност.
Според ставот 4 на членот 93 од истиот закон ако Министерството за здравство, по право на надзор, утврди дека здравствената установа повторно овозможила на здравствен работник кој не е вработен во установата да укажува здравствена услуга како дополнителна дејност, дозволата за работа на здравствената установа ќе и се одземе за период од една до пет години.
Во членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита се предвидува дека во членот 115-а став 1 зборовите: „установа каде што е вработен или во друга здравствена установа која е регистрирана за истата дејност“ се заменуваат со зборовите: „установата каде што се вработени“, а во ставот 3 зборовите: „во која ќе укажува здравствени услуги како дополнителна дејност“ се бришат.
Според членот 5 од истиот закон по членот 115-а се додава нов член 115-б, кој гласи: „Здравствен работник вработен во јавна здравствена установа може да укажува здравствена услуга во друга јавна здравствена установа која е регистрирана за истата дејност врз основа на склучен договор меѓу јавната здравствена уставноа во која е вработен и јавната здравствена уставнова во која ќе укажува здравствени услуги“.
5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото.
Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа и слободен избор на вработување, а според став 5 на овој член од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Од оваа уставна одредба произлегува дека основно право на секој човек е правото на работа, кој при остварување на ова уставно право е слободен во изборот на вработувањето. Тоа значи дека секој сам одлучува каде ќе се вработи и каква дејност ќе врши, а само со законот се уредува положбата на вработените и условите за вршење на одделни дејности. Според тоа, постои уставен основ со закон да се уреди остварувањето на правата на вработените и во здравствената дејност.
Според член 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.
Имајќи го предвид член 39 од Уставот, со кој на секој граѓанин му се гарантира право на здравствена заштита, според Судот право е на државата односно законодавецот да ги определи условите, начинот и средствата за задоволување на здравствените потреби на граѓаните, односно да ја вреднува општествената целисходност на едно или друго решение и да создаде нормативни претпоставки за остварување на уставно загарантираните права на здравствена заштита, па во таа смисла да го разгледа и дополнителното вршење на здравствената дејност, како што постапил во оспорените членови од Законот. Ова особено ако се има предвид што во случајов се работи за дејност од јавен интерес која има своја специфичност и за чие остварување имаат интерес не само граѓаните, туку и заедницата во целина.
Според член 61 став 1 од Уставот, Собранието на Република Македонија како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Република Македонија е овластено да ги уредува условите за вршење на одделни дејности посебно за оние кои имаат своја специфичност, а се од јавен интерес и во кои се остваруваат одредени уставни права на граѓаните, како што е во случајот правото на здравствена заштита. Според тоа, секој што се занимава со одредена дејност е должен да ги почитува правилата утврдени со законот, кои според оценката на законодавецот обезбедуваат порационално и поуспешно вршење на дејноста било за остварување на уставните права на граѓаните и задоволување на нивните потреби и интереси, но истовремено и на заедницата во целина.
Според член 58 став 2 од Уставот, учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон.
Согласно Законот за установите („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2005 и 120/2005) установа е форма на организирање заради вршење на јавна услуга како дејност која не е подведена под трговска дејност утврдена со закон (нестопанска дејност) и која може со закон да биде утврдена како дејност од јавен интерес (член 3).
Според член 4 став 1 од истиот закон установа може да биде јавна, приватна и мешовита.
Според член 6 од овој закон, установа се основа заради вршење на дејност во областа на образованието, науката, културата, здравството, социјалната заштита, детската заштита, заштита на лица со интелектуална или телесна попреченост, како и во други дејности кои со закон се утврдени како јавна услуга.
Имајќи го во вид фактот што укажувањето на здравствени услуги претставува дејност од јавен интерес, Судот оцени дека со определбата на законодавецот здравствената дејност да не може да се врши и како дополнителна дејност, се врши ограничување на уставните права од областа на правото и слободата на работа предвидени во членот 32 од Уставот. Имено, законските решенија во оспорените членови 3, 4 и 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита по оценка на Судот претставуваат директно ограничување и повреда на индивидуалната слобода на работа на една мошне значајна професија во општеството – лекарската – од причина што законодавецот со оспорените членови ги ограничува здравствените работници каде по завршувањето на своето работно време да го користат своето слободно време за давање на здравствени услуги.
Правото на работа е едно од основните права на човекот во нашиот уставен ситем кое претставува суштествена гаранција на економската и социјалната сиггурност. Во својата содржина правото на работа ја опфаќа и слободата на работата што значи и отсуство на секаков вид на ограничување на движењето на човекот во работата и во врска со работата. Слободата на работата, од друга страна пак, значи еден вид забрана на општествените субјекти да му наметнат на човекот работење на определено работно место. Оттука, логично е дека човекот е потполно слободен во поглед на времето, местото, облиците и субјектие со кои ќе го здружи својот труд. Но, оспорените законски решенија токму го чинат спротивното, односно вршат огранаичување на слободата на работа на здравствените работници по истекот на работното време, односно во нивното слободно време кое е на штета и на здравствените работници и на осигурениците. Имено, дополнителната работа, според Судот е само сегмент на работното и професионално ангажирање на граѓаните кое не влијае на остварувањето на правото на работа, поради што право е на секој здравствен работник сам да се определи дали, каде и како ќе дава дополнителни здравствени услуги, што според Судот не може да се допушти таа слобода на работа да се ограничува со закон, како што е сторено со оспорените одредби.
Според Судот, законодавецот при креирањето на оспорените законски одредби не ги имал во вид ниту интересите на граѓаните, кои доколку сакаат здравствените услуги да ги добијат во врвните здравствени установи од врвни специјалисти надвор од работното време и за истите да учествуваат со сопствени средства каде ќе можат да ги добијат ваквите здравствени услуги.
Што се однесува, пак, до наводите во иницијативите дека со дадените решенија во оспорените законски одредби се повредува едно од основните економски основи утрдени во Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото, според Судот се основани. Имено, според Судот оспорените одредби не се во согласност со членот 55 од Уставот, од причини што со законските решенија се фаворизираат одредени јавни здравствени установи, а на тој начин се доведуваат во нееднаква положба останатите јавни здравствени установи. Оттука, врзувањето на здравствените работници да вршат здравствени услуги само во јавна здравствена установа со која има склучено договор, според Судот не е во согласност со економските основи утврдени во Уставот, односно во услови на слобода на пазарот и претприемништвото загарантирани со Уставот.
Имено, според уставната одредба произлегува дека Уставот, определувајќи се за слобода на пазарот и претприемништвото и за заштита на еднаквата правна положба на субјектите на пазарот како темелни вредности на уставниот поредок, обезбедува слободна конкуренција на домашниот пазар и презема мерки за спречување на ограничувањето на конкуренцијата. Но, токму оспорените законски одредби не обезбедуваат слободна конкуренција, со што се повредува основното начело на економските односи.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека во конкретниов случај, оспорените одредби од членовите 3, 4 и 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита не се во согласност со членовите 32 и 55 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.28/2007
12 септември 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи