У.бр.85/2007

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3 од Законот за воздухопловство („Службен весник на Република Македонија“ бр.14/2006 и 24/2007).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, законската одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 118 од Уставот на Република Македонија, “затоа што меѓународните воздухопловни стандарди, препорачаните практики и легислативата на ЕУ, ИЦАО, ЕЦАЦ, ЈАА/ЕАСА и ЕУРОЦОНТРОЛ не може да претставуваат непосреден извор на правото … според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија сите прописи мораат да бидат во согласност само со Уставот и со закон, а не како што е тоа пропишано во оспорената законска одредба“.

3. а) Судот на седницата утврди дека оспорената одредба е систематизирана во Првиот од единаесет дела на Законот посветен на основните определби.

Во оспорениот член 3 став 1 од Законот се определува дека „Подзаконските прописи предвидени со овој закон се изготвуваат во согласност со меѓународните воздухопловни стандарди, препорачаните практики и легислатива на ЕУ, ИЦАО, ЕЦАЦ, ЈАА/ЕАСА и ЕУРОЦОНТРОЛ.“ Според оспорениот став 2 од истиот член на Законот „Меѓународните стандарди, регулативи, упатства и препорачани практики на кои подзаконските прописи вршат само упатување, директно се сметаат за прифатени и се применуваат.“

Инаку, ЕУ значи Европска унија, ИЦАО – Меѓународна организација за цивилно воздухопловство (член 4 точка 31 од Законот), ЕЦАЦ – Европска конференција за цивилно воздухопловство (член 4 точка 26), ЈАА/ЕАСА – Здружени воздухопловни власти (член 4 точка 38), ЕУРОЦОНТРОЛ – Европска организација за безбедност на воздушната пловидба (член 4 точка 27).

Освен тоа, изразите „прифатени стандарди и препорачани практики“ значат стандарди и практики кои се дел од воздухопловните прописи на Република Македонија (член 4 точка 67 од Законот).

б) Судот исто така утврди дека на 9 јуни 2006 година во Луксембург е склучена, а на седница на Собранието на Република Македонија од 26 февруари 2007 година е ратификувана со закон Мултилатералната спогодба помеѓу Европската заедница и нејзините земји членки, Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Република Хрватска, Република Македонија, Република Исланд, Република Црна Гора, Кралство Норвешка, Романија, Република Србија и мисијата на Обединетите нации за привремена администрација на Косово за основање на Европска заедничка воздухопловна област („Службен весник на Република Македонија-Меѓународни договори“ бр.27/2007);

Во став 3 од Преамбулата на означената спогодба се наведува дека договорните страни се согласуваат дека правилата на Европската заедничка воздухопловна област се засноваат на соодветните прописи на Европската заедница наведени во Анекс I од оваа спогодба;

Во Анекс I од Спогодбата се набројани регулативите и директивите на Европската заедница, систематизирани по потесни области:
А. за пристап на пазарот и сродни права:
(1) регулатива (ЕЕЗ)бр.2407/92 …во врска со овластување на авиопревозниците;
(2) регулатива (ЕЕЗ)бр.2408/92…во врска со пристап на авиопревозниците на Заедницата до воздушните линии во Заедницата;
(3) – (6) …
Б. за организација на воздушниот сообраќај:
(1) регулатива (ЕЗ) бр.549/2004 … во врска со рамката за создавање на Единствено европско небо;
(2) – (6) …
В. за воздухопловна безбедност:
(1) регулатива (ЕЗ)бр.3922/91 … во врска со усогласување на техничките услови и административните процедури во областа на цивилното воздухопловство;
(2) – (9) …
Г. за воздухопловно обезбедување:
(1) регулатива (ЕЗ)бр.2320/2002 … во врска со правилата на обезбедувањето на цивилната воздушна пловидба;
(2) – (5) …
Д. за животна средина:
(1) директива 89/629/ЕЕЗ … во врска со ограничување на емисиите на бучава од млазни авиони;
(2) – (4) …
Ѓ. за социјални аспекти:
(1) директива 89/391/ЕЕЗ … во врска со мерки за подобрување на безбедноста и здравјето на работниците на работа;
(2) – (3) …
Е. за заштита на потрошувачите:
(1) директива 90/314/ЕЕЗ … во врска со патувања, одмори и тури организирани од туристички агенции;
(2) – (6) …
Ж. за други законски прописи:
(1) регулатива (ЕЕЗ)бр.2299/1989 … во врска со правила за работа на компјутерски системи за резервација;
(2) – (6) …

Во Протокол V од Спогодбата се утврдува динамиката на усогласување на правилата меѓу Европската заедница и земјите членки, од една страна, и Република Македонија, од друга страна (две фази, и по наведените области);

Во Спогодбата се наведуваат одредби и од други меѓународни организации, не само од ЕУ (Чикашката конвенција за цивилно воздухопловство на ИЦАО – член 2 став 1 точка (и); Документ 30 на Европската конференција за цивилно воздухопловство ЕЦАЦ – член 2 од Протоколот V на Спогодбата; …)

Според член 192 став 3 од Законот за воздухопловство „Доколку меѓународните договори кои ги ратификувала Република Македонија содржат одредби кои се разликуваат од одредбите на овој закон и подзаконските акти донесени врз основа на овој закон, тогаш ќе се применуваат одредбите од меѓународните договори.“

4. Според член 118 од Уставот на Република Македонија, „меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.“

Од изнесената уставна одредба произлегува дека ратификуваните меѓународни договори односно правилата содржани во нив се дел од правниот поредок на Република Македонија, при што тие правила не можат да се менуваат еднострано со закон.

Со оглед на тоа што наведената мултилатерална спогодба е ратификувана со закон и правилата од таа спогодба станаа дел од правниот поредок на Република Македонија (што се утврдува и со член 4 точка 67 од Законот), како и што Законот за воздухопловство определува разработувањето (член 3 став 1 од Законот) или директното применување на меѓународните правила (член 3 став 2 од Законот) да се врши со подзаконски прописи, при што подзаконските прописи мораат да бидат во согласност со ратификуваните меѓународни правила, во споротивно нема да важат ( член 192 став 3 од Законот), Судот оцени дека оспорената законска одредба е во согласност со член 118 од Уставот на Република Македонија, а поради тоа и со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а во однос на член 3 став 2 од Законот со мнозинство гласови.

У.бр.85/2007
12 септември 2007 година
С к о п ј е
лк/Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи