62/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 12 септември 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВААТ членовите 3, 4 и 5 став 1 од Одлуката за потврдување на Одлуката за утврдување на надоместок на членовите на Советот на општина Аеродром за седници на Советот и седници на работни тела, бр. 07-1798/1 од 20 март 2007 година (“Службен гласник на општина Аеродром” бр.23/2007).

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром, со Решение У.бр.62/2007 од 27 јуни 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите означени во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со одребите од Уставот на Република Македонија и Законот за локалната самоуправа.
Доносителот на Одлуката, до Уставниот суд на Република Македонија, достави одговор на наводите во Решението, број 07-91/1 од 05 септември 2007 година.

5. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Аеродром, на седницата одржана на 21 февруари 2007 година, донел Одлука за утврдување на надоместок на членовите на Советот на општина Аеродром за седници на Советот и седници на работни тела, бр. 07-994/6 од 23.02.2007 година.

Врз основа на член 51 став 1 од Законот за локалната самоуправа, градоначалникот на општина Аеродром, со Решение бр. 08-1226/1 од 26.02.2007 година, го запрел објавувањето на Одлуката.

На наредната седница одржана на 15.03.2007 година, Советот на општина Аеродром, согласно член 51 став 2 од Законот за локалната самоуправа, го разгледал Решението на градоначалникот и одлучил да ја потврди наведената одлука, во која смисла ја донел оспорената Одлука за потврдување на Одлуката за утврдување на надоместок на членовите на Советот на општина Аеродром за седници на Советот и седници на работни тела, бр. 07-1798/1 од 20 март 2007 година.

Според член 1 на оваа одлука, со оваа одлука се потврдува Одлуката за утврдување на надоместокот на членовите на Советот на Општина Аеродром за седници на Советот и седници на работни тела.

Согласно член 2 на истата одлука, на членовите на Советот на Општина Аеродром им се утврдува надоместок во износ од 30% од просечната нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци за присуство на седници, за секоја седница без оглед на нејзиното времетраење.

Според член 3 на оваа одлука, на членовите на Советот на Општина Аеродром им се утврдува надоместок во износ од 30% од просечната нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци за работа на седниците на работните тела.

Согласно член 4 на Одлуката, на членовите на Советот им се исплатува надоместок за патни трошоци во износ од 7% месечно од просечната нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци.

Според член 5 од оваа одлука, оваа Одлука стапува на сила на 1 март, а ќе се објави во ”Службен гласник на општина Аеродром”. Со стапувањето на сила на оваа Одлука, престануваат да важат Одлуките број 07-6958/2 и 07-6958/4 од 21.12.2006 година.

Одлуката е објавена во „Службен гласник на Општина Аеродром“ бр. 23 од 22 март 2007 година.

6. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 9 од Уставот на Република Македонија, владеење­то на правото и локалната самоуправа се утврдени како темелна вредност на устав­ниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почи­тува Уставот и законите.

Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и сите други прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според став 4 од истата одредба, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случај кога тоа е поповолно за граѓа­ни­те.

Според Амандманот XVII точка 1 од Уставот со кој се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот на Република Македонија, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Согласно член 31 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), органи на општината се советот и градоначалникот.

Согласно член 45 од истиот закон, членовите на сове­тот имаат право на надоместок за присуство на седници и надо­ме­сток на патните и дневните трошоци, во рамките утврдени со закон.

Согласно член 100 од Законот, кој се наоѓа во главата XV Преодни и завршни одредби, до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон, членовите на советот ќе при­ма­ат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзи­но­то времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Во членот 50 од Законот се утврдени надлежностите на градоначалникот, меѓу кои спаѓа и надлежноста да ја контролира законитоста на прописите на советот.

Со член 51 од Законот се регулира начинот на контролата на законитоста на прописите пред нивното објавување. Така, согласно став 1 на овој член, ако градоначалникот смета дека прописот на советот не е во согласност со Уставот и законите, должен е во рок од седум дена од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето. Според ставот 2 на истиот член, советот е должен, во рок од 15 дена од денот на објавувањето на решението од ставот 1 на овој член, да го разгледа решението и да одлучи по него. Во ставот 3 на истиот член се утврдува дека ако советот го потврди прописот, градоначалникот е должен да го објави и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија. Според ставот 4 на овој член, за поднесената иницијатива од ставот 3, градоначалникот е должен да го информира министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа.

Од анализата на членовите 45 и 100 на Законот за локалната самоуправа произлегува дека законодавецот за членовите на советот утврдил право на надоместок за присус­т­во на седници, кој го ограничил во висина до 30% од просеч­ната нето месечна плата во Република Македонија исплатена во пос­ледните три месеци, како и утврдил право на надо­мест на патни и дневни трошоци кои ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Со наведените одредби, како ни со другите одредби од Законот, не се утврдува право на членовите на советот на посебен надоместок за работа на седници на работните тела.

Според тоа, Судот утврди дека Законот за локалната самоуправа утврдува право на членовите на советот на единствен и лимитиран надоместок за присуство на седници, кој ги опфаќа седниците на советот и седниците на работните тела, а не предви­дува посебни надоместоци за присуство и работа на овие седници, како што тоа е определено во оспорената одлука.

Оттаму, анализирајќи ја содржината на оспорената одлука во однос со одредбите од член 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, Судот утврди дека членовите на Советот на општина Аеродром имаат право на надо­месток за присуство на седници утврден со закон, како што е определено во член 2 од Одлуката, а не и право на посебен надоместок за работа на седници на работните тела, од каде произлегува дека членот 3 на Одлу­ката, кој утврдува вакво право, не е во согласност со наведените законски одредби.

Во однос на висината на патните трошоци кои им се признаваат на членовите на советот, законодавецот упатува на примена на прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Согласно член 13 став 1 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2007 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 139/2006), државните службеници имаат право на надоместок за превоз до и од работното место по претходно дадена писмена изјава во случај кога местото на живеење е оддалечено над 2,5 км од работното место, но не повеќе од 900 денари месечно.

Оттука, анализирајќи ја содржината на членот 4 од оспорената одлука во однос на членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, произлегува дека висината на надоместокот на патните трошоци на членовите на Советот на општина Аеродром, се определува без да се има предвид наведената законска регулатива. Ова од причина што во наведените законски одредби се утврдува правото на патни трошоци на членовите на советот да се определува врз основа на прописите кои се однесуваат на државните службеници, а кои прописи не предвидуваат исплата на надоместок на патни трошоци во процентуален износ од просечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, како што се определува во оспорената одлука. Поради тоа Судот утврди дека членот 4 од оспорената одлука не е во согласност со членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа.

Имајќи предвид дека оспорената одлука е донесена на 15 март 2007 година, објавена е во „Службен гласник на општина Аеродром“ бр.23 од 22 март 2007 година, а согласно оспорениот член 5 став 1 од Одлуката, се предвидува нејзина примена од 01 март 2007 година, односно наместо по објавувањето, се утврдува повратно дејство на нејзината примена, Судот оцени дека Одлуката не е во согласност со членот 52 став 1 од Уставот.

Освен тоа, според оцена на Судот, во овој случај не станува збор за повратно дејство што е поповолно за граѓаните како што определил членот 52 став 4 од Уставот, туку за повратно дејство поповолно за конкретно определен помал број на лица – членови на Советот на општина Аеродром, поради што Судот утврди дека оспорената одлука не е во согласност со оваа уставна одредба.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.62/2007
12 септември 2007 година

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи